Македонија
(Видео) Димитриевски пред граѓаните на Велес: Нема коалиција додека не се потпишат и дефинираат црвените линии за Македонија
Претседателскиот кандидат Максим Димитриевски, од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, вечерва се обрати пред граѓаните на Велес.
„За нас и едните и другите се подеднакво исти. Во оваа наша држава од 90-та година наваму граѓаните само еднаш гласаа За. На референдумот за независност. И така 30 години се вртиме во круг и гледаме како Македонија ја прават наменска држава, по нивни терк“, рече тој пред велешани и додаде дека тие се против модерното ропство.
„Ние сме за поголеми права, поголеми плати, поголеми пензии, подобар стандард на граѓаните. Ние тоа ќе го реализираме. Тешко ќе биде, но ќе успееме. Македонецот ќе биде и граѓанин од прв ред и свој на своето, зашто Македонија ќе биде самоодржлива држава со силна економија“, потенцира Димитриевски.
„Не негираат оние кои се прегрнуваат со нашата политичка елита. Ние сме тука да ги потсетиме дека нема да може да прават што сакаат и затоа ја бараме поддршката од вас. Мораме да ги промениме работите. Корупцијата ја уништува Македонија. Криминалот е на секој чекор. Професионалци има насекаде, но се ставени во ќош. Партиските војници газат по професионалците“, рече Димитриевски и додаде дека на овие избори ќе го даде максимумот за во Македонија никогаш повеќе да не биде како што било.
Тој исто така рече дека од сегашната опозиција, а довчерашна власт, даваат некакви понуди за национална стратегија, што, како што потсети,е идеја на ЗНАМ. Димитриевски потенцира дека први ја предложиле таа идеја и рекле дека нема да коалицираат, ниту ќе разговараат со некој за идна коалиција без претходно да бидат потпишани и дефинирани црвените линии за Македонија.
„При тоа сакам од тука, од Велес да упатам една порака, бидејќи рековме дека со ова актуелно раководство на СДСМ, коешто многу се огреши и кон народот и кон Македонија, нема теоретска шанса да разговараме за идна коалиција. Но, сакам да испратам порака и до оние кои беа власт претходно. Дека пред да седнат со нас на маса ќе треба да расчистат со основниот проблем кај нив и сето она што значи заостанати коруптивни дела од претходната власт, бидејќи немаме намера да менуваме едни за други исти“, рече Димитриевски.
Му порача на Мицкоски да внимава што, како и на кој начин ги презентира своите и тие околу него, но да внимава и какви понуди дава, бидејќи за нив од ЗНАМ зборот е збор и си тежи.
Димитриевски рече дека идна влада без ЗНАМ нема да има, но, дека се подготвени да бидат и опозиција.
„Народот многу повеќе знае од сите нас. Ние имаме обврска, како нова политичка гарнитура, да сме искрени кон вас и кон сите граѓани. Можеби нема да добиете безконечен број на ветувања. Но, тоа што ќе го ветиме ќе го оствариме, зашто имате работа со чисти и чесни луѓе“, рече Димитриевски обраќајќи се пред граѓаните на Велес.
Пред граѓаните на Велес се обрати и носителот на кандидатската листа за ИЕ 3, Генерал-мајор во пензија Павле Арсоски, кој подетално ја претстави програмата на партијата и рече дека, покрај другото, ќе се заложат и за подобрување на условите за работа на припадниците на Армијата на Македонија.
Во текот на денешниот ден караванот на кандидатот за Претседател на државата од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, имаше повеќе средби и разговори со граѓаните на Ѓорче Петров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Избрани најубаво украсената тераса, најубаво украсениот двор во Скопје и ученички расказ за новогодишните и божиќните празници
Во рамки на манифестацијата „Украсуваме по скопски“ беа избрани најубаво украсената тераса, најубаво украсениот двор во Скопје и ученички расказ. Преку оваа иницијатива се истакнува креативноста и посветеноста на граѓаните кои со своите домови создадоа топла, светла и автентична празнична атмосфера низ градот, истакнуваат од Град Скопје.
