Култура
Бесплатен влез во музеите и на локалитетите по повод Светскиот ден на спомениците и локалитетите, 18 Април

По повод 18 Април, Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, утре е обезбеден слободен влез во сите национални установи од областа на заштитата на културното наследство, кои ќе бидат отворени во текот на целиот ден, со што граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со археолошките локалитети и спомениците во државава.
Отворени ќе бидат вратите на националните установи: заводи и музеи во Битола, Штип, Охрид, Прилеп и во Струмица; Стоби и Хераклеја; Спомен-куќата на Тоше Проески; Археолошкиот музеј; Националната галерија со сите свои објекти; Музејот на современата уметност; Музејот на македонската борба; Историскиот музеј во Крушево; Музејот на албанската азбука; Уметничката галерија во Тетово; „Д-р Никола Незлобински“ во Струга; Музејот на Западна Македонија во НОВ – Кичево; Музејот на тетовскиот крај; Природонаучниот музеј; Музејот на Северна Македонија; музеите во Куманово и Гевгелија.
Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) во 1982 година го прогласи 18 Април за Светски ден на културното наследство, а ИКОМОС секоја година препорачува тема за прославата и активностите на тој ден организирани од страна на националните и меѓународните научни комитети.
Секоја година темите се актуелни и се однесуваат на подигнување на свеста на јавноста за значењето на светското културно наследство, за заштитата, чувањето и афирмацијата на непроценливото богатство откриено преку археологијата.
Годинашна тема за Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите е „Катастрофи и конфликти низ призмата на Венециската повелба“.
На тригодишното генерално собрание на ИКОМОС во 2023 година во Синдеј, темата „Наследство отпорно на катастрофи и конфликти – подготвеност, одговор и закрепнување“ беше избрана како тема за тригодишниот научен план 2024 – 2027 година. За таа цел, ИКОМОС Македонија во текот на април го разгледува скопскиот земјотрес во 1963 година и неговиот ефект врз културното наследство низ призмата на годинашната тема.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Јовановиќ: Прикажавме силно авангардни и ангажирани филмови на унгарската филмска вечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“ викендов во копродукција со МФФ Киненова беа прикажани унгарските филмови „Три илјади изброени парчиња“ и „Без здив“.
Кинo-проекциите се одржаа во Центарот за култура „Григор Прличев“, а беа дел од Унгарската вечер на фестивалот, која беше поддржана од Унгарската амбасада и Општина Охрид.
– Силно авангардниот и ангажиран филмт „Три илјади изброени парчиња“ во режија на Адам Чаши ја отвори филмската вечер, а продолжи со филмот „Без здив“ во режија на Каталин Молдовај.Настанот привлече бројна публика, а филмот „Три илјади изброени парчиња“ кој е силно ангажиран и авангарден филм сметам дека предизвика силни импресии кај присутите со темата за дискринимација на одредени малцинства во европските општества, вели Небојша Јовановиќ, директор на МФФ Киненова.
Култура
Почина актерот Теренс Стамп, познат по улогата на негативец во филмот за Супермен

Теренс Стамп, британсски актер кој имаше кариера долга шест децении во филмот, почина на 88-годишна возраст, јавува Би-Би-Си.
Стамп, кој беше номиниран за Оскар, глумеше во бројни филмови, а исто така ја играше и улогата на главниот негативец, генерал Зод, во филмовите за Супермен.
Стамп починал утрово, соопшти неговото семејство.
„Зад себе остави извонреден опус, како актер, така и како писател, кој ќе продолжи да ги допира луѓето во годините што доаѓаат,“ изјавија тие.
Култура
Од Венеција до Торонто: ‘Силјан’ на Тамара Котевска ја освојува светската сцена

Долгометражниот документарен филм на Тамара Котевска почнува да се движи по ѕвездена траекторија: по светската премиера на Венеција, својата Американска премиера ќе ја има во официјална селекција на интернационалниот фестивал во Торонто, соопшти Агенцијата за филм.
По историскиот успех на „Медена земја“ – со три награди на „Санденс“ и две номинации за Оскар – и интернационалниот успех на документарецот „Пaтување пеш“ (The Walk), македонската режисерка се враќа на голема врата.
Нејзиниот нов филм „Силјан“ (The Tale of Silyan) ја доби честа да ја има својата светска премиера на престижниот Филмски фестивал во Венеција 2025, а веднаш од таму патува на американската премиера во Торонто, на А категорија фестивал, во официјална натпреварувачка селекција.
Котевска е и режисерка и продуцентка на филмот, кој е реализиран во копродукција со американската компанија Concordia и британската The Cornershop, како и со продуцентите Жан Дакар и Јорданчо Петковски, со кого Котевска го сними својот прв долгометражен филм „Човек против јато“.
Со ова, како што додава Агенцијата, македонската кинематографија уште еднаш гордо чекори на светската филмска мапа.