Македонија
(Видео) „Нема откажување од иднината“ – СДСМ и коалицијата „За европска иднина“ го означија почетокот на кампањата за парламентарните избори
Со настан во Музејот на современа уметност, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Kоалицијата за европска иднина, го означија почетокот на кампањата „Нема откажување од иднината“, за претстојните парламентарни избори.
Со видео обраќање, членот на германската сестринска партија ПЕС, Олаф Шолц, упати јасна порака дека за силна ЕУ е потребен процесот на проширување со Северна Македонија и државите од Западен Балкан.
На настанот, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски се осврна на сработеното во изминатиот мандат на Владата предводена од СДСМ и коалицијата за европска иднина, но и ги потенцира мерките предвидени во програмата на Kоалицијата за европска иднина, опишувајќи ја програмата како реална, остварлива и заклучувајќи дека нема откажување додека секој ред од неа не стане реалност за, како што вели, нашата европска Македонија.
„Во оваа кампања ќе зборуваме повеќе за иднината. Ветуваме просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра. Со влезот во ЕУ проектираме дека ќе достигант до 1.300 евра просечно, односно по 800 евра минимална плата. Обезбедивме по 200 евра прво вработување за млади до 26 години. Првпат во историјата ќе има едноцифрена бројка на невработеност од 7 проценти до крајот на мандатот. За пензионерите ќе обезбедиме просечна пензија од 30.000 денари, минимална од 20.000 денари, зголемени со влезот во ЕУ“, рече Ковачевски.
Toj најави и решителна и поефикасна борба против криминалот и корупцијата.
„Нема да има веќе предмети по фиоки, ќе го спроведеме ветингот на судиите и јавните обвинители, кому му се допаѓало или не. Ќе започне прво од кандидатите на листата на изборната единица 1, ќе продолжи со политичарите, а ќе се зпресели и кај судиите и обвинителите, и сите оние кои изминатите 32 години собраа богатство кое го употребуваат и злоупотребуваат за влијание во системот“, рече Ковачевски.
Најави целосна реформа на судскиот совет и советот на јавни обвинители, драстично зголемување на платите на медицинскиот персонал. Специјалистите, како што ветува СДСМ, ќе добиваат плати до 80.000 денари, општите доктори 120.000 денари, а медицински сестри до 90.000 денари, како и укинување на партиципацијата од 20 отсто за сите граѓани.
Целата програмата на СДСМ за парламентарните избори е на линкот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар – Стража – Кичево
Забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево се укинува од 14.30 часот, соопшти ЈП „Македонијапат“. Забраната беше воведена денеска од 9.40 часот во двата правца на патот поради врнежи од снег.
Забрана за сообрачај на камиони и автобуси од 9.20 часот е воведена за камиони и автобуси на патниот правец крак Шипковица – Попова Шапка и од 5.45 часот за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Како што информира ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег има во Крушево, на Попова Шапка и во Маврово и на планинските превои Стража, Пресека, Буково и Ѓавато.

