Македонија
Османи со конкретен акциски план за оддржлив економски раст на Северна Македонија
Кандидатот за претседател на Европскиот фронт, Бујар Османи, со конкретен акциски план за економски раст на Северна Македонија преку постигнување национален конзензус и формирање национален совет во серијата средби со разни фактори на државата тој реализира средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија.
„Ќе предложам како Претседател на државата да се создаде национален совет за економски раст, со кој ќе претседава Претседателот како креатор на државен консензус а во кој ќе учествуваат поголемите политички партии од двете етнички заедници, но и претставници на заедниците под 20 %, регулаторите, бизнис заедницата, синдикатите, Организацијата на потрошувачите, Академијата, невладините организации и останатите интересни групи, како еден вид на државен управен борд, со цел постигнување на државен консензус по однос на клучните параметри и регулативи за еден забрзан и оддржлив развој“, презентира Османи дел од својата визијата за земјата.
„Овој борд или овој национален совет би имал пет работни групи: една за ефикасна администрација, ефикасни институции и професионална администрација, втора за оддржливи финансии, третата работна група за дигитализација, четврта за човечки капитал и петта, за инфраструктура. Во секоја од работните групи покрај експертите од чинителите кои што ги спомнав, би имало и меѓународни експерти и би имало наши претставници од дијаспората кои што се интегрирани во нивните општества со цел да се пренесат нивните искуства. Овие работни групи ќе предложат политики, закони, регулативи, параметри до овој национален совет, овој државен совет за постигнување државен консензус, кој што ќе ги одобри. Очекувам во првите шест месеци да се направи првиот предлог. Тогаш политичките партии ќе ги усвојат тие закони и тие регулативи, без расправа. Владата заедно со опозицијата ќе ги имплементира и ќе ги мониторира“, истакна Османи.
Според Османи, нашата економија е жртва на постојаните циклички политички кризи, а со преговорите со Европската Унија, земјата, покрај државниот консензус за ЕУ, мора да има и економски државен консензус во однос на општите параметри.
“Дали групата за оддржливи финансии ќе предложи дефицитот да не биде повеќе од 3 % и тоа ќе биде усвоено од страна на овој борд, што значи и од позицијата и од опозицијата и од чинителите, тогаш секој мора да го почитува и без расправа тоа да го имплементира. Ако надворешниот долг не треба да биде над 60% сите чинители ќе го почитуваат тоа. Исто како што е со регулативите и директивите на ЕУ, тие се фиксни, тие не се преговараат, тие само се имплементираат. Затоа сметам дека оваа ќе биде еден нов квалитет во постигнување на еден оддржлив и забрзан раст” заклучи Османи.
Преку изборната програма, Декалогот на Европскиот претседател, Османи предвидува и директно учество на Претседателот во пет надворешно-политички иницијативи, во кои заедно со бизнис заедницата ќе ги претстави економските потенцијали на државата надвор од земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вонреден надзор на Гинекологија по смртта на новороденче
Министерството за здравство нареди вонреден надзор по смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство и изрази сочувство до родителите.
„Со цел утврдување на околностите и расветлување на случајот, министерот Азир Алиу иницираше вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по што ќе следи и стручен надзор. Потенцираме дека Министерството за здравство заедно со инспекторатот ќе постапат професионално, стручно и транспарентно, со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект“, велат од Министерството.
Од таму велат дека во овие тешки моменти за семејството, замолуваат да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход, со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста.
„Потсетуваме дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа со воспоставени законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи. Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за комуникација, веднаш по добивање на сите наоди јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Министерството.
Ваквото соопштение доаѓа по веста дека на ГАК на 1 октомври починало новороденче.
Македонија
СДСМ: Мицкоски побегна од резолуцијата, дури во Брисел
Денес, кога Собранието треба да одлучува и кога опозицијата требаше да му поставува прашања на премиерот Христијан Мицкоски, тој наеднаш избега во Брисел, обвинија од СДСМ.
„Ја остави Резолуцијата на СДСМ непотпишана а контра Резолуцијата остави да ја туркаат неговите послушници од ДПМНЕ и ЗНАМ. Оние што верно го следат предавството на својот претседател и оние што ЗНААТ дека ја предале Македонија за пари. Толку за „храбриот“ Христијан Мицкоски. Не смее да одговара на прашањата на опозицијата, затоа што вистината не може да ја погледне во очи“, велат од опозицијата.
Македонија
Стојаноски: Лагите на СДС се разоткриени, резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја гарантира безбедноста во државата
Во изминатиот период бевме сведоци на тоа како СДС сака да внесе несигурност и вознемиреност во јавноста преку ширење на лажни информации, свесни манипулации и дезинформации, кои беа интензивно и гласно пласирани во јавниот простор, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Венко Филипче, продолжуваат по стапките на нивниот ментор Зоран Заев. Секојдневно, гледаме иста реторика, исти методи и исти манипулативни наративи. Ова СДС не го прави случајно, туку е свесна стратегија, поради тоа што нема што ново да понуди. Ваквата кампања на опозициската СДС, која инаку повеќе се одликува со квантитет директно го нарушува мирот на граѓаните, а е и во спротивност со Кривичниот законик, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, како и со Законот за спречување и заштита од дискриминација“, рече тој.
Токму затоа, додава Стојаноски, преку Резолуцијата поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието, јасно се отфрлуваат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната влада предводена од Зоран Заев поврзани со кампови за мигранти.
„Јасно ја потврдуваме определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси и почитување на меѓународното право. Со оваа Резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија кои СДС се обиде да ги наметне во јавниот дискурс, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови. За секое следно ширење на паника, лажни вести и манипулација на народот, кривично ќе се одговара“, рече тој.

