Македонија
Д-р Филипче: Невработеност од најниски 7% и поддршка од 180 милиони евра за бизнисот

Во новиот мандат СДСМ предвидува 180 милиони евра директна финансиска поддршка за бизнис секторот, нови вработувања и историски најниски 7% невработеност.
Ова го истакна д-р Венко Филипче, носител на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина. Денеска Филипче ја продолжува својата агенда во рамки на предизборното претставување во Изборната единица 4.
„СДСМ ќе внесе нова економска енергија за европски раст и стандард на граѓаните и бизнис секторот. Најуспешни се оние земји во кои се создаваат бизниси, каде што има претприемачка идеја и средина која го поттикнува нивниот развој“, рече Филипче.
Филипче потсети дека изминатите седум години мандат, СДСМ ја поддржуваше економијата на неколку колосеци.
„Ги охрабрувавме ентузијастите својата идеја да ја преточат во реалност да отворат свој сопствен бизнис. Локалната економија, малите бизниси се важен сегмент и околу нив градевме и ќе продолжиме да градиме стратегијата за развој на домашната економија“, вели Филипче.
Во таа насока, ќе продолжи креирањето на политики кои ќе го поттикнуваат бизнисот и економскиот развој преку транспарентно и отчетно однесување со секој денар на граѓаните, додава Филипче.
Со цел, пак, подобро управување со енергетските компании кои имаат клучен удел во вкупната економска активност, СДСМ државните енергетски капацитети ќе ги предаде во рацете на граѓаните.
„Планираме енергетските компании да ги вратиме кај граѓаните. Секој граѓанин, вклучително и деца, ќе добие по најмалку 8.000 денари од вредноста на енергетските компании или 500 евра за едно четиричлено семејство. Така контролата за работењето на енергетските компании ќе биде во рацете на граѓаните“, завршува Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски од Струмица: По 7 години кочење, започнува доизградбата на стариот театар

По седум години кочење, започнува доизградбата на стариот театар во Струмица, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Како Влада продолжуваме да ги поддржуваме општините, се сеќавате Струмица во првиот повик од Министерството за локална самоуправа не поднесе тогаш проект, односно поднесе еден проект којшто не ги исполнуваше условите. Додека пак сега во вториот повик поднесе неколку проекти, улици генерално за асфалтирање и реконструкција и сите тие проекти беа одобрени од страна на Владата и ќе ги финансираме во периодот којшто следи“, рече Мицкоски.
Како Влада, додаде тој, сакаме да пратиме порака дека ние сме Влада на цела Македонија, на сите општини.
Македонија
Утре променливо облачно и посвежо време со врнежи од дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²), проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и услови за појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Под влијание на циклонска активност до понеделник времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²), проследени со грмежи и засилен ветер.
Дневната температура ќе опадне за 8 до 10 степени во однос на денешната.
Македонија
Сиљановска – Давкова: Одржливиот мир на Блискиот Исток мора да се постигне единствено преку дијалог и дипломатија

Одржливиот мир на Блискиот Исток мора да се постигне единствено преку дијалог и дипломатија, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на генералната дебата на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.
„Блискиот Исток има древна и богата традиција на меѓурелигиски и меѓуетнички соживот. Историјата покажа дека различноста кога се почитува, може да биде извор на културно збогатување и долгорочен мир. Но, исто така, историјата учи дека насилството, без оглед на неговото потекло, ги продлабочува поделбите, го продолжува човечкото страдање и ги оддалечува страните од праведно и сеопфатно решение. Убедени сме дека одржливиот мир на Блискиот Исток мора да се постигне единствено преку дијалог и дипломатија, во согласност со меѓународното право“, рече претседателката.
Таа додаде дека непрокосновеноста на човечкиот живот и достоинство мора да се почитуваат, дури и за време на војна, во согласност со меѓународното хуманитарно право.
„Во тој дух, ја реафирмираме нашата поддршка на меѓународните напори насочени кон деескалација, инклузивен дијалог и директни преговори“, рече Сиљановска – Давкова.