Скопје
Герасимовски: Почнува паметното осветление за центарци
Општина Центар ја започна првата фаза од проектот „Смарт сити“ со инсталација на паметни светилки низ цела територија на општината.
Системот го имплементира А1 Македонија преку целосна реконструкција на постоечкото улично осветлување и паралелна имплементација на светилките и паметните ормари. Станува збор за замена на 3982 улични светилки со нова технологија на ЛЕД светилки за паметно мерење и управување со електричната енергија. Инсталацијата на новите светилки започнува од улицата „Димче Мирчев“ близу министерството за внатрешни работи каде денес присутни беа градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и Стевчо Ристески, директор на бизнис продажба и ИКТ на А1 Македонија, како и раководители на информатички сектор на А1 Македонија, надзорни органи, проектни спонзори и лидери и членови на главни работни групи.

Градоначалникот Герасимовски оттаму порача дека преку реализација на овој проект, општината ќе ја унапреди енергетската ефикасност со тоа што ќе оствари заштеда до 70% на потрошувачката на електрична енергија за јавно осветлување и повеќе од 75% на трошоците за одржување на постојниот систем.
„Денеска општина Центар не го најавува туку го започнува поставувањето на новото „смарт“ јавно осветлување за што сум особено горд. Сакам да објаснам зошто е „смарт“ односно паметно јавно осветлување, затоа што станува збор за ЛЕД светилки со технологија за автоматско димирање односно прилагодување на светлината следствено временските услови или зачестениот сообраќај на улицата. Не е потребно време на палење, ладење или зголемување на осветлувањето. Светилките сами се палат и нивното светло се засилува како настапува ноќта. Доколку на улицата нема движење од автомобили или пешаци осветлувањето се намалува но и автоматски се зголемува при забележано движење. Ова значи дополнителни заштеди за општината без зголемување на ризикот за безбедноста на сообраќајот и сигурноста на граѓаните доколку димирањето е во услови на намалена оптичка видливост или вонредно зголемен интензитет на сообраќајот“, рече денеска Герасимовски од Капиштец.

Тој исто така појасни дека новите ЛЕД светилки немаат еколошки штетни материјали, немаат UV зрачење, имаат висок и предвидлив животен век, емитуваат светлина само во видливиот опсег, имаат компактна големина, намалена потрошувачка на електрична енергија, висока светлосна ефикасност, одличен индекс за рендерирање на бои, лесни се за рециклирање, помалку привлекуваат ноќни инсекти и се отпорни на вибрации и удари.

„Инсталацијата на светилките ќе биде извршена во две фази и тоа по урбани заедници. Инсталација на светилките опфаќа демонтажа на старите и монтажа на новите светилки. Предвидени се различни типови на светилки за различни типови на сообраќајници односно дали истите ќе бидат оставени на главни, споредни и резиденцијални улици, пешачки патеки или споредни улици. Покрај замената на старите со новите ЛД светилки ќе бидат поставени и 150 паметни ормари преку кои ќе бидат вклучени група на светилки што ќе се постигне значително подобрување на работењето на уличното осветлување. Во овие улични кабинети ќе има вграден паметен контролер кој ќе биде поврзан со дигитално броило на електрична енергија и ќе може да се вклучи и исклучи мануелно или автоматски со користење на вграден астрономски часовник кој пресметува кога сонцето заоѓа и изгрева“, рече Герасимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси
Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи. Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации.
Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша градоначалникот.
Македонија
(Фото) „Водовод“ отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров
Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје, известува, дека со цел да овозможи поголема достапност на услугите за своите корисници, отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров. По тој повод, директорот на претпријатието, Иван Митровски, изврши увид во функционирањето и подготвеноста на новоотворениот наплатен пункт.

„Со отворањето на овој наплатен пункт, на корисниците им се овозможува плаќање на месечните сметки, проверка на состојбата на долгот за потрошена вода и пријавување на состојбата на водомерите.

Наплатниот пункт е лоциран во постоечкиот објект на ЈП Водовод и канализација -Скопје, на улица Ѓорче Петров, до Тинекс маркетот, и ќе работи секој работен ден од 07:30 до 15:00 часот“, соопшти „Водовод“.

Од таму информираат дека наплатниот пункт во Сарај е затворен.

