Свет
САД ставија вето на приемот на Палестина во ОН

Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации „Државата Палестина да биде прифатена како членка на ОН“.
Воздржани беа Велика Британија и Швајцарија, а „за“ гласаа Словенија, Сиера Леоне, Русија, Јужна Кореја, Мозамбик, Малта, Јапонија, Франција, Гвајана, Еквадор, Кина и Алжир.
Претходно вчера, заменик-портпаролот на американскиот Стејт департмент, Ведант Пател, потврди дека Вашингтон ќе стави вето на гласањето во Советот за безбедност на ОН наведувајќи дека нема едногласно мислење меѓу членовите на комитетот за тоа дали Палестинците ги исполнуваат критериумите неопходни за да бидат дефинирани како држава.
Палестинската управа (ПА) го осуди потегот нарекувајќи го „нефер, неетички и неоправдан“.
Кабинетот на претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, го нарече американското вето „еклатантна агресија …туркање на регионот преку работ“.
Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, го пофали американското вето додавајќи: „Срамниот предлог беше отфрлен. Тероризмот нема да биде награден“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русите се огласија по крвавиот напад на Суми: Цел ни беше состанокот на воените команданти

Еден ден по рускиот ракетен напад врз украинскиот град Суми, во кој беа убиени најмалку 34 лица, меѓу кои две деца, а ранети се уште 117, Русија денеска соопшти дека целта била воена.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија гаѓа исклучиво воени цели одговарајќи на новинарско прашање за воздушниот напад врз североисточниот украински град, што ги шокира регионот и меѓународната заедница.
Руското Министерство за одбрана објави дека во нападот биле употребени две балистички ракети „Искандер“ и дека бил погоден состанокот на украинските команданти во Суми. Истовремено, тие го обвинија Киев дека ги користи цивилите како жив штит.
Украина еден ден претходно објави дека руски ракети паднале во густо населен дел од градот погодувајќи станбени згради и автобуска станица. Претседателот Володимир Зеленски го нарече нападот терористички чин и повика на посилен одговор од меѓународната заедница.
Суми се наоѓа во близина на руската граница и е честа цел на воздушни напади од почетокот на руската инвазија во 2022 година, но вчерашниот напад беше еден од најсмртоносните во последно време. Ова е најсериозниот напад врз цивили во Украина оваа година.
Нападот предизвика бран осуда од Европската Унија, САД, Обединетите нации и од голем број светски лидери, кои предупредија дека таквите напади претставуваат кршење на меѓународното хуманитарно право. Русија досега не понуди независно потврдени докази за тврдењата за воена цел.
Свет
Зеленски го покани Трамп во Украина: „Дојдете да ги видите мртвите деца“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од американскиот претседател Доналд Трамп да ја посети неговата земја и да биде сведок на трагедијата на актуелната војна пред да се заложи за наводен мировен договор со Русија.
Свесен за непријатната средба со американскиот лидер во Вашингтон во февруари, Зеленски ја повтори својата почит кон позицијата на САД.
„Но, ве молам, пред какви било одлуки, каков било облик на преговори, дојдете и видете ги луѓето, цивилите, борците, болниците, црквите, ранетите или мртвите деца“, изјави Зеленски за американската телевизија Си-би-ес во синоќешното интервју.
„Се надевам дека Трамп тогаш ќе разбере со што има работа“, рече тој. „Ќе разберете што направи (рускиот претседател Владимир) Путин“, додаде Зеленски.
Си-би-ес сними интервју со Зеленски за време на посетата на неговиот роден град Криви Рих. Таму, во руски ракетен напад на 4 април, загинаа 19 лица, меѓу кои 9 деца и тинејџери.
Најмалку 34 лица загинаа во ракетниот напад врз украинскиот град Суми, што беше извршен вчера.
Зеленски рече дека, според него, рускиот поглед на војната, која трае повеќе од три години, преовладува во новата американска администрација.
„Се обидов да објаснам дека не можете да барате нешто на средина. Има агресор и има жртва“, рече Зеленски.
Свет
Кина ги ограничи визите за Тибет за Американците

Кина најави ограничување на визите за дел од американскиот персонал кој, како што велат, лошо се однесувал во прашање на Тибет, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Соопштението беше објавено на редовна прес-конференција откако Вашингтон пред две недели воведе нови ограничувања за кинеските претставници вклучени во донесувањето одлуки за пристап на странски државјани до Тибет. САД ја обвинуваат кинеската Комунистичка партија дека го ограничува пристапот до регионот на американските дипломати, новинари и други меѓународни набљудувачи. Вашингтон сака неограничен пристап до тие области.
Портпаролот на кинеското министерство Лин Џијан рече дека прашањата на Тибет се внатрешни работи на Кина и дека злоупотребата на американското визно ограничување (наметнато) на кинеските службеници поради Тибет сериозно го прекршува меѓународното право и основните норми кои ги регулираат меѓународните односи.
На странските туристи им е дозволено да го посетат Тибет доколку патуваат во групи и однапред побараат дозвола. Дипломатите и странските новинари мора да добијат дозвола од локалните власти.
„Тибет е отворен. Кина ги поздравува пријателските луѓе од други земји да го посетат, патуваат или работат во Тибет“, изјави Лин за новинарите.
„Меѓутоа, Кина се противи на мешање на која било друга земја или личност во тибетските работи под изговор на таканаречените човекови права, религија или култура“, рече тој.
Кина го освои Тибет во 1950 година, опишувајќи го освојувањето како мирно ослободување од феудализмот, но критичарите предупредуваат дека неколку стотици илјади луѓе ги загубиле животите во тој процес.