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски вели дека светлината на празниците доаѓа од домовите.
„Во магијата на новогодишните и божиќните празници, Скопје блесна со посебна топлина, онаа што доаѓа од домовите на неговите граѓани.
Во рамки на манифестацијата „Украсуваме по скопски“, беа избрани најубаво украсените домови, тераси и најинспиративниот ученички расказ, како симбол на креативноста, заедништвото и празничниот дух што го обединува градот.
Оваа манифестација беше посветена на поттикнување на граѓаните активно да учествуваат во создавањето на празничниот амбиент, претворајќи ги своите домови во мали светлосни приказни што го разубавуваат секое маало и ја прават празничната атмосфера на Скопје потопла, поблиска и поискрена.
По детална евалуација и теренска посета на сите пријавени учесници, жири-комисијата ги избра највпечатливите празнични уредувања, каде што вниманието кон деталите, креативниот пристап и љубовта кон празниците беа јасно препознатливи“, вели Ѓорѓиевски.
Соопшти дека за најубаво новогодишно украсен двор од индивидуална станбена куќа е избрана Адријана Јовановиќ, ул. Темко Попов бр. 33а, населба Маџари – двор кој, како што вели градоначалникот, зрачел со топлина, светлина и вистинска празнична магија. Наградата е 20.000 денари.


„За најубаво новогодишно украсена тераса од стан беше избрана Теа Ивановска, ул. Митрополит Теодосиј Гологанов бр. 149-2/7, населба Козле – пример како и мал простор може да стане голема празнична приказна.
Награда: 20.000 денари.
Во категоријата најубав расказ на тема „Новогодишни желби и празнувања“, наградата ја освои Христина Наумов I1, ученичка во СУГС „Ѓорѓи Димитров“, со искрен и инспиративен текст што ја пренесува празничната надеж и детската радост.
Награда 5.000 денари,
Изборот го направи жири-комисија составена од реномирани новинари и медиумски професионалци:
Весна Миленковска (Канал 77),
Александрија Стевковска Николова (Република), Анела Петрова (Вечер),
Славица Стефановска (МИА),
Нина Стефанова (Телма) и
Елизабета Дамјановска (Канал 5), кои лично ги посетија сите пријавени и со голема посветеност ја донесоа конечната одлука.
Со „Украсуваме по скопски“, Скопје уште еднаш покажа дека најубавите празници се оние што ги создаваме заедно.
Светлината, креативноста и желбата за убаво секојдневие започнуваат од домот, а се шират низ целиот град.
Скопје го разубавуваме заедно. По скопски“, истакнува Ѓорѓиевски.
Македонија
МВР ќе ги тестира поставените камери: од 20 до 31 јануари на местата каде ќе се вршат активностите, нема да биде дозволен сообраќај
Министерството за внатрешни работи известува дека во рамки на проектот „Безбеден град“, во периодот од 20.01.(вторник) до 31.01.(сабота) ќе се врши тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди (камери) за сообраќаен надзор.
Тестирањата ќе се реализираат секој ден во периодот од 08:00 до 20:00 часот.
За време на спроведувањето на овие активности, возилата на локациите каде што се врши тестирањето нема да бидат пропуштани додека трае постапката.
Во првата недела од предвидениот период, активностите ќе се спроведуваат исклучиво на локациите со поставени камери на подрачјето на град Скопје.
МВР ги повикува граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности.
Македонија
Ја удирал по главата и телото, ја давел за вратот и скршил ребро: скопјанец осомничен за физички напад и загрозување на сигурноста на жена
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 51-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, како и Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 14 јануари, во видно алкохолизирана состојба, осомничениот ја нападнал својата партнерка во домот во Гази Баба во кој таа привремено престојувала.
Ја удирал по главата и телото, ја давел за вратот, а и се заканил и со нож со кој замавнал кон неа. Жената успеале да ја спасат двајца други потстанари во истата куќа, кои ја извлекле и повикале полиција.
Кај жртвата биле констатирани повеќе повреди, меѓу кои пукнатина на ребро и на градна коска.

