Македонија
Европскиот фронт во Охрид, Османи: Опозиција на Европскиот фронт е шовинизмот, кој бара 61 пратеник
Караванот на Европскиот фронт денеска пристигна во Охрид. Кандидатот за претседател Бујар Османи, првиот човек на Демократската унија за интеграција Али Ахмети и координаторот на изборниот штаб за 5-та единица Крешник Бектеши на средбата со граѓаните се заложија за европска и прогресивна иднина.
Османи им се заблагодари на граѓаните за поддршката и ја истакна историската симболика на овие избори. „Сега е моментот да им кажеме не на оние кои сакаат да го нарушат меѓуетничкиот соживот и да го запрат евроинтеграцискиот пат. Целта на Европскиот фронт е еднаквост и правда за сите. Затоа ги обединивме сите заедници“, изјави Османи, додавајќи дека единствената опозиција на Европскиот фронт е шовинизмот, кој бара 61 пратеник.
Во меѓувреме, првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, истакна дека државата има свое место во ЕУ и нареди Северна Македонија да направи уставни измени.
„24 април е референдум. Одлучуваме дали ќе одиме напред или ќе останеме на место. Ние го избравме патот на иднината – интеграција. Затоа што, немаме друга алтернатива. Ако сакаме луѓето да живеат во мир, стабилност и безбедност, земјата мора да влезе во ЕУ“, рече Ахмети.
Ахмети во суперлатив го претстави кандидатот на Европскиот фронт за претседател, Бујар Османи. Во меѓувреме, координаторот Бектеши истакна дека Османи нема конкуренција и дека тој е вистинскиот избор и веќе докажан на сите нивоа, за прв албански претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
РСБСП со апел за внимателно возење за Водици и продолжениот викенд
Со оглед на продолжениот викенд и претстојниот голем верски празник Богојавление – Водици, се очекува зголемување на интензитетот на сообраќајот, особено на патните правци кои водат кон туристичките места каде традиционално се одбележува празникот.
Поради зголемената фреквенција на возила, како и можните неповолни временски услови, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) упатува апел до сите учесници во сообраќајот да постапуваат одговорно и совесно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата и заштита на човечките животи.
РСБСП потсетува на потребата од:
· почитување на сообраќајните правила и прописи,
· прилагодување на брзината на движење според состојбата на патиштата и временските услови,
· да не се управува со возило под дејство на алкохол или други психотропни супстанции,
· навремено информирање за состојбата на патиштата и временската прогноза пред и за време на патувањето,
· соодветна подготовка на возилата за патување на зимски услови и задолжително поседување на пропишана зимска опрема во возилата
· зголемена внимателност кон пешаците, велосипедистите и другите ранливи групи на учесници во сообраќајот.
Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност на сите нас. Со одговорно однесување, почитување на правилата и прописите, меѓусебна толеранција, секој од нас може да придонесе за побезбедни патишта и зачувување на човечки животи.
РСБСП посакува среќни празници и безбедно учество во сообраќајот.
„Празнувај одговорно, пристигни безбедно – секој живот е важен.“
Македонија
Ѓорге Иванов се обрати на Меѓународен симпозиум во британскиот Парламент
Поранешниот претседател, Ѓорге Иванов, учествуваше на Меѓународниот симпозиум за културна дипломатија во организација на Институтот за културна дипломатија и Шкотскиот форум. Настанот се одржа во Парламентот на Обединетото Кралство во периодот од 12-15 јануари 2026 година.
За време на посетата, претседателот Иванов оствари средба со Нус Гани, заменик-претседател (Deputy Speaker) на Долниот дом на Обединетото Кралство.
