Македонија
СДСМ: На овие избори одлучуваме за европска иднина на татковината, нема откажување

На овие избори одлучуваме за европска иднина на татковината. Граѓаните сакаат европски стандарди дома, сакаат развиена држава со подобри услови за живот.
На граѓаните им е доста од делби и поделби, не сакаат враќање назад во изолација и незивесност, сакаат и заслужуваат да живеат во европска Македонија, со европски животен стандард, велат од СДСМ.
„СДСМ и Коалицијата за европска иднина имаат конкретен план, волја и знаење, за исполнување на стратешката цел – членство на ЕУ.
Членство во ЕУ, не заради остварување на европски сон, туку заради европски животен стандард, поголеми плати, пензии, подобро здравство, образование, правда. Само со членство во ЕУ се можно суштински и темелни промени во македонското општество“, се додава во нивното соопштение.
Затоа, како што додаваат не смееме да се откажеме. Оценуваат дека патот до ЕУ е тежок но тој е вистинскиот и дека нема откажување од иднината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, попладнево во 16 часот и 14 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, 39 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.7.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово, Гостивар и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
МНР: Амбасадата во Прага е во координација со семејството на Чифлиганец за пренeсување на телото во Македонија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека на 2 август 2025 година, до македонската амбасада во Прага била доставена информација за тешка сообраќајна несреќа во која бил повреден македонскиот државјанин Душко Чифлиганец. Тој управувал мотор кога дошло до незгодата, по што со тешки повреди бил пренесен во болница.
На 3 август, семејството го известило дипломатско-конзуларното претставништво дека Чифлиганец им подлегнал на повредите.
Како што соопштија од МНР, Амбасадата во Прага е во континуирана комуникација со семејството со цел завршување на сите неопходни формалности и организација за пренос на телото во Македонија.
Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.