Македонија
Таравари: Бујар Османи доцна се премисли за Отворен Балкан
Кандидатот за претседател на ВРЕДИ, Арбен Таравари, во денешното обраќање на митингот во Желина, меѓу другото, рече дека неговиот противкандидат Бујар Османи сега се сетил да предложи излез од Отворен Балкан, иницијатива на Вучиќ и поддржана од Лавров.
„Денес слушнав дека станал пишман за Отворен Балкан и дека ќе предложи излез на Северна Македонија од оваа иницијатива на Вучиќ, поддржана од Лавров. На Пишман аџијата му велиме дека доцна се расонил. Останавте сами во ист кревет со Вучиќ. Со Вучиќ кој организира терористички напади на Косово и кој се плаши од поразот на ДУИ, затоа што се плаши од промената што ВРЕДИ“, истакна Таравари.
Тој додаде дека со ВРЕДИ ќе има факторизација на државноста на Косово, а не проекти кои се против интересите на Косово.
„Ќе имаме целосна координација со двете албански држави, Албанија и Косово. Ќе ги продлабочиме врските со Тирана и Приштина, бидејќи тие се наши браќа од иста крв. Значи, нема да правиме како мојот противкандидат кој својата прва посета како министер за надворешни работи ја направи во Белград и никогаш немаше билатерална посета на Република Косово“, нагласи Таравари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улиците: Полог и Кочанска, општина Кисела Вода;
– од 08:30 до 16:00 часот, корисниците од населените места и објектите од село Алдинци кон Солунска Глава, општина Студеничани;
– од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Македонско Косовска Бригада, општина Шуто Оризари;
– од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од објектите во околината на зграда бр. 17 на бул. Партизански Одреди, општина Центар;
– од 09:30 до 13:00 часот, корисниците од ул. 6 во село Бардовци, општина Карпош.
Македонија
Непречен сообраќај по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Времето денес облачно со повремени врнежи од дожд и засилен ветер
Времето денес ќе биде променливо облачно и релативно топло со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува засилен до силен ветер од југозападен правец (над 70 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 19 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд, локално пороен. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во утре ќе има преодно стабилизирање на времето. Од недела до вторник ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во понеделник наместа врнежите ќе бидат пообилни и поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен правец (над 70 km/h).

