Македонија
(Видео) Мисајловски: Сплотени заедно од Шуто Оризари повикуваме дека е време за промени и за поддршка на Гордана Силјановска-Давкова

Денес сме во Шуто Оризари да се видиме со нашите пријатели заедно со нашите коалициони партнери од нашата коалиција „Твоја Македонија“ кои што со години се со нас и постојано ни ја даваат поддршката насекаде, истакна Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 2.
„Благодарен сум што имаме вакви коалициони партнери односно што ВМРО-ДПМНЕ има пријатели насекаде.
Денеска имавме убави средби тука со жителите на Шуто Оризари каде што може да се види дека животот е навистина се потежок и потежок.
Но од друга страна драго ми е што гледам оптимизам и позитивна енергија за промени. Сите сплотени заеднички повикуваме на поддршка за Гордана Силјановска Давкова“, рече тој.
Време е за промени порача Мисајловски од Шуто Оризари.
„Сите тука и од Шуто Оризари повикуваме дека време е за промени дека Македонија треба да биде повторно горда и на секој еден човек да му се помага, независно каде се наоѓа, дали е Македонец, Ром или нешто друго. Важно е сите сме луѓе сите да си помагаме еден на друг но за ова да се случи ни треба голема масовна мобилизација и поддршка од сите граѓани, за да го направиме ова сите на 24-ти треба да гласаме за Гордана Силјановска Давкова и потоа на 8 мај за да ставиме печат“, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 2.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тоневски: Пробиштип ќе добие нова населба за млади брачни парови, градски базен и Дом за стари лица

Кандидатот за градоначалник на општина Пробиштип, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Тоневски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека се потребни промени во општината бидејќи нема реализација на ниту еден капитален проект изминатите осум години.
„8 години изгубивме! 8 години без ниту еден капитален проект! Ајде самите се запрашајте, колку проекти се направија овие 8 години, од празна земја до функционален објект? Ниту еден! Заедно со вас граѓаните, ја подготвивме програмата за развој на Пробиштип. Составена од над 160 проекти, со јасни чекори и мерки. Ќе направиме нова индустриска зона за незагадувачка индустрија. Ќе изработиме Водич за инвеститори. Ќе привлечеме нови инвестиции, нови компании“, рече Тоневски.
Тоневски истакна дека Лесново и Пониква ќе станат туристички атракции, а воедно и дека за младите ќе се направи нова населба и општината ќе добие нов базен и Дом за стари лица.
„Лесново и Пониква се нашите туристички бисери. тие ќе станат вистинска туристичка атракција. Во Пониква ќе изградиме детско одморалиште за летни и зимски кампови за нашите ученици. За младите ќе направиме нова населба, со плацови од 1 евро за квадрат и со намалување на комуналиите за младите брачни парови до 35 годишна возраст. Ќе го реконструираме игралиштето во Злетово, ракометното и повеќенаменското игралиште во Пробиштип. Сега, Пробиштип ќе добие нов градски базен. Зградата на поранешниот Интернат ќе ја реконструираме во Дом за стари лица, На секое семејство ќе му помогнеме со субвенции за клими, замена на прозори и енергетски ефикасни фасади“, вели Тоневски.
Македонија
Гаши-Пелегрини: Словачка останува силен поддржувач на европскиот пат на Северна Македонија