Иванов се обрати на сесијата „Културна дипломатија во современите меѓународни односи“ (Cultural Diplomacy in Contemporary International Relations), при што се осврна на историското значење на 1776 година како година на раѓање на политичката и економската слобода преку Декларацијата за независност и делото „Богатството на народите“ на Адам Смит. Тој истакна дека слободата не е трајно освоена придобивка, туку одговорност која бара постојана грижа, институционална доверба и активна вклученост на граѓаните. Економската слобода, нагласи Иванов, мора да биде праведна и одржлива, насочена кон подобрување на животот на луѓето, а не кон продлабочување на нееднаквостите. Во таа насока, тој посочи дека моралната и културната димензија на слободата се неопходни за зачувување на човечкото достоинство, при што културната дипломатија има незаменлива улога во градењето дијалог, доверба и меѓусебно разбирање во време на глобални поделби. Според него, токму преку културата, малите и средни држави како Република Македонија можат да ја засилат својата меѓународна видливост, да ја раскажат сопствената приказна и да обезбедат почит во меѓународната заедница.
Во рамките на форумот, Иванов учествуваше и на сесијата „Финансии, отпорност и лидерство во управувањето со современите економии“ (Finance, Resilience and Leadership in Governing Modern Economies).
На настанот учествуваа бројни истакнати меѓународни претставници и членови на двата дома на парламенот на Обединетот Кралство меѓу кои: Мигел Анхел Моратинос, заменик-генерален секретар на Обединетите нации и висок претставник на Алијансата на цивилизациите на ОН (UNAOC); Баронесата Манзила Удин, членка на Домот на лордовите на Обединетото Кралство; Ирина Бокова, поранешен генерален директор на УНЕСКО; Сенаторката Шери Рехман, поранешна министерка за климатски промени на Пакистан; Нихал Саад, директор на UNAOC; Ив Летерм, поранешен премиер на Белгија; Томас Хендрик Илвес, поранешен претседател на Естонија; Алфред Гузенбауер, поранешен канцелар на Австрија; Хасан Диаб, поранешен премиер на Либан; Мохамад Штаје, поранешен премиер на Палестина; Наталија Гаврилица, поранешна премиерка на Молдавија и Младен Иваниќ, поранешен претседавач со Претседателството на Босна и Херцеговина.
Македонија
„Запирање на имигрантските визи од САД – стратешки шамар за домашните вазали“, велат од Левица
„Политиката на едностраното „Стратешкото партнерство“, интерпретирано преку вазалски однос кон САД, резултираше со нов шамар за слугите на империјата, реализиран преку запирање на постапката за имигрантски визи кон Македонија“, велат од Левица.
„Илузијата создавана пред граѓаните, за уживање на некаква поддршка кај т.н „стратешки партнер“, наиде на уште еден удар со суровата реалност. Најголем успех во надворешната политика на политичарите на власт, а и Владата во целост остана фотографиите од трибини или со политичари од шести ешалон на САД, кои немаат никакво влијание на односите помеѓу двете земји.
Потсетуваме дека на оваа одлука на американската администрација и претходеше воведувањето трговски маржи и царини за Македонија, по што во немоќ и коленичење, Владата на Мицкоски донесе одлука за целосно укинување на царините кон САД.
Отстапувањето од децениските позиции на државата, проследени со гласањето против укинувањето на санкциите кон Куба, поддршката на американските резолуции за Украина и поддршка на империјалистичките апетити и интервенции, како последната во Венецуела, само го руши угледот и ги загрозува позициите на Македонија во надворешната политика, без притоа да има апсолутно никаков импакт.
Мицкоски и Муцунски не можат да научат дека вазалскиот однос кон САД не е и не може да биде „стратешко партнерство“.
Ова уште еднаш докажа дека кусогледоста на власта и дипломатскиот аматеризам ја воведоа Македонија во стратешки ќор сокак. Алтернативи за развој на државата надвор од уздите на западниот неоимперијализам постојат. Но, за тоа е потребна промена на надворешно-политичкиот курс и отворање кон перспективите што ги нуди остатокот од светот, политика за која актуелната власт очигледно нема капацитети“, соопштуваат од Левица.

