Македонија
Спасовски од Куманово: Да ја зачуваме слободата и демократијата и да ја трасираме иднината
Носителот на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, предводена од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, се обрати пред граѓаните на Куманово, во населбата Перо Чичо, како старт за кампањата за парламентарните избори 2024 година.
„Нема поубаво чувство од тоа кампањата да ја почнеш од Куманово, град првоборец, град кој ги постави темелите на современата македонска држава. И оттука ја праќаме пораката дека ќе се избориме за ЕУ заедно и победуваме за сите нас, за сега за претседателските и парламентарните избори и на локалните избори 2025 година! Ние го застапуваме концептот на извесност наспроти безнадежност, ние сме тие со јасна визија каде да се движи Македонија наспроти безизлезноста на другите. Нашиот патриотизам е да работиме упорно и посветено за граѓаните и државата. Нивниот патриотизам е сеење магла и лажен патриотизам“, рече Спасовски. Притоа, тој во своето обраќање ги наведе успесите на СДСМ за изминатиот мандат.

„Јас сум горд за многу работи што СДСМ ги направи во својот мандат. Се измиривме со соседите и нема поголема вредност од тоа да бидете добри со соседите. Концептот Едно општество го надградуваме и најважно е тоа да се измириме дома едни со други, рамо до рамо да бидеме силна поддршка на државата. На дело покажавме патриотизам, во мојот мандат како рпетседател на Владата станавме членка на НАТО и го кренавме македонското знаме пред седиштето на НАТО. Денеска зборуваме за напреодк на економски план, за слободни новинари, за систем во кој наместо 8500 денари минимална плата имаме раст на платата секоја година, со просечна плата 600 евра. Ја укинавме радиодифузната такса, го укинавме екстерното тестирање. Само во Куманово вложивме над 121 милиони евра во патна ифнраструктура, за сите регионални патишта, до Свети Никола, до Крива Паланка, до граничен премин Деве Баир итн. Ветуваме дека со иста енергија, жар и посветеност ќе продолжиме да се бориме за вас мои сограѓани“, истакна Спасовски, додавајќи дека овие избори не смее да се направи грешка, туку да се излезе масовно со поддршка за Стево Пендаровски за претседател и за листата за пратеници од ИЕ2.

„Имаме битка за секој од нас, не е се поединци, ниту партија, туку за државата и граѓаните. И добро е што имаме повеќе кандидати за претседател, покажавме дека како држава напреднавме демократски. Но, 6те кандидати не можеш да составиш еден добар претседател. Нашиот претседател Стево е европскиот избор! Другите не можат ни месна заедница да водат, а камоли град или држава. Затоа, не смееме да направиме грешка која скапо ќе не чини, на 24ти масовно излегуваме за Стево, а на 8ми мај двојна победа за европската иднина на Македонија, за листата на пратеници од ИЕ2 во која сите граѓани може да се препознаат бидејќи е вистинска Македонија во мало – Македонци, Албанци, Власи, Бошњаци, Роми, и сите други етнички заедници кои живеат во изборната единица 2. Да ја зачуваме слободата и демократијата и да ја трасираме иднината, сите заедно!“, подвлече Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

