Македонија
Силјановска Давкова за извештајот на „Фридом Хаус: Не бива реформатори од луѓе потонати во корупција и криминал
Изборната кампањата за претседател на Република Македонија на кандидатката Гордана Силјановска Давкова вечерва, продолжи со митинг во Кичево, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во својот говор Силјановска Давкова порача:„Претседателот откако вчера ме пофали, не знам дали чувте, дека сум била одлична професорка, дека сум била врвна интелектуалка и дека сум имала силна морална вертикала, па затоа кога ќе победел, ќе ме предложел за уставна судијка.
Јас имам проблем. Не ќе може да го предложам за Уставен суд бидејќи критериумите што јас ги имам за уставен судија се многу високи.
Но, добро е што тој имаше момент на вистината. Меѓутоа, познавајќи го, се плашам само да не го смени мислењето и набрзо да го негира она што го кажал. Но, за мене зборот е збор, прв, како во Библијата или, како што би рекле Албанците, беса. Јас ќе се држам до мојот збор. Тешко носам одлуки, меѓутоа кога ќе решам, ги исполнувам, и, се разбира, мора луѓето да знаат што рекол некој, што направил и дали има конзистентност, дали има доследност зошто ако нема, нема да има почит и нема да бидат горди на таквите луѓе.
А, ние имаме потреба да се идентификуваме со луѓе од збор, со луѓе од знаење, со луѓе кои се почитувани не само дома туку и надвор. Луѓе кои што го кажуваат тоа што го мислат, а не тоа што некој однадвор сака да го чуе. Добро е понекогаш да им укажете и на недоследноста. Никој не Ве цени ако себе не се цените. Затоа ние мора да направиме промени“, истакна таа.
Силјановска Давкова го коментираше и денеска објавениот извештај на „Фридом Хаус“ каде што Македонија бележи уназадување во демократијата, па истакна „веројатно мнозина од Вас видоа што пишува Куќата на слободите за состојбите во Македонија. Вели дека ова е режим, цикличен, хибриден, циклично хибриден режим, значи се вртиме во круг, во кој што институциите се слаби, има повеќе партии, има избори, ама најмногу има корупција и криминал и тоа во највисоките врвови.
И замислете сега тие, кои сместени во највисоките врвови на власта и добиле епитет на корумпирани и криминализирани, сега ќе ја реформираат Македонија. Не бива реформатори од луѓе потонати во корупција и криминал“, додаде Силјановска Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

