Македонија
Митрески: Рекордни 1,35 милијарда евра поддршка за македонските земјоделци
Се што ветивме за земјоделците досега, исполнивме. Зелена нафта, авансна исплата на субвенции, ИПАРД грантови за мали производители. Во наредниот мандат продолжуваме со рекордни 1,35 милијарди евра поддршка за македонските земјоделци, кои ќе бидат наменети за модернизација, за поголеми приноси, за подобар квалитет, за извоз на македонското земјоделство, истакна Јован Митрески носителот на листата во ИЕ5 од СДСМ и Коалицијата за европска иднина.
„Обезбедуваме 750 милиони евра субвенции и 600 милиони евра капитални инвестиции и проекти за рурален развој, до крајот на новиот мандат.
Имаме конкретен план за да обезбедиме рекордно домашно производство на македонска храна, во вредност од 1,5 милијарди евра, со извоз на домашни земјоделски производи кој ќе достигне 1,25 милијарди евра. Вложуваме нови 100 милиони евра во руралниот развој. Предводиме поддршка за сточарството, за винариите, за младите земјоделци, за жените земјоделки“, рече тој.
Нагласи дека грантот за поддршка на младите земјоделци се зголемува од 10 на 15 илјади евра и дека ќе има инвестиции во системите за наводнување, со кои се обезбедува наводнување до нови над 21.000 хектари.
Според него, планот за европска иднина на Македонија е реален, со конкретни мерки кои ќе донесат и конкретни резултати.
„Со почетокот на преговорите и со зачленувањето во ЕУ, се отвораат нови перспективи и за земјоделците. Затоа, Ве повикувам на 24 април и на 8 мај да дадеме силна поддршка за СДСМ и за Коалицијата за европска Македонија, бидејќи ние обезбедуваме прогрес, развој и унапредување за сите“, нагласи Митрески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

