Македонија
(Видео) Ковачевски: Манифестот на СДММ е креација на младите кои сакааат да ја креираат иднината во европска држава
Ние денес се бориме за младите да имаат подобро утре, подобри услови за живот, а Манифестот на СДММ е креација на младите кои сакааат да ја креираат иднината во европска држава, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, на денешната промоција на Манифестот подготвен од Социјалдемократската младина на Македонија.
Во однос на мерките што до сега се преземени за младите, Ковачевски потенцираше дека во изминатиот период се потпиша договор за реновирање на сите студентски домови во државата, неколкукратно се зголеми и се израмни висината на стипендиите кои студентите ги добиваат. Ако порано стипендиите беа од 2.000 до 3000 денари, сега нема стипендија која е пониска од 6.050 денари.
„Така се инвестира во младите. Со 100 милиони евра ги поддржавме домашните компании што значеше нови работни места, 5.000 работни места така се отворија. На тие работни места работат млади луѓе. Сега предвидуваме 180 милиони евра финансиска поддршка. Повторно предвидуваме во ФИТР да можат младите своите идеи да ги реализираат, да формираат свои компании и голем број на мерки кои се однесуваат на субвенционирање на отпочнување на бизнис кај младите со повисоки суми. 8.000 евра да биде субвенција која што ја добиваат за отпочнување на бизнис“, рече Ковачевски.
Ковачевски потенцираше дека секогаш се потребни храбри одлуки за да се направат крупни исчекори за напредок на државата, потенцирајќи дека со доаѓањето на СДСМ на власт, многу работи во државата се променија на подобро.
„Промената на власта донесе демократија, слобода на медиумите, слобода на изразување, што е најважно во едно демократско општество. Донесе економски напредок. Ние денес имаме 50% помала невработеност од тоа што беше 2016. Минималната плата од 8.000, денес е 22.500 денари. Просечната плата е 650 евра од 350 евра. Сите бројки се или дуплирани или триплирани. Младинската невработеност е намалена за 50%. Воведовме мерки кои не постоеја до тогаш. На пример, студентски оброк не постоеше и не можеше да постои затоа што парите се трошеа на стиропор, на споменици, на жални врби во Вардар. Денес секој студент добива 140 денари дневно за оброк, тоа се месечно 50 евра. Потоа, најразлични додатоци за млади, финансиска поддршка за отворање на свои компании и низа на други мерки кои им помагаат на младите да напредуваат во својата лична и професионална кариера“, рече Ковачевски.

Говорејќи за исполнување на стратешките цели, Ковачевски потенцираше дека благодарение на правилните и храбри политики на СДСМ во изминатите седум години, Северна Македонија денес е членка на НАТО, што е огромна придобивка за државата, за сите граѓани вклучително и за младите.
„Вие гледате колку е значајно една држава биде дел од НАТО, со оглед на војните кои се водат, но и со оглед на тоа што во стабилна држава доаѓаат странски инвестиции. Сега имаме дупло повеќе странски инвестиции, затоа има и толку работни места. Денес младите имаат многу повеќе можности за вработување од тоа што имаа пред 32 години. Пред 32 години во Македонија, невработеноста се искачуваше до фамозни 45%. Ние предвидуваме невработеноста да биде 7%. Предвидуваме просечната плата да биде 1.100 евра, минималната плата 600 евра“, рече Ковачевски.
При тоа, Ковачевски посочи дека она што сега е најважно е да се продолжи европскиот пат, како процес кој единствено може да донесе суштински и позитивни промени за државата.
„Северна Македонија ќе стане земја членка на ЕУ, не само заради членство, туку поради обезбедување на повисок животен стандард, заради обезбедување подобро здравство, образование, повисоки плати, подобри работни места, подобри услуги кои ги сакаат и младите и сите други граѓани. Тоа ќе се случи по победата на изборите прво на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, којшто е еден исклучително интегритетен, чесен, напреден политичар кој ги почитува сите подеднакво и со победата на коалицијата за европска иднина предоводена од СДСМ“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара украденото да се врати кај народот
Опозициската СДСМ обвини дека власта спроведува, како што наведуваат, грабеж преку криминални тендери, во време кога во државниот буџет недостасуваат две милијарди евра.
Од партијата посочуваат дека 161 тендер биле доделени на една фирма, 51 тендер на, како што велат, омилената фирма на ВМРО-ДПМНЕ преку општините, девет милиони евра на фирма со двајца вработени, како и 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта на Северна Македонија.
Според СДСМ, станува збор за милионски суми и голем број тендери кои, како што тврдат, завршуваат кај исти фирми.
„Украденото мора да се врати кај народот“, наведуваат од партијата, додавајќи дека за тоа да се случи мора да има одговорност за криминалните тендери.
Од СДСМ сметаат дека одговорноста треба да започне од, како што ја нарекуваат, тендер коалицијата ВМРО–ЗНАМ и дека нема борба против криминалот и корупцијата без одговорност на врвот на власта.
Во соопштението се наведува дека наместо празни зборови за промоција, премиерот Христијан Мицкоски треба да ги повика обвинителите и судиите кои ги поставува и постапките да започнат од 161 тендер, потоа од 51 тендер и од тендерот во Поштата.
Македонија
(Фото) „Водовод“ отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров
Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје, известува, дека со цел да овозможи поголема достапност на услугите за своите корисници, отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров. По тој повод, директорот на претпријатието, Иван Митровски, изврши увид во функционирањето и подготвеноста на новоотворениот наплатен пункт.

