Спорт
(Фото) Новак Ѓоковиќ по петти пат е најдобар спортист во светот
Новак Ѓоковиќ по петти пат е најдобар спортист во светот. Првиот играч на АТП листата ја доби наградата „Лауреус“ за 2023 година во жестока конкуренција, а наградата на вечерашната гала церемонија во салата „Каса де Кореос“ во Мадрид му ја врачи легендарниот квотербек, Том Брејди.
Српскиот тенисер претходно ја доби престижната награда во 2012, 2015, 2016 и 2019 година.
„Лауреус“ се доделува од 2000 година, а Ѓоковиќ се израмни со својот поранешен голем ривал Роџер Федерер на врвот на вечната листа.
Усеин Болт има четири, додека никој друг нема три. Тајгер Вудс, Михаел Шумахер, Рафаел Надал и Лионел Меси, два пати биле лауреати.
Во потесниот круг за најдобар спортист во светот во 2023 година се најдоа и фудбалерот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд, светскиот рекордер во скок во височина Арманд Дуплантис, спринтерот Ноа Лајлс, повеќекратниот шампион во Формула 1 Макс Ферстапен и минатогодишниот победник фудбалерот Лео Меси.

Триесет иседумгодишниот Ѓоковиќ доминираше во 2023 година и освои седум трофеи, вклучувајќи три Грен слем титули на Австралија Опен, Ролан Гарос и Ју-ес Опен. Во финалето на Вимблдон беше поразен од Карлос Алкараз.
Аитана Бонмати, најдобрата фудбалерка на светот, е прогласена за спортистка на годината. Фудбалерката на Барселона ја предводеше Шпанија до титулата светски шампион, а минатата година со каталонскиот тим ги освои Ла Лига, Суперкупот и Лигата на шампионите.

Австралијката Ариса Тру беше прогласена за најдобра во екстремните спортови. Со само 14 години, младата скејтбордерка стана првата натпреварувачка која направила вртење од 720 степени.

Спортистот кој го направи најголемиот пробив е Џуд Белингем, фудбалер на Реал Мадрид. Англичанецот минатото лето пристигна во Мадрид и брзо стана најдобар играч на „кралскиот клуб“ со само 20 години. Наградата му ја врачи Карлос Алкараз, кој наградата ја доби минатата година.

