Македонија
Мицкоски: Пендаровски 5 години не даде став, а вели осудувал криминал, дали сте го слушнале да ги осуди ДУИ или тоа за него се чесни политичари?

После 6 и половина години порази, омаловажувања и срам кои ги трпеа граѓаните во Македонија поради власта на ДУИ и СДС, редно е да ја ослободиме Македонија од овие пранги и да ја направиме и горда и твоја заедно со народот. Да ја вратиме Македонија повторно на народот, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Валандово.
Мицкоски истакна дека денеска постојат граѓани од прв ред и тоа се тие кои орбитритраат околу раководството на ДУИ и нивните измеќари од СДС и тие ги уживаат сите привилегии, за нив не важат закони, местат тендери, го ограбуваат народот, никому сметка не полагаат за тоа што го прават изминативе 6 и половина година и сите ние останатите сме граѓани од втор ред.
Затоа се создава чувство кај младите, кај граѓаните дека не е само економската причина зошто се напушта Македонија, туку и дека нема правда, бидејќи неправда има насекаде. Несигурност, немање перспектива бидејќи има граѓани од прв ред за кои ништо не важи и сите останати сме од втор ред, додаде Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека во минатото СДС продаваа лага за живот и дека ќе донесат едно општество за сите, а сега состојбата е што „Фридом хаус“, реномирана институција вели дека споредено со состојбата пред 6 и половина 7 години уназадуваме и според ниво на корупција и според ниво на демократија.
– Што значи дека слободата е помала, а грабежот на народот не е помал, а парите завршија кај неколкумина во нивните џебови. Тие така го замислуваат животот и општеството за сите. Редеа чевли пред влада и викаа дека се ќе сторат да ги вратат младите кои се иселија, но никој не дојде по своите чевли, но затоа 10 пати повеќе се иселија. Ниту ги вратија младите, и денеска имаме цикличен хибриден режим, изјави Мицкоски.
Мицкоски посочи дека СДС велеа ќе донесат европско здравство, во лажната кампања за референдумот, а во првите 5 држави во светот сме според смртноста за време на пандемијата.
– Тој кој беше најодговорен за здравствениот систем, министерот денеска редејќи сите тие неуспеси, необезбедувајќи основни услови одлучува повторно да се врати во политика и ја злоупотребува професијата лекар и народот, рече Мицкоски.
Мицкоски говорејќи за Стево Пендаровски истакна дека 5 години никаде го немаше, ниту со земјоделците, ниту со пензионерите, ниту со младите, но затоа ќе го слушнете како ја навредува професорката Силјановска Давкова или како ако не е претседател ќе се исели и како ќе каже дека Гоце Делчев е Бугарин.
– Тоа е Стево Пендаровски, човекот кој 5 години не даде став, 5 години анализираше и ќе го слушнете на митинзи како вели не правел криминал и го осудувал криминалот. Дали сте го слушнале Пендаровски изминативе 5 години да ги спомене Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Талат Џафери и дали за него се чесни политичари? Бидејќи нема никаков глас да ја каже нешто за нив кои ја практикуваат политиката по принципот „како до сега“.
Мицкоски посочи дека од една страна е Стево Пендаровски кој на граѓаните им вика дека не сака очи да им види ако не го гласаат, а од друга страна е Гордана Силјановска Давкова, жена борец, сопруга, мајка која во парламентот покажа како треба да се брани македонскиот идентитет.
Секогаш е во врвот во првите тројца дискутанти во Собранието цени 4 години и не само во Парламентот, туку и како професор и експерт таа беше дел од Совет на Европа и Венецијанска комисија и реномирани институции каде и ден денес ја цитираат колеги во нивните научни трудови. А како професор студентите во неколку наврати ја бираа како најинспиративен професор. Затоа ве повикувам на масовна излезеност на 24 април, а потоа и на 8 мај, да ја направиме Македонија горда повторно и твоја, достоинствена, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Петмина добија труење од храна откако јаделе во сендвичарница во Штип

Пет лица пријавиле симптоми на труење со храна по јадење сендвичи со пилешки стек во сендвичарница–киоск во Штип, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Објектот е веднаш затворен до добивање на резултатите од лабораториските тестирања.
Случајот бил пријавен од Центарот за јавно здравје Штип, по што инспекторите на АХВ извршиле вонреден инспекциски надзор кај операторот со храна.
Земени се примероци од инкриминираната храна и брисеви од работните површини. Објектот е времено затворен сè додека не се потврди неговата безбедност со лабораториските резултати – велат од АХВ.
Граѓаните кои се пожалиле на симптоми на труење побарале медицинска помош, а здравствените служби го следат нивното здравствено состојба.
Од Агенцијата нагласуваат дека инспекциските служби ќе продолжат со контроли за да се обезбеди заштита на потрошувачите и превенција на слични случаи.
Македонија
Се бара притвор за одгледувачот на домашен канабис

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Во домот на осомничениот 50-годишник во селото Страчинци, полицијата пронашла 3 откорнати растенија и 99 пресечени, превиткани и исушени гранчиња канабис, како и 41,4 грама марихуана.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие во Тетово, Претор и Куманово

Најмногу дожд во изминатите 24 часа до 08:00 часот се наврнати во Тетово – 19 литри на метар квадратен, потоа во Претор 11 и Куманово 10, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Потоа следи Пожаране со 9 литри на метар квадратен, 8 во Попова Шапка, по 6 во Крушево и Маврови Анови, 5 во Битола, по 4 во Крива Паланка и Лазарополе, по 3 во Скопје-Зајчев Рид, Велес и Охрид, 2 во Прилеп и еден литар на метар квадратен во Тополчани.
Во текот на денот не очекува претежно облачно со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни (над 20 l/m²), проследени со ретки грмежи. Ќе дува слаб со умерен ветер претежно од југоисточен правец, поизразен долж Повардарието.
Најниска температура утрово е измерена на Попова Шапка – шест степени Целзиусови. Во Берово, Крушево и Маврови Анови по 9, 10 во Лазарополе, по 11 во Крива Паланка и Претор, по 12 во Охрид, Прилеп и Струмица, по 13 во Тетово, Битола, Виница и Куманово, по 14 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид и Велес, по 15 во Штип, Демир Капија, Кавадарци и Гевгелија.