Македонија
(Видео) Николовски: Пензискиот фонд повторно е стабилен, а пензиите растат

Преку одговорни политики и посветена работа, пензискиот фонд денес повторно е стабилен, а пензиите за пензионерите растат. Минималната и просечната пензија пораснаа за 50%, па денес минималната пензија изнесува 13.900 денари, а просечната пензија 20.195 денари, истакна на денешната средба со пензионерите од Пробиштип коносителот на изборната единица 3 Љупчо Николовски.
„Донесовме економска стабилност за пензионерите. Подготвивме нова Методологијата за раст на пензиите, со која на пензионерите им гарантираме постојан раст на пензиите. Сите 330.000 пензионери два пати годишно имаат гарантирано усогласување на пензиите, следејќи ги растот на трошоците за живот и порастот на просечната плата“, истакна Николовски.
Постигнатите резултати до сега, се нашиот гарант дека дадениот збор повторно ќе го исполниме, додаде тој.
„Во новиот мандат, даваме збор дека минималната пензија ќе достигне најмалку 20.000 денари, а пак просечната пензија 30.000 денари. Пензионерите два пати во годината ќе имаат усогласување на пензиите, однсно секој јануари и јуни. За оние пензионери кои живеат сами планираме енергетски пакети, во висина од 1.500 денари месечно во периодот од октомври до март“, истакна Николовски.
„Го јакнеме животниот стандард на пензионерите. Пензионерите добиваат потрошувачка картичка со попуст од 30% на прехранбени производи, како воведување новогодишен пакет за секој пензионер во висина од 6000 денари“, истакна Николовски.
„Нашата грижа за највозрасните лица ја продолжуваме и земаме обврска за изградба на најмалку 12 нови домови за стари лица, со вкупен капацитет од 2.000 лица. Имаме конкретна програма и јасен план, што гарантира европска иднина и европски стандард за секој еден граѓанин дома во својата татковина. Докажавме дека можеме да ги подобриме работите кон подобро, но имаме уште многу работи што заедно треба да ги продолжиме. Не смееме да се откажаме, сега кога тргнавме кон сигурна иднина за сите во држaвата“, истакна Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Карпош и Аеродром денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.30 часот, корисниците од улицата Франце Прешерн, општина Карпош;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од улиците Симеон Кавраков, Петар Ацев и Анастас Митрев, општина Аеродром.
Македонија
Сончево со умерена облачност, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а во северните делови засилен северен ветер, кој ќе предизвика опаѓање на дневната температура за 3 до 5 степени. Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а попладне засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Од денеска до среда во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Потоа ќе преовладува претежно стабилно време, а дневните температури ќе бидат без промени.
Македонија
(Фото) Успешна евакуација на повредено лице со хеликоптер на Армијата

Вчера, во попладневните часови, по добиено барање од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Армијата на Република Северна Македонија, поради сериозноста на повредите и непристапниот терен, изврши итна медицинска евакуација со хеликоптер од вВИНГ, на лице кое паднало во провалија во близина на Ливадичко Езеро, Шар Планина.
Повреденото лице, при падот, се здобило со скршеници на раката, ногата и колкот, како и со обилно крварење, поради што било во критична состојба. На лице место интервенираше екипаж- тим на парамедици, кои и покрај непристапниот терен успешно го извлекоа и имобилизираа повредениот.
„Армијата во координација со ЦУК и здравствените установи изврши успешна медицинска евакуација и го предаде повреденото лице на екипа од итната медицинска помош, по што истото беше транспортирано на понатамошен болнички третман.
Армијата на Република Северна Македонија, заедно со останатите институции во државата продолжува да дејствува во интерес на граѓаните, обезбедувајќи навремена и професионална поддршка“, се наведува во соопштението на Генералштабот на Армијата