Македонија
Битиќи: Формирањето на мешовита комисија за интеркултурализам со Црна Гора ќе ги унапреди односите помеѓу двете држави

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските сектори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски се сретнаа со Људмила Мила Поповиќ, в.д. генерален директор на Директорат за интеркултурализам при Министерство за човекови и малцински права на Црна Гора.
На средбата се разговараше за формирање заедничка владина комисија за интеркултурализам и општествена кохезија меѓу Северна Македонија и Црна Гора, што се оцени дека ќе претставува дополнително унапредување на одличните политички односи помеѓу двете држави.
Се разговараше за значењето на вредностите и принципите на интеркултурализмот и за потребата од нивно ширење помеѓу и во земјите од Балканот, при што заеднички беше оценето дека тие може да дадат позитивен допринес за зајакнување на безбедноста, соработката и општествената кохезија.
Битиќи ги посочи позитивните македонски искуства, како држава која прва има донесено и реализирано национална стратегија, за периодот 2020-2022, а во февруари 2024 донесе и нова, со втор тригодишен циклус, стратегија за интеркултурализам и општествена кохезија со која се промовира нашиот оригинален концепт за едно општество за сите врз принципите на интеркултурниот дијалог.
Оцени дека формирањето на мешовитата комисија за интеркултурализам би била клучна за размена на искуства и значително ќе придонесе за квалитетот и интензивирањето на билатералната соработка меѓу двете држави и ќе ја промовира идејата за единство во различностите и унапредувањето на човековите права, зајакнување на општествената кохезија преку која можат да се надминат специфичните, но и глобалните предизвици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Прекинато водоснабдување во дел од Карпош

Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека денеска на ул. Будимпештанска 26А поради дефект во шахта (промена на вентил од ф 3/4), со прекинато водоснабдување ќе бидат ул. Осло, Хашка, Будимпештанска и дел од Женевска.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:30 часот до завршување на работните активности.(општина Карпош)
Македонија
Денес втора седница на Советот за безбедност

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја свика втората седница на Советот за безбедност што ќе се одржи денес, 1 август, со почеток во 12 часот.
Членови на Советот за безбедност по функција се: Африм Гаши, претседател на Собранието; Христијан Мицкоски, претседател на Владата; Панче Тошковски, министер за внатрешни работи; Владо Мисајловски, министер за одбрана; Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија и тројцата членови, именувани од претседателката: Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска-Јорданова и Владо Спиридонов.
На втората седница на Советот за безбедност, на покана на претседателката Сиљановска-Давкова ќе присуствуваат и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски; директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Македонија
Сончево време со температура до 34 степени

Времето денес ќе биде потопло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 34 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 33 степени, јавува УХМР.
Во деновите од викендот ќе преовладува сончево и потопло време со мала до умерена облачност. Ќе има услови за локална појава на пороен дожд и грмежи. Во понеделник на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а од вторник се очекува стабилизирање на времето.