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска во Собранието оствари средба со претседателот на Словачката Република, Петер Пелегрини, кој престојува во официјална посета на нашата земја.
Во пријателска и конструктивна атмосфера, соговорниците ја потврдија одличната билатерална соработка меѓу двете држави и изразија подготвеност за нејзино дополнително унапредување на сите нивоа.
Претседателот Гаши му посака добредојде на претседателот Пелегрини и истакна дека континуитетот на политичкиот дијалог и долгогодишната поддршка од Словачка во рамките на Европската Унија и НАТО претставуваат значаен поттик за Северна Македонија на нејзиниот европски пат.
Тој се заблагодари за конзистентната и принципиелна поддршка на Словачка за европските интеграции на нашата земја, како и за активната улога на Словачка во рамките на Вишеградската група, која е меѓу најгласните поддржувачи на политиката на проширување на ЕУ.
Во рамките на разговорот, Гаши ја поздрави иницијативата на Словачка за поттикнување на економската ресоцијализација на регионот на Западен Балкан, како и потпишувањето на новиот Меморандум за економска соработка помеѓу министерствата на двете земји, кој ќе создаде нови можности за зголемена трговска размена и инвестиции.
Беше истакнато и значењето на Парламентарниот институт при Собранието на РСМ, кој соработува со сличните институции во Братислава, а словачкиот Парламентарен институт има важна менторска улога во процесот на неговото институционално јакнење.
Претседателот Пелегрини, од своја страна, уште еднаш ја потврди поддршката на Словачката Република кон Северна Македонија, нагласувајќи дека ја смета нашата земја за искрен и пријателски партнер. Тој истакна дека Словачка останува силен поддржувач на европскиот пат на Северна Македонија и, како инвеститор во земјата, ќе продолжи да придонесува за нејзиниот институционален и економски развој. Пелегрини додаде дека ваквите односи сигурно ќе се продлабочуваат во сите сегменти на соработката и во годините што следат.
На крајот, двајцата соговорници се согласија дека парламентарната дипломатија претставува суштински сегмент во развивањето на пријателските односи меѓу двете држави, како и дека постои простор за продлабочување на соработката во културата, образованието и економијата.
Македонија
Сиљановска-Давкова по средбата со Пелегрини: Словачка е една од нашите најверни и најпосветени поддржувачи

Словачка е една од нашите најверни и најпосветени поддржувачи, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција со словачкиот претседател Петер Пелегрини, кој е во посета на Македонија.
„Како што знаеме со Словачка нѐ врзуваат заедничкото наследство на Светите браќа Кирил и Методиј, блиски културни односи, сестрано и долготрајно пријателство. Денеска реков, ако сум јас еден од основачите на Европското движење во моментот на распаѓањето на Југославија, Словачка е државата којашто финансиски сѐ уште ја поддржува Европската конвенција на која се најдоа најважните прашања врзани за реформите“, рече таа.
Претседателката кажа дека политичките односи со Словачка се исклучително добри и дека таа посакува економска подобра соработка.
„Најважното за нас: Словачка е еден од нашите најверни и најпосветени долгогодишни поддржувачи на европската интеграција, со кристално јасна заложба за потребата од проширување на ЕУ. Тоа не го прави само во рамките на Вишеградската група, туку и со активното учество во Групата пријатели на Западен Балкан, меѓутоа еве и на денешната средба. Нема подобро чувство од тоа да видите како претседател на земја – членка на Европската Унија ви изразува јасна поддршка на европскиот пат. Многу ме радува што обајцата делиме став дека проширувањето мора да се темели на Копенхагенските критериуми од кои не треба да бегаме. Значи да е засновано на заслуги и да е засновано на резултати. Да не зависи од дополнителни, ирационални политички условувања, коишто на некој начин го узурпираат процесот на евроинтеграцијата“, рече Сиљановска – Давкова.
Таа се осврна и на геополитичка и безбедносна состојба на ризик на Европа.
„Јас сум многу свесна за актуелната геополитичка и безбедносна состојба на ризик на Европа, ризикот од создавање на политички вакуум којшто може да биде искористен од трети страни и токму тоа му го предочив на претседателот дека – кога се укажува со право на опасноста од политички влијанија однадвор, од трети страни, мора да се знае дека не постои никогаш празен политички вакуум. Вакуумот секогаш некој ќе се обиде да го пополни, но најдоброто решение за оневозможување на било каков вакуум и политичко влијание од трети страни е да се реинтегрираме во Европската Унија, да имаме јасни гаранции дека таму ни е местото. Така фактот дека ние географски, историски, културно, отсекогаш сме биле дел од Европа ќе се заокружи природно и политички. Така ние ќе се вратиме таму каде што сме биле, во Европа“, рече претседателката.