Македонија
Шаќири подготвен да го повлече дописот за одработување на деновите за изборите во училиштата ако се најде друго решение
Министерот за образование, Јетон Шаќири, е подготвен да го повлече дописот што минатата недела го испрати до основните училишта за одработување во саботи за 24 април и 8 мај, кои Владата ги прогласи за неработни денови за сите граѓани поради изборите, и за 30.11.2023, кој беше прогласен за неработен поради самитот на ОБСЕ во Скопје. Во Министерството за образование се бара решение како неработните денови да се надоместат во периодот од понеделник до петок за да не се оптоваруваат дополнително ниту учениците ниту наставниците ниту, пак, родителите.
„Го разбирам револтот, но дописот морав да го испратам оти има законска обврска учебната година да трае 180 работни дена. Свесни за реакциите, најмногу реагираа родителите, еве денес се обидуваме во Министерството да најдеме некое друго решение за да се одработат деновите, а кое нема да значи да се оди на училиште во сабота. Бараме начин како да се надополнат часовите во текот на работната недела од понеделник до петок и сите опции се во игра. Доколку најдеме решение, нема да се учи во сабота“, вели министерот Шаќири за „Макфакс“.
Од неговиот кабинет објаснија дека сериозно го разгледуваат барањето од претседателот на СОНК, Јаким Неделковски, кој побара министерот да го повлече дописот за одработување на неработните денови оти Владата ги прогласи за неработни за сите граѓани.
„Одлуката на МОН за надоместување на наставата, со која е предвидено да се одработат деновите на гласање, односно 24 април и 8 мај, како и на 30 ноември 2023 година, кога беше организиран самитот на ОБСЕ во Скопје, се базира на одредбите од Законот за основното образование, кој предвидува во една учебна година да има 180 наставни дена. Доставениот допис од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура за промена на донесената одлука ќе биде разгледан со должно внимание и уверуваме дека доколку постои поинаков алтернативен начин за регулирање на предизвикот во согласност со правните прописи, ќе биде соодветно постапено. Потсетуваме дека наставната година за учениците од средните училишта трае до 10 јуни, а за учениците од основните училишта до 17 јуни и потребно е да го зачуваме најдобриот интерес на учениците, а тоа подразбира тие во целост и квалитетно да ја совладаат предвидената наставна материја“, велат од Кабинетот на министерот Шаќири.
Минатата недела министерот за образование преку допис ги извести основните училишта дека треба да ги одработат неработните денови за изборите, а училиштата во Скопје и неработниот ден за самитот на ОБСЕ. За работни им ги прогалси саботите на 18 мај и на 1 јуни кога ќе ги одработат деновите за изборите, а на 15 јуни, пак, во согалсност со дописот, треба да го одработат неработниот ден од самитот на ОБСЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче со честитка за Католички Божиќ: Да создадеме трајни вредности за идните генерации
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче по повод големиот празник, Христовото раѓање – Божиќ, во свое и во име на партијата упати честитка до сите христијански верници кои овој празник го празнуваат по Грегоријанскиот календар, како и до скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Република Северна Македонија, Киро Стојанов.
„На сите припадници на Католичката црква и на сите христијани кои денеска го слават Христовото раѓање, им упатувам искрени честитки по повод големиот празник Божиќ.
Божиќ е празник на надежта, љубовта и заедништвото. Овој голем празник нè потсетува дека само со солидарност, меѓусебна почит и грижа едни за други можеме да изградиме поправедно и похумано општество, во кое секој граѓанин ќе има еднакви можности и сигурна иднина.
Во духот на Божиќните пораки, да се свртиме кон вистинските вредности кои нè обединуваат и ни даваат сила да ги надминеме сите предизвици. Да правиме добри дела кои ќе бидат патоказ за подобра иднина на следните генерации.Во овие божиќни денови посакувам добро здравје, мир и радост во секој дом. Нека Божиќ донесе нова надеж, нови почетоци и успеси за сите нас.Христос се роди, Честит Божиќ“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во честитката.
Македонија
Мицкоски: Божиќ е празник на дарувањето и споделувањето љубов и разбирање
Премиерот Христијан Мицкоски по повод Рождеството Христово – Божиќ, упати честитка до граѓаните кои го прославуваат празникот според грегоријанскиот календар, посакувајќи им благосостојба, духовен мир и добро здравје, како и повеќе единство, солидарност и надеж за иднината на државата.
„Во мое лично име и во име на Владата на сите граѓани кои го прославуваат Рождеството Христово – Божиќ според грегоријанскиот календар им го честитам празникот со искрени желби за благосостојба, духовен мир и добро здравје.
Овие празнични денови нека ги исполнат домовите со радост, љубов и Божји благослов. Нека раѓањето на Спасителот ни донесе надеж, единство и топлина во срцата, особено во времиња кога ни е потребна заедничка сила и поддршка. Да подадеме рака кон нашите ближни и нашите сограѓани, без оглед на разликите, на оние на кои им е потребна нашата помош, на најранливите категории и на сите оние на кои се соочуваат со предизвици.
Божиќ е празникот на дарувањето и споделувањето на меѓусебна љубов и разбирање.
Нашата традиција како земја и општество не научила низ вековите дека заедно сме посилни и заедно можеме да ги надминеме сите препреки и искушенија пред кои сме биле исправени.
Во духот на божиќната порака за мир и добра волја меѓу луѓето, посакувам голем напредок, перспектива и стабилност на нашата татковина. Нека празничните мигови ни бидат потсетник дека треба да се обединиме, бидејќи заедно можеме да градиме посилна, заедничка и поуспешна Македонија – земја во која секој граѓанин се чувствува ценет, заштитен и исполнет со надеж за поубава иднина.
Наша должност како генерација е да се бориме и со Божја промисла, да се избориме за подобар живот и подобра Македонија за сите нас како народ и за нашите идни поколенија кои доаѓаат. Да работиме посветено за да изградиме стабилна, економски силна и праведна држава, која ќе даде можност на сите за работа и среќен живот, тука во родната земја.
Нека Божиќната светлина ги осветли нашите заеднички цели кон подобро утре! Среќен и благословен Божиќ!
Христос се роди!“, се вели во честитката.
Македонија
Гаши им го честита Божиќ на верниците
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, по повод Божиќ упати честитка до припадниците на католичката вероисповед, истакнувајќи ги пораките на мир, солидарност, човечност и меѓусебно почитување како темелни вредности на демократското и мултиетничко општество.
„Почитувани граѓани,
Почитувани припадници на католичката вероисповед,
По повод Божиќ, во името на Собранието на Република Северна Македонија и во мое лично име, упатувам искрени честитки до сите католички верници во државата.
Божиќните празници носат пораки на мир, солидарност, човечност и меѓусебно почитување , вредности кои се темел на секое демократско и мултиетничко општество. Токму преку заемно разбирање, почитување на различностите и заедничка посветеност кон општото добро, ја градиме стабилноста и иднината на нашата држава.
Ви посакувам празничните денови да ги поминете во добро здравје, семејна топлина и спокој, со надеж и оптимизам за годината што претстои.
Среќен Божиќ!
Со почит, Африм Гаши Претседател на Собранието на Република Северна Македонија“, се вели во честитката.