Диде де Грот ја доби наградата Лауреус за најдобар меѓу спортистите со попреченост. Извонредната Холанѓанка е освојувач на 13 последователни Грен слем титули.
Кам-бекот на годината го направи американската атлетичарка Симон Бајлс, која во голем стил се врати по повреда и борба со менталното здравје. Таа ја освои наградата пред кошаркарот на Денвер, Џамал Мареј, британската атлетичарка Кетрин Џонсон-Томпсон, јужноафриканската рагбистка Сија Колиси, чешката тенисерка и победничка на Вимблдон Маркета Вондрушова и фудбалерот на Борусија, Себастијан Але.
Алесандро Дел Пјеро и Мартина Навратилова заеднички и ја доделија наградата на женската фудбалска репрезентација на Шпанија која беше прогласена за најдобра екипа во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Екитике го изедначи рекородт на „Кинг Кени“
Францускиот напаѓач Уго Екитике успеа да го израмни рекордот поставен од најдобриот играч на Ливерпул на сите времиња, Кени Далглиш, во сезоната 1977/78.
Ова лето, многумина беа изненадени кога Уго Екитике дојде на „Енфилд“ од Ајнтрахт Франкфурт. Особено затоа што беше платен за дури 80 милиони евра (плус 15 милиони во бонуси).
Сепак, неговиот трансфер остана во сенка на Флоријан Вирц (Баер Леверкузен) платен за 100 милиони фунти (околу 118 милиони евра) и особено на Александар Исак (Њукасл) за 125 милиони фунти (околу 145 милиони евра).
Сепак, засега, 23-годишниот Французин покажа повеќе од Германецот, а особено од Швеѓанецот.
Екитике е моментално најефикасниот играч на Ливерпул, постигна 12 гола, а она што клубот од „Енфилд“, особено го нагласи – како дебитант, постигна голови во пет различни натпреварувања, што пред него му успеа само на легендарниот Кени Далглиш во сезоната 1977/78.
Екитике постигна голови во Премиер лигата (8), Лигата на шампионите (1), Лига купот (1), Комјунити шилд (1) и последниот во ФА купот (1).
Славниот шкотски фудбалер дојде во Ливерпул од Селтик во летото 1977 година за да го замени Кевин Киген, кој ја продолжи кариерата во германски Хамбургер.
Неговиот трансфер претставуваше тогашен нов британски рекорд од 440.000 фунти (денес тоа би било околу 3,5 милиони фунти). Далглиш блесна во црвениот дрес истата сезона.
Шкотланѓанецот ја наследи „седумката“ на Киген и стана првиот и до оваа година единствениот играч на Ливерпул кој постигнал голови во пет различни натпреварувања во својата дебитантска сезона.
Далглиш подоцна освои рекордни 21 трофеи (шест титули во лигата и три Купа на шампиони) и беше прогласен за најдобар играч на Ливерпул на сите времиња, а од навивачите на Ливерпул го доби прекарот „Кинг Кени“.
Foto/ depositphotos
Спорт
За да добие нов договор Касемиро не смее да отсуствува до крајот на сезоната
Играчот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Касемиро, може автоматски да активира едногодишно продолжување на договорот на „Олд Трафорд“ ако започне одреден број натпревари оваа сезона.
Договорот на 33-годишниот Бразилец би бил продолжен до 2027 година, а воедно би ја задржал сегашната плата, но постигнувањето на таа цел би можело да биде предизвикувачко со оглед на тоа што Јунајтед, докрајот на сезоната ќе се натпреварува само во Премиер лигата.
Бразилскиот репрезентативец беше клучен играч под водство на Рубен Аморим и започна 18 натпревари во Премиер лигата оваа сезона, влегувајќи само еднаш од клупата. Тој пропушти два натпревари поради суспензии. Не започна ниту еден натпревар во куп натпреварите, бидејќи Јунајтед беше елиминиран во првите рунди од ФА Купот и Карабао Купот од Брајтон, односно Гримсби Таун.
Според „Атлетик“, Касемиро мора да започне 35 натпревари оваа сезона за да се активира клаузулата за автоматско продолжување. Откако веќе започна 18 натпревари во сите натпреварувања, му требаат уште 17 настапи. Точно толку натпревари колку што им остануваат на „Црвените ѓаволи“ до крајот на сезоната во Премиер лигата.
Затоа, Касемиро ќе мора да биде стартер на секој преостанат натпревар во лигата под водство на новиот менаџер Мајкл Карик за да го обезбеди својот престој.
Јунајтед може да одлучи да го активира продолжувањето дури и ако Касемиро не го достигне потребниот број настапи, но тоа нема да биде автоматско. Во моментов „нема индикации“ дека клубот планира да го стори тоа или да преговара за нов договор со пониска плата. Иднината на Касемиро затоа би можела да зависи од неговата улога во плановите на Карик.
Касемиро пристигна во Јунајтед во 2022 година од Реал Мадрид за почетна сума од 60 милиони фунти (80,7 милиони долари), со потенцијални бонуси од 10 милиони фунти вклучени во трансферот. Се верува дека овие бонуси веројатно нема да бидат платени бидејќи клубот не ја освои Премиер лигата или Лигата на шампионите за време на неговиот престој.
Foto/ depositphotos
Спорт
Почина газдата на Фиорентина, Роко Комисо
Претседателот на Фиорентина, Роко Комисо, почина на 76-годишна возраст, соопшти клубот од Фиренца.
„Со голема тага и заедно со неговата сопруга Катерина, децата Џузепе и Мариса и сестрите Италија и Рафаелина, објавуваме дека претседателот Роко Комисо почина. По долга борба со болеста, тој нè напушти утрово“, се вели во соопштението, пренесува Анса.
Комисо почина во САД, каде што живееше. Комисо, Италијанец натурализиран Американец, е роден во Марина ди Џоцо Јоника (Калабрија) на 25 ноември 1949 година.
Тој е сопственик на Фиорентина од летото 2019 година. Под негово водство, клубот од Фиренца стигна до две финалиња на Конференциската лига и едно финале на Купот на Италија.

