Македонија
Ковачки: Со Платформата 1198 се обврзуваме на изградба на нова детска градинка во Карбинци и изградба на нова спортска сала во Таринци

„На овие избори одлучуваме за нашата иднина и за иднината на нашата Македонија. Ова го чекавме цели 7 години и оваа шанса не смееме да ја пропуштиме. 24 април и 8 мај со заокружување на бројот 2 да ставиме крај на катастрофалните политики на владата на ДУИ и на нивните слугите од СДС“, истакна носителот на ИЕ 3 Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карбинци.
Тој истакна дека после два мандата на СДС и ДУИ, Македонија е обесправена и понижена земја.
„Денеска Македонија после два мандата на СДС и ДУИ е обесправена и понижена, задолжена и банкротирана земја. И за тоа се виновни слугата и стопанот Димитар Ковачевски и Али Ахмети. Криминалот и корупцијата цветаат, а економијата целосно крахира. Институциите повеќе не се во служба на граѓаните, туку во служба на овие неколкумина од владата на ДУИ и СДС кои очајнички се обидуваат да се спасат“, истакна Ковачки.
Тој посочи дека токму затоа ВМРО-ДПМНЕ ја нуди Платформа 1198 која се обврзува да го подобри квалитетот на живот на сите граѓани и целосно да ја трансформира Македонија.
„Ветуваме реализација на економски раст од 5 проценти, отворање на нови 55.000 нови работни места, фронт против корупцијата – проверка на имотот на судии и јавни обвинители и нивните семејства, 250 милиони евра за инвестициски бум во општините. Само во Карбинци ќе дадеме 1,8 милиони евра“, истакна Ковачки и додаде:
„Ќе го зголемиме надоместокот за социјална заштита. Платформата 1198 се обврзува на линеарно покачување на пензиите за 5000 денари во првата година од мандатот. Ќе обезбедиме секое дете да оди во градинка, поевтини сметки за струја преку укинување на тарифата за пристап до мрежа значи за 200 денари поевтини сметки за струја, како и 800 милиони евра за македонското земјоделство, загарантиран откуп и цена на земјоделските производи“, вели Ковачки.
Тој истакна дека со Платформата 1198 во Карбинци и Таринци се обврзуваат на изградба на нова детска градинка во село Карбинци, реконструкција на постоечки канали за наводнување во Карбинци, изградба на зафат на река Брегалница, изградба на спортска сала во село Таринци, реконструкција на улици во село Таринци и Карбинци, уредување на одводен канал и многу други проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Време е за ресетирање на правосудниот систем

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, имаше свое обраќање на денешниот народен митинг одржан во општина Сопиште, во рамки на изборната кампања 2025 година, за претстојните локални избори, чиј слоган е ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина!“.
Тој се осврна на темата за правдата во државата, а го потенцираше правосудниот систем кој според него, треба да биде непристрасен, да има судии кои судат според законот, процедури кои ќе ја вратат довербата, а додаде и дека правдата не смее да биде привилегија на малкумина.
Како што вели Мицкоски, постојат кочници кои се вградени во институциите на државата и функционираат како длабока држава во државата.
„Многу ме прашуваат изминатиов период, зошто и како не правиме реформи во судството, реформи во обвинителството. Тоа е нешто кое што претставува и за сите нас болка, бидејќи и судството и обвинителството се сегменти коишто се уште, претставуваат последните бастиони во одбрана на претходната влада. Ако некој ме праша зошто, затоа што инсталациите таму, и покрај десетиците би рекол, повеќе од стотина пријави кои што доаѓаат од надлежните институции, поткрепени со докази не ги процесуираат, туку ги држат во фиока. Но после овие локални избори, ќе се навратиме и на таа тема“, кажа Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека е време за ресетирање на системот, со цел да се изгради држава на правда, а во истата таа држава на правда правосудниот систем мора да биде непристрасен и непокорлив.
Како што кажа тој, здравствениот систем ќе биде столб на државата, со достапни лекови, модерни болници и стручен кадар.
,,Моментот што го чекале генерации е пред нас време за ресет на системот, време да ги скршиме ланците на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и грижа за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судии кои судат според законот, а не според влијанија; институции кои штитат, а не кои молчат; процедури кои враќаат доверба, а не кои создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин брза, достапна и ефикасна. Слободата не е само збор во уставот, туку жив начин на живот: слобода на мислење, слобода на говор, слобода од страв и притисок. Здравствениот систем е биде столб на оваа држава — модерни болници, достапни лекови, стручен кадар и превенција што штити семејства, наместо да ги остави ранливите сами да се борат. Ќе поставиме јасни правила, транспарентни процеси и нулта толеранција кон корупцијата која тоне животи и ја кочи промената “, рече Мицкоски.
Мицкоски ги потенцираше кочниците кои се вградени во сите институции и го кочат напредокот на граѓаните, затоа што истите функционираат како длабока држава, низ мрежи кои се шират низ сите институции, а понекогаш дури и низ етничките заедници.
,,Не можеме да го чекаме утрото додека ситни и големи кочници ја гушат работата на државата, кочници што се вградени во институциите, што делуваат тајно или откриено, и тие ја претставуваат во суштина длабоката држава во државата“, заклучи Мицкоски.
Македонија
Утре сончево време со локална облачност

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 21 степен.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
До почетокот на следната седмица ќе преовладува стабилно, сончево и релативно топло време со локална појава на облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен, а во сабота долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.