Македонија
Бочварски: Инвестираме 1 милион евра за развој на патната инфраструктура во Кочани
Источниот регион доби нов лик, буквално нема патен правец кој не е реконструиран изминативе години. Министерството за транспорт и врски во континуитет работи на модернизација на регионалната, но и локалната патна инфраструктура во сите општини, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој беше во работна посета на општина Кочани.
Министерот Бочварски изврши увид во реконструкција на локалната улица Борис Трајковски, која се реализира со проектот за поврзување со локални улици и патишта преку Министерството за транспорт и врски за која се инвестираат 12 милиони денари.
Во општина Кочани преку Министерството за транспорт и врски се инвестира 1 милион евра за реконструкција на пет локални улици.
„Нашите одлуки носат посакувани резултати за граѓаните, а тоа се подобри услови за живот и подобар животен стандард. Тука во Кочани инвестираме 1 милион евра за подобрување на локалната патна инфраструктура, а денеска извршивме увид во улицата Борис Трајковски каде инвестираме 12 милиони евра. Сакам да најавам дека веднаш по завршување на оваа улица, продолжуваме и со реконструкција на улицата Гоце Делчев, тука во централното градско јадро, инвестиција од 15 милиони денари. Претходно во Кочани ги реконструиравме улиците Тодосија Паунов, Гошо Викентиев и Радо Кратовче со што значително ги подобривме сообраќајните решенија и улици низ градот. Покажавме подотвеност и одговоривме на барањата на граѓаните од Кочани. Тука сме да даваме поддршка и да ја оправдаме довербата која токму тие ни ја даваат.“ – изјави министерот Бочварски.
Преку овој проект Министерството за транспорт и врски директно инвестира средства во висина од 70 милиони евра во општините, а до сега реконструиравме над 180 локални улици и патишта во преку 60 општини низ државата.
При денешната посета на општина Кочани, министерот изврши увид и во социјалната зграда од каде најави распределување веднаш после изборниот процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Куновска по оставките во СДСМ:„Сите дома, тој останува“
Поранешната пратеничка и функционерка во СДСМ, Софија Куновска, на „Фејсбук“ објави критички статус откако вчера, на барање на партискиот лидер Венко Филипче, оставка поднесоа сите членови на раководството на СДСМ – освен самиот Филипче.
Во статусот, Куновска поставува низа прашања за тоа дали партијата „драматично тоне“ под негово водство и дали, како што пишува, самостојно ја водел кадровската политика во партијата, вклучувајќи ги кандидатурите за градоначалници и советници, „во консултација со Муртино“.
Таа понатаму прашува дали Филипче ги обликувал сите политики, изборот на тим и фирма за кампања, како и дали, без согласност на партиските органи и без координација со пратеничката група, пишувал резолуции и се нудел за широка коалиција „што јавно, што скриено“, при што, како што наведува, „постојано се туркал во прегратките на Мицкоски“.
„Исход, сите дома, тој останува“, пишува Куновска.
Таа додава дека, доколку тоа „уште еднаш помине кај интелектуалците и членството во СДСМ“, партијата ќе продолжи да се задолжува „додека не се потроши и зградата“, а сите ќе станат средство „во функција на личните интереси на неколку криминални ликови“, чии дела, според статусот, треба да застарат.
Куновска напиша и дека, според неа, Филипче „никогаш немал на памет идеја дека е дојден да победува СДСМ“, додавајќи дека „цената за овие туѓи бели дворови ќе ја плати не само СДСМ, туку и ВМРО–ДПМНЕ и сите граѓани на Македонија“.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ние како мнозинство немаме од што да бегаме, ќе се расчистат сите прашања поврзани со трагедијата во Кочани
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, изјави дека во периодот кога државата ја воделе СДСМ и ДУИ се закажувале анкетни комисии, но не се обезбедувал кворум. Стојаноски рече дека поради тоа била упатена покана до претседателот на Левица, како и до сите други пратенички групи, да се најде нов датум за седницата закажана за 9 декември.
Тој посочи дека целта е да се договори термин до крајот на годината во кој седницата би се одржала и на кој би можеле да присуствуваат сите поканети, меѓу кои и премиерот.
„Уште еднаш кажувам, ние како мнозинство и како политичка партија апсолутно немаме од што да бегаме“, изјави Стојаноски.
Тој додаде дека се подготвени да ги расчистат сите прашања што ги имаат родителите на загинатите во трагедијата во Кочани, како и прашањата поврзани со претходни трагедии. Според Стојаноски, преку една сеопфатна анкетна комисија може да се дојде до одговори на сите прашања што се поставуваат во општеството.
Додаде дека денеска на собраниска седница, со 84 гласа „за“, беше донесена одлука за формирање на анкетна комисија која ќе ги опфати сите немили случаи и трагедии во кои изгубија живот 138 лица. Комисијата ќе ги опфати случаите со модуларната клиника во Тетово, автобуските несреќи кај Ласкарци и во Бугарија, како и пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Од парламентарното мнозинство посочуваат дека со ваквата одлука покажуваат дека се први кои сакаат овие случаи да се расчистат и одговорноста — законска или политичка — да ја понесе секој што бил виновен за случувањето на трагедиите.
„Она кое што е важно и би сакал да го истакнам, е дека со ова, успеавме да ја прекинеме политичката игра на некрофилство во која што беа западнати СДСМ и Левица сакајќи да добијат политички поени од едни вакви трагедии“, се наведува во изјавата.
Македонија
(Видео) Спасовски: ВМРО-ДПМНЕ гласаше против Анкетна комисија за Кочани – ново разочарување за семејствата
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, изјави дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласале против формирање на Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, иницијатива поднесена од пратеничките групи на СДСМ и Левица и поддржана од Европскиот фронт.
Спасовски посочи дека пратениците кои ја поддржале иницијативата направиле сè што можеле, но, како што рече, владеачкото мнозинство не покажало „ниту емпатија, ниту разбирање, ниту елементарно чувство“ за семејствата на загинатите и повредените.
„Очигледно ова е партиска директива“, изјави Спасовски, додавајќи дека повторно се враќа време на „протест и контрапротест, пленум и контрапленум“. Тој оцени дека мнозинството го вреднува само она што произлегува од нивните редови, без еднаков третман на иницијативите од другите претставници.
Според Спасовски, ваквата одлука претставува „уште едно понижување и разочарување“ за семејствата што ја изгубиле најголемата вредност. „Родителите и семејствата чекаат барем трошка надеж, барем трошка вистина, барем малку човечност“, рече тој.
Тој додаде дека Парламентот пропуштил можност да покаже единство и солидарност.