„Со отворањето на овој наплатен пункт, на корисниците им се овозможува плаќање на месечните сметки, проверка на состојбата на долгот за потрошена вода и пријавување на состојбата на водомерите.

Наплатниот пункт е лоциран во постоечкиот објект на ЈП Водовод и канализација -Скопје, на улица Ѓорче Петров, до Тинекс маркетот, и ќе работи секој работен ден од 07:30 до 15:00 часот“, соопшти „Водовод“.

Од таму информираат дека наплатниот пункт во Сарај е затворен.
Македонија
Андоновски на средби со технолошки лидери во САД: разговарано за теми од клучно значење за развојот на безбедна дигитална инфраструктура
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посетата на Соединетите Американски Држави ја започна со работна средба со MITRE Corporation, една од највлијателните и најдоверливи институции што со децении работат директно за Владата на САД во областа на сајбер безбедноста и управуваат со повеќе FFRDC центри (Federally Funded Research and Development Centers).
На средбата се разговараше за теми од клучно значење за современата држава и развојот на безбедна дигитална инфраструктура, меѓу кои: вештачка интелигенција и нови технологии со фокус на доверливост и валидација, сајбер безбедност и национална сајбер-отпорност за заштита на критична инфраструктура и државни платформи, дигитално управување и менаџмент на податоци за институционална дигитална зрелост и интероперабилност, како и области со високи безбедносни стандарди – авијација, безбедност и здравствен систем.
Средбата вклучи разговори со Beth Meinert (виш потпретседател и генерален директор), како и со Yosry Barsoum и Shamik Das од MITRE Corporation. Разговорот беше насочен кон тоа како се гради доверба во дигиталната држава, како се поставуваат јасни правила за одговорност и безбедност, и како институциите можат да носат подобри одлуки базирани на податоци, стандарди и мерливи резултати. Министерот Андоновски имаше можност да го посети и иновацискиот центар за истражување на MITRE, известува Министерството за дигитална трансформација.

Во рамки на посетата, министерот Андоновски заедно со владината делегација, која ја сочинуваат Игор Јанушев, Генерален секретар на Владата, и Златко Перински, Министер за локална самоуправа, остварија средба и со претставници на Microsoft, при што разговараа со Коззета Гарет, General Manager for Cyber Security Services во Microsoft, за актуелни предизвици и можности за унапредување на сајбер безбедноста, зајакнување на отпорноста на јавните системи и поддршка на дигиталната трансформација.
Делегацијата во САД ќе присуствува и на Молитвениот појадок, како дел од официјалната агенда на посетата.

