Топ
Кривична против Курто Дудуш: за директори на градинка именувал лица што не биле вработени таму
СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против 49-годишниот К. Д., градоначалник на скопска општина поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата по член 353 од Кривичниот законик, извести МВР.
„Во текот на 2020 и 2024 година пријавениот несовесно постапил во извршување на своите овластувања при спроведување управна постапка и ги повредил законските прописи на начин што постапил спротивно на Законот за заштита на децата – член 126. Во 2020 и во 2024 година тој именувал директори на детска градинка, лица што не биле вработени во градинката и покрај тоа што во законот се вели дека именувањето вршител на должноста директор на детска градинка треба да се врши од редот на вработените во детската градинка“, соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одземен имунитетот на судијата Наќе Георгиев – обвинителството отвори истрага против две лица
Обвинителството објави детали за случајот со апсењето на врховниот судија, Наќе Георгиев.
Од тука информираа дека акцијата за апсење следела по пријава од син на обвинет во предмет што се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Обвинителството објави дека донесена е наредба за спроведување на истражна постапка судијата и уште едно лице за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик.
„Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот користејќи ја својата службена положба и претпоставено влијание лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот. Предметниот обвинител, вчера вечер покрај предлозите за претрес на повеќе локации, ценејќи дека се исполнети условите до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување на мерката притвор за првоосомничениот. Со оглед на тоа што станува збор за судија во највисокиот суд во државата – Врховниот суд кој ужива имунитет, а кој е фатен in flagranti во извршување на кривичното дело, предлогот преку Основниот кривичен суд е доставен на одлучување до Судскиот совет на РСМ кој во текот на ноќта му го одзеде имунитетот, по што денеска Основниот кривичен суд Скопје ќе одлучува за предложената мерка“, велат од Обвинителството.
Прибраните докази и извршените претреси до овој момент даваат законски основ на предметниот јавен обвинител да предложи притвор само за првоосомничениот кој е затекнат при извршување на кривичното дело“, велат од Обвинителството.
Во однос второосомничениот, како што информираат од Обвинителството, до овој момент доказите не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување. Истрагата продолжува до целосна проверка на сите околности и наводи.
Синоќа по наредба на судија на претходна постапка извршен е претрес во домот на членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети во Тетово и претрес во службените простории на Советот на јавни обвинители.
Македонија
МВР утврди неправилности: забавниот парк со панорамско тркало во Карпош ќе биде отстранет
Постапувајќи по допрен глас дека во Скопје, на подрачјето на Општина Карпош, поточно пред спортскиот центар Борис Трајковски без соодветни документи и потребни дозволи се поставени реквизити за забавен парк меѓу кои и панорамско тркало, полицијата излезе на лице место и презема конкретни соодветни мерки и активности од делокругот на својата надлежност и овластувања.
„Од страна на инспекциските служби поведена е постапка за констатираните неправилности, по што ке бидат преземени конкретни мерки во насока на отстранување на истите, престанување со вршење на активноста, како и дислоцирање на реквизитите“, информираа од МВР.
За случајот, викендов алармираше Град Скопје, од кадешто беше истакнато дека фирмата „Дизниленд реквизити“ од Чаир регистрирана пред само еден месец, без соодветни документи и дозволи, без потребна документација која гарантира безбедност, монтира панорамско тркало и останати реквизити во Карпош пред Борис Трајковски.
„Град Скопје, во рамки на своите надлежности изврши надзор, превзема мерки и го казни правното лице, но тој сепак насилно продожува да работи. Ги повикуваме надлежните институции и апелирам да постапат во најкус можен рок, бидејќи се доведува во прашање безбедноста на децата и на сите останати посетители поради практицирањето на ваквото самоволие“, повикаа од Градот.
Свет
Франција го поддржува Хаг во повикот за налог за апсење на Нетанјаху
Министерството за надворешни работи на Франција соопшти дека ја поддржува независноста на Меѓународниот кривичен суд и неговата „борба против неказнивоста“, во врска за издавање налози за апсење на лидерите на Израел и Хамас.
„Франција го поддржува Меѓународниот кривичен суд, неговата независност и борбата против неказнивоста во сите ситуации“, се вели во соопштението објавено во понеделникот, пренесува Ројтерс.
Додадена е осуда на „антисемитските масакри“ од страна на милитантната група Хамас на 7 октомври, како и можните прекршувања на меѓународното право од страна на израелската армија во Газа.
„Што се однесува до Израел, Советот за претходна постапка ќе одлучи дали ќе ги издаде тие налози, откако ќе ги испита доказите доставени од обвинителот“, се вели во соопштението.
Главниот обвинител на МКС, Карим Кан, во понеделникот побара издавање налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант за „поттикнување глад како метод на војна, вклучително и задржување на хуманитарна помош и намерно таргетирање на цивили во конфликтот“.
Побарани се и налози за апсење на лидерите на Хамас – Јахја Синвар, Мохамед Деиф и Исмаил Ханије за убиство, земање заложници, силување и сексуални напади.
Кабинетот на претседателот на Јужна Африка ја поздрави најавата на обвинителот на МКС дека ќе бара налози за апсење на израелскиот премиер, министерот за одбрана и тројца лидери на Хамас за наводни воени злосторства.
„Законот мора да се применува подеднакво за сите со цел да се поддржи меѓународното владеење на правото и да се повикаат на одговорност оние кои вршат грозоморни злосторства и ги штитат правата на жртвите“, се вели во соопштението од кабинетот на јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса, пренесе Ројтерс.