Свет
Фон дер Лајен ги повика Иран, Израел и нивните сојузници да се воздржат од ескалација

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги повика Иран, Израел и нивните сојузници да се воздржат од ескалација на Блискиот Исток.
„Апсолутно е неопходно регионот да остане стабилен и сите страни да се воздржат од понатамошни дејства“, рече Фон дер Лејен за време на посетата на Лапенрат со финскиот премиер Питер Орп, на 25 километри од руската граница, пренесе „Ројтерс“.
Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, повика на апсолутна деескалација по информациите дека Израел го нападнал Иран велејќи дека неговите колеги од Г7 ќе разговараат за тоа на состанокот на Капри.
„Ги повикуваме сите да бидат внимателни за да се избегне ескалација“, изјави тој за РАИ, пренесе „Гардијан“. Г7, која ги вклучува Велика Британија, Америка, Франција, Германија, Јапонија и Канада, сака апсолутна деескалација на Блискиот Исток, посочи Тајани.
Оман, кој дејствуваше како посредник на Блискиот Исток, го осуди израелскиот напад на иранска територија, како и „повторените израелски воени напади во регионот“, соопшти Министерството за надворешни работи на земјата.
Неименуван ирански функционер изјави претходно денеска, откога светските медиуми објавија дека Израел извршил напад на иранска територија и дека одекнале експлозии во иранскиот град Исфахан, но дека не е потврдено оти инцидентот бил предизвикан од странство. „Не утврдивме никаков надворешен напад, а истрагата повеќе се наклонува кон некој што се инфилтрира наместо кон напад што дојде надвор од земјата“, рече тој, пренесе „Ројтерс“.
Тој изјави дека Иран нема непосредни планови да му се одмазди на Израел. Американски функционер претходно изјави за Си-ен-ен дека Израел го нападна иранскиот град Исфахан како одмазда за иранскиот напад врз Израел на 13 април, а иранските медиуми објавија дека три беспилотни летала биле соборени над Исфахан, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Mерц: Русија ги загрози човечките животи во земја-членка на НАТО

Германскиот канцелар Фридрих Мерц остро го осуди нарушувањето на полскиот воздушен простор со борбени беспилотни летала и ја осуди Русија за провокации.
„Русија се закани со човечки животи во земја која е членка на Европската Унија и НАТО“, објави Фридрих Мерц.
Канцеларот изјави дека денешната „неодговорна акција“ е уште една во долгата низа провокации во балтичкиот регион и источното крило на НАТО.
„Германија остро ја осудува оваа агресивна руска акција“, се вели во соопштението за медиумите.
Мерц верува дека е добро што Полска и партнерите од НАТО брзо ја забележаа, реагираа и ја отстранија опасноста.
„НАТО е и останува подготвен да се брани“, заклучи Мерц.
Пред тоа, германскиот министер за одбрана Борис Писториус објасни во Бундестагот дека нема причина да се верува дека станува збор за грешка во управувањето со беспилотните летала.
Свет
Германскиoт министер за одбрана: Упадот на руски беспилотни летала во Полска не е грешка

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека руските беспилотни летала што влегле во полскиот воздушен простор биле „јасно насочени на тој начин“.
Писториус ја отфрла можноста за случајна грешка.
Одговарајќи на прашања од пратениците во Бундестагот во Берлин, Писториус рече: „Нема причина да се сомневаме дека станува збор за корекција на курсот, грешка или нешто слично“.
Тој нагласи дека ова покажува како тие се „постојано изложени на закани од провокации“ од руските сили – во Балтикот од морето, а за Централна Европа преку „хибридни напади“ или летови како овие дронови.
Свет
Поплави на Бали, најмалку девет лица загинаа

Поплавите на индонезискиот остров Бали оваа недела убија најмалку девет лица, ги блокираа главните патишта во главниот град и го нарушија животот во прометната туристичка дестинација, соопштија денес официјални лица.
Силните дождови помеѓу вторник вечерта и среда предизвикаа големи поплави и убија пет лица во главниот град на Бали, Денпасар, изјави Абдул Мухари, портпарол на државната агенција за природни катастрофи.
Уште четири лица загинаа во регионите Џембрана, Џијањар и Бадунг, додаде Мухари. Две лица сè уште се водат како исчезнати.
Од 600 жители погодени од поплавите, речиси 200 се евакуирани од своите домови во училишта и џамии бидејќи нивните куќи се сè уште поплавени, соопшти агенцијата.
И. Њоман Сидакарја, раководител на агенцијата за пребарување и спасување на островот, изјави дека поплавите уништиле две згради во Денпасар и додаде дека пристапот до меѓународниот аеродром, кој се наоѓа недалеку од Денпасар, е ограничен бидејќи по патиштата можат да се движат само камиони.
Индонезискиот претседател Прабово Субианто изрази сочувство и му нареди на раководителот на националната агенција за катастрофи да отпатува на Бали за да ги води итни интервенции таму и да ги гарантира основните потреби на населението.