Македонија
Припадници на затворската полиција се сомничат дека му овозможиле на осуденикот да побегне од Идризово – може да добијат и до 10 години затвор
Седумнаесет полицајци се приведени по повеќемесечна предистражна постапка за бегството на затвореникот од Идризово, кое се случи во октомври минатата година. Од нив, шест се сомничат за овозможување бегство, а другите 11 за противзаконско ослободување.
Од Обвинителството информираа дека за петмина постои основано сомнение дека го овозможиле бегството, а шестиот затворски полицаец помагал.
„На 26.10.2023 година, во приватна здравствена установа во Скопје, петмината осомничени – затворски полицајци при КПУ КПД ‘Идризово’ – Скопје како група со умисла, помогнати од шестиот осомничен затворски полицаец – приправник, овозможиле бегство на лице осудено за кривично дело убиство. Додека осуденото лице било на медицински третман во согласност со прописите, било обезбедувано од затворската полиција на КПУ КПД ‘Идризово’. Критичниот ден со придружба на двајца осомничени затворски полицајци лицето се упатило во просторијата за пушење во непосредна близина на болницата. Там, заедно со придружбата поминало околу половина час по што осомничените затворски службеници заминале овозможувајќи му на осуденикот да излезе од просторијата и со автомобил да се даде во бегство. Осомничените не го пријавиле бегството кај непосредните старешини во КПУ КПД ‘Идризово’, ниту тоа го сториле осомничените од втората смена, туку седеле без осуденото лице во празниот апартман во болницата, каде што биле затекнати од полициски службеници од ЕИП при МВР СВР Скопје“, објави Обвинителството.
Воедно, јавниот обвинител против 11 лица води предистражна постапка поради постоење основи на сомнение дека во временскиот период од 19 до 26.10.2023 година сториле продолжено кривично дело противзаконито ослободување лице лишено од слобода по чл. 373 в. в. со чл. 22 од КЗ. Осомничените во текот на престојот на осуденикот како соизвршители, додека биле на смена, го ослободувале осуденото лице што им било доверено на чување, кое непречено без придружба ја напуштало здравствената установа и по повеќечасовно отсуство се враќало назад.
Ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги скријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, денеска, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје му предложи определување на мерката притвор за шестемина осомничени, а за единаесетте лица за кои се води предистражна постапка предложи мерки на претпазливост, и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето; обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган; привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање; забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица и забрана за преземање определени работни активности, кои се поврзани со кривичното дело.
За овие кривични дела, во согласност со македонското позитивно законодавство се предвидени од затворски казни од една до десет години за кривичното дело овозможување бегство на лице лишено од слобода по чл. 372 и од три месеци до пет години за кривичното дело противзаконито oслободување лице лишено од слобода по чл. 373 од КЗ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со претставници од групата на АЛДЕ
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ) од Европскиот Парламент, учесници на меѓународната конференција „Quo vadis Europa 2025?”, што се одржа во Скопје.
Гостите ја потврдија јасната заложба на АЛДЕ за деблокирање на македонскиот евроинтегративен пат, како и брзо и целосно интегрирање на Западен Балкан во ЕУ, преку посегање по креативни решенија во овој исклучително тежок геополитички моментум.
Претседателката, низ призма на принципите и вредностите гарантирани со европските конститутивни акти, презентираше свои видувања и предлози за излез од блокадата.
Гостите изразија не само интерес, туку и подготвеност да помогнат во надминувањето на неодржливиот status quo во којшто се наоѓаме, преку иницирање можни решенија во рамките на Европскиот парламент.
Претседателката го поздрави конструктивниот пристап на АЛДЕ, во духот на европските демократски принципи и вредности.
На средбата присуствуваа Свења Хан, претседателка на АЛДЕ и германска европратеничка, Рик Дамс, потпретседател на АЛДЕ и поранешен претседател на Парламентарно Собрание на Совет на Европа, Весна Пусиќ, прва претседателка на Мрежата на либерали од Југоисточна Европа (ЛИБСЕН) и поранешна вицепремиерка и МНР на Хрватска, Моника Зајкова, претседателката на Либерално-демократската партија и Емил Кирјас, потпретседател на Либералната интернационала.
Македонија
Неправилности и проблеми со „Безбеден град“ ќе се пријавуваат преку специјален пункт или на интернет
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, е задоволен од резултатите од тест-периодот на проектот „Безбеден град“.
Тошковски вели дека граѓаните значително ја намалиле брзината на возење, а бројот на сообраќајни незгоди е во опаѓање.
„Тест периодот покажува дека Македонија има сила да биде нормална земја. Горд сум што македонските граѓани покажаа дека и во тест период кога ќе се вметне едно решение, граѓаните сфатија и го забавија возењето во рамки на главниот град. Граѓаните покажаа дека можат поинаку и дека сега се вистински Европјани. Намалени се бројките на сообраќајки на територија на Град Скопје, а особено на тешки телесни повреди и смртни последици“, кажа министерот.

Граѓаните ќе можат да пријавуваат неправилности и проблеми со системот „Безбеден град“ преку специјален пункт во склоп на управните служби на МВР, интернет-страница и мобилна апликација, најави Тошковски.
Тој нагласи дека се работи на остранување на сите неправилности и од 1 февруари возачите свесно ќе придонесат за безбедноста во сообраќајот.
Македонија
Мицкоски вели дека Обвинителството треба да се позанимава со СДСМ околу изјавите за мигрантите
Премиерот Мицкоски вели дека Обвинителството треба да реагира на изјавите на СДСМ дека ќе се носат мигранти во Македонија. Според Мицкоски, овие изјави претставуваат создавање немир и паника кај граѓаните, што, како што вели, е предвидено во Кривичниот законик.
„Мора тука и обвинителството да се позанимава со оваа тема затоа што во Кривичниот законик ова е еден вид насилство, создавање паника, немир кај граѓаните. Затоа што ако еднаш, двапати, трипати демантиратме и вие континуирано продолжите со оваа тема имате намера и тенденција да создадете несигурност паника и страв кај граѓаните и мора кривично да одговарате за тоа. Еве ќе дојде март нема да има мигранти прифатени како резултат на договор со Велика Британија или било каков друг договор. Ќе дојде и јуни ќе нема мигранти, ќе нема мигрантски кампови и тогаш под 100 илјади гласови ќе бидат од СДСМ и ќе станат маргинална партија, ако тоа им е целта нека продолжат“, истакна Мицкоски.
„Доколку во Македонија се донесат мигранти осудени за сериозни кривични дела, тоа ќе значи директна закана по безбедноста на државата. Во исто време, тоа целосно ќе го закочи европскиот пат, затоа што со евентуален влез во ЕУ повторно би се отвориле вратите кон Унијата – нешто што европските земји сакаат да го спречат. Затоа на ВМРО-ДПМНЕ ѝ одговара Македонија да остане изолирана, рече генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
„Таа е составена од 9 точки, и во неа стои дека се осудуваат дезинформациите за наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови, се потврдува дека такви политики не постојат ниту ќе постојат, се поништуваат сите претходни аранжмани на владата на Заев поврзани со мигрантски кампови и се повикува на одговорен јасен говор, заштита на безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи. Исто така, се констатира дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано согласно важечките закони. Резолуцијата воспоставува јасна државна политика против нелегалната миграција и стапува во сила веднаш по нејзиното изгласување“, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

