Македонија
Џафери – Османи: Северна Македонија во духот на добрососедството, дава поддршка на евроатлантските аспирации на Косово
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во рамки на учеството на конференцијата „Меѓународен форум за жени, мир и безбедност“ во Приштина, оствари средба со претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу.
Меѓу другото на средбата беше потенцирана заложбата на двете земји за развојот на билатералните односи, како и актуелните предизвици на регионален и мултилатерален план, а поврзани со безбедносната состојба и економскиот напредок на регионот и пошироко.
Во фокусот на разговорот беа севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Косово и можностите за нивно унапредување, во сите области од заемен интерес.
Џафери, го реафирмираше ставот дека Северна Македонија во духот на добрососедството, дава поддршка на евроатланските аспирации на Косово, како и поддршка за активно приклучување на Косово во постојани форуми и регионални иницијативи.
Соговорниците разменија мислења за целосна интеграција на сите земји од регионот на Западен Балкан во Европската Унија, потенцирајќи дека тоа значи сигурност, стабилност и севкупен напредок за сите граѓани. Во оваа насока, претседателот на Владата на Северна Македонија, Талат Џафери, истакна дека нашата држава, како земја-членка на НАТО и земја-кандидат за членство во ЕУ, е подготвена да ги стави стекнатите знаења и искуства на располагање на Косово.
Џафери, потенцираше дека Северна Македонија ги следи состојбите меѓу Приштина и Белград и го подржува дијалогот, истакнувајќи дека е потребна конструктивност од двете страни и дека Косово и Србија треба да ги исполнат преземените обврски од Брисел и Охрид.
Премиерот Џафери и претседателката Османи, заеднички констатираа дека мирното решавање на отворените прашања на Западниот Балкан треба да биде апсолутен императив за сите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

