Свет
(Видео) Детално откриваме како функционира „железната купола“ на Израел која ги собори повеќето ракети како шега – никој во светот го нема ова
Што знаеме досега:
🔵Наставата е прекината во училиштата низ Израел, а компаниите ќе можат да работат „нормално“ со пристап до засолништа во случај на напад.
🔵Бајден разговараше со Нетанјаху во врска со иранскиот напад врз Израел
🔵Борел: ЕУ силно го осудува иранскиот напад врз Израел
🔵Нетанјаху: Пресретнавме, одбивме, заедно ќе победиме
🔵Иран предупреди дека неговиот одговор ќе биде „посилен и порешителен“ доколку Израел возврати по нападот
🔵Јордан и Ирак повторно го отвораат воздушниот простор
🔵Хамас го нарече нападот на Иран „природно право и заслужен одговор“
🔵Г7 попладнево ќе одржи состанок за нападите
🔵Макрон: Нападот на Иран против Израел се заканува да го дестабилизира регионот
Иран лансираше стотици беспилотни летала, крстаречки ракети и балистички ракети. Последните на оваа листа се и најопасни – дури и погодија една база. Израелците соборија беспилотни летала и крстаречки ракети прво со борбени авиони, а потоа и со познатата „железна купола“. Балистичките проектили беа соборени од системот „Стрела“. Наводно, јордански борбени авиони собориле и неколку десетици беспилотни летала, а можеби и неколку крстаречки ракети, пишува „Јутарњи лист“.
Системот за воздушна одбрана „Железна купола“ е еден од основните елементи на израелскиот одбранбен систем. Тој беше развиен од израелските компании „Advanced Defense Systems Rafael“ и Израелската воздушна индустрија, со финансиска и техничка поддршка од Соединетите Американски Држави, кои подоцна ги купија двата системи.
„Железната купола“ првпат беше поставена во 2011 година.
Гаранти за безбедност – „Давидова прашка“ и „стрела“
Со уште два системи – „Давидова прашка“, која штити од ракети со среден дострел и „Стрела“, која е одговорна за пресретнување и уништување на балистичките ракети кои би можеле да пристигнат од Иран – гарантира најголема можна безбедност од сите видови ракетни напади.
Iran missiles intercepted by the Iron Dome system… World War 3 pic.twitter.com/CCYSZpSyuK
— Peché Africa 🇿🇦 (@pmcafrica) April 14, 2024
Во март 2011 година, куполата беше поставена во јужниот град Бершева, на 40 километри од Појасот Газа, со цел да се запрат ракетите на Хамас кои беа дизајнирани по советските ракети „град“.
Секоја батерија има три фрлачи со 20 пресретнувачи кои многу брзо го бараат, лоцираат и го следат движењето на кое било тело во воздухот во радиус од четири до 70 километри. Трошоците за пукање на еден пресретнувач е нешто помалку од 50.000 долари.
Не пресретнува проектили кои не претставуваат ризик за луѓе или имот
„Железната купола“ се потпира на систем на радар и анализа за да утврди дали проектилот што доаѓа претставува закана и го вклучува пресретнувачот само ако проектилот што доаѓа претставува ризик да погоди населено место или важна инфраструктура.
Она што на системот му дава посебна вредност е тоа што не троши ракети-пресретнувачи за проектили кои не претставуваат закана за луѓето или имотот – приватни и стратешки. Пресретнувачот ја уништува ракетата во воздух и на тој начин ја елиминира заканата.
Системот лесно се прилагодува на новите ризици, па дури и на оние кои се уште не постојат физички на предната страна, но може да се очекуваат во догледна иднина.
Дали куполата може да пропадне?
Куполата е особено важна за јужниот дел на Израел, каде што овозможи секојдневниот живот да се одвива послободно и покрај постојаната закана од Појасот Газа.
Експертите наведуваат дека постои опасност системот да пропадне во случај на поодржлив масивен ракетен напад, бидејќи тогаш не можел доволно брзо да открие која од проектилите треба да биде пресретната бидејќи тие се насочуваат кон цели каде што можат да предизвикаат човечки жртви или материјална штета.
🔴(Видео) Анализа: Иран ја нарекуваат „држава-тврдина“, колку е моќна земјата што го нападна Израел?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

