Македонија
„Рекет“ не е расчистен, барам фер шанса за да ја докажам својата невиност, Заев беше човекот што комуницира директно со сите, вели Бојан Јовановски
Бојан Јовановски, денеска, во Кривичниот суд предаде барање за повторување на кривичната постапка за предметот „Рекет“, во кој како првообвинет беше осуден на казна затвор од девет години.
Оваа одредба, како што појасни тој, ја користи врз основа на прибавување нови докази.
Барањето, како што рече, е поднесено поради нови околности и докази што не биле употребени во доказната постапка.
„Случајот ‘Рекет’ не е расчистен. Тој случај треба целосно да се расчисти, сите инволвирани да одговараат, а јавноста, конечно, да дознае што точно се случувало и каде се парите. Затоа, денеска, официјално, во Основниот кривичен суд поднесувам барање за повторување на кривичната постапка со името ‘Рекет’“, истакна тој.
Рече дека поседува цврсти докази, кои набргу ќе ги приложи, посочувајќи го експремиерот Зоран Заев дека е човекот што комуницирал директно со сите лица што биле кривично засегнати со постапките на СЈО.
„Обвинителката Вилма Русковска презентира само две-три пораки што сум ги разменил јас со тогашниот премиер Зоран Заев, а токму од тие две-три пораки излегува дека Зоран Заев знаел за случајот ‘Рекет’, но во една позитивна афирмативна смисла, односно дека тој е човекот што го бранел законот. А јас ќе ви кажам дека тој е сè, само не е човекот што го бранел законот. Значи, Зоран Заев беше човекот што комуницира директно со сите лица што беа кривично засегнати во постапките на специјалното јавно обвинителство. Зоран Заев беше човекот што од позиција на моќ имаше реален авторитет и можеше да влијае врз многу постапки и влијаеше врз многу постапки“, посочи Јовановски.
Појасни дека зад случајот „Рекет“ стоела една политичка консталација на притисоци.
„Јас сум единствениот цивилен граѓанин во ова општество што е суден за кривично дело што е предвидено за лица што вршат службена положба. Досега се судени Сашо Мијалков и Никола Груевски, третиот суден по ова кривично дело сум јас, но разликата е тоа што тие вршеле службена положба, а јас сум бил цивилен граѓанин“, изјави тој.
„Барам да ми биде дадена шанса во фер постапка, а не искривоколчена и избрзана, да ги докажеме материјалната вистина и фактичката состојба, т.е. што навистина со случувало во фамозниот ‘Рекет’, случај зад кој стоеше цела констелација на политички притисоци“, додаде Боки 13.
Тој истакна дека притисоци му биле вршени и во пресрет на денешната прес-конференција, но, како што рече, воопшто не се плаши и ќе продолжи и понатаму да зборува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

