Македонија
(Видео) Ковачевски: Гарантираме европски животен стандард
СДСМ има јасен план и визија до 2030 година државата да стане земја членка на ЕУ, просперитетна држава, дом за сите и гарантираме европски животен стандард, рече претседателот Димитар Ковачевски на митингот на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Гевгелија.
-Гарантираме европски животен стандард, просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра. За младите обезбедуваме по 200 евра за прво вработување за млади до 26 години, а ќе воведеме Програма со субвенции и поволни цени за купување сопствен дом за млади до 29 години, како и гарантирана плата за млади, и грантови за отпочнување на сопствен бизнис за млади, сега зголемен на 8.000 евра. Невработеноста ќе биде 7% до крај на мандатот. Компаниите ќе добијат нови 180 милиони евра директна финансиска поддршка, А финансиската поддршка за земјоделците ќе е во висина од 1,35 милијарди евра., рече Ковачевски.
Ветуваме драстично зголемување на платите на медицинскиот персонал, потенцираше Ковачевски.
-Специјалистите ќе имаат до 180.000 денари плата, општите доктори, до 120.000 денари. Медицинските сестри, до 90.000 денари. Воедно јавното здравство ќе биде бесплатно за сите осигуреници, додаде Ковачевски.

СДСМ се соочи со голема економска и енергетска криза и со КОВИД пандемија. Како вистински социјалдемократи бевме рамо до рамо со граѓаните, никој не беше оставен сам да се бори со проблемите и предизвиците, потсети Ковачевски.
Во тој период успеавме да спасиме 80.000 работни места и да ги зголемиме и платите и пензиите. Ако ги споредиме само пензиите во однос на 2016, тие се зголемени за 55%. Минималната плата е зголемена за три пати во однос на 2016. Просечната плата е зголемена двојно во однос на 2016. Платите во образованието се двојно поголеми, во здравството се двојно поголеми. Дали е тоа доволно? Не е, треба уште повеќе, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва во Гевгелија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

