Свет
Русија со предупредување до Европа: Ако ни го земете имотот, одговорот ќе боли
Сојузникот на претседателот Владимир Путин во вторникот ја предупреди Европа дека Русија веќе го напишала законот за да се одмазди доколку Западот заплени речиси 300 милијарди долари руски имот и ги искористи за помош на Украина.
Откако претседателот Владимир Путин испрати војници во Украина во 2022 година, Соединетите Американски Држави и нивните сојузници ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии блокирајќи околу 300 милијарди долари руски средства на Запад, пренесуваат светските агенции.
Врвните функционери во Соединетите Американски Држави сакаат да запленат имот за да ѝ помогнат на Украина, иако некои банкари и европски функционери се загрижени дека таквите заплени на имот би создале опасен преседан.
Во саботата Претставничкиот дом на САД усвои закон со одредба, која овозможува заплена на руски имот, но лавовскиот дел од руските средства не е во САД, туку во Европа.
„Имаме подготвен одговор“, изјави Валентина Матвиенко, претседател на горниот дом на рускиот парламент, а пренесе државната новинска агенција РИА.
„Имаме предлог-закон со одмазднички мерки, што сме подготвени веднаш да го разгледаме.
„И Европејците ќе изгубат повеќе од нас“, рече Матвиенко, која е членка на рускиот Совет за безбедност.
Матвиенко не прецизира каков ќе биде одговорот на запленувањето на рускиот имот за што сè уште се разговара на Запад.
Една од опциите за која разговара Западот е да се конфискува приходот од имотот, без да се земе самиот имот.
Путин вели дека Западот почна економска војна против Русија тврдејќи дека руската економија, која минатата година порасна 3,6 отсто, е отпорна на западните санкции, кои имаат цел да ја запрат руската трговија.
Кремљ постојано повторува дека секое запленување на неговиот имот би било спротивно на принципите на слободниот пазар, што Западот ги прокламира и ќе ја поткопа довербата во американскиот долар и еврото, а ги одвраќа глобалните инвестиции и ја поткопува довербата во западните централни банки.
Русија соопшти дека ќе ја оспори секоја конфискација на нејзиниот имот на суд.
Некои руски функционери сугерираат дека ако се запленети руски имот, истата судбина би можела да ја доживее и имотот на странските инвеститори блокирани на специјални сметки во Русија.
Не е јасно колку точно пари има на овие сметки, според написите.
Претседателот на долниот дом на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, во понеделникот изјави дека Русија има основа да ги заплени имотите на Западот по усвојувањето на законот во американскиот Конгрес.
Володин рече дека од 280 милијарди долари замрзнати руски средства во странство, само 5 до 6 милијарди долари се во САД, а околу 210 милијарди евра се во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Првпат во Франција поднесен предлог за излез од НАТО
Во Франција за првпат е поднесен парламентарен предлог со кој се повикува на повлекување на земјата од НАТО. Иницијативата ја покрена потпретседателката на Народното собрание и членка на левичарската партија Непокорена Франција (LFI), Клеманс Гете, пренесува Танјуг.
Резолуцијата бара одвојување од западниот воен сојуз и доаѓа во момент на растечки сомнежи околу улогата на Соединетите Американски Држави и насоката на европската безбедносна политика, пишува Берлинер Цајтунг.
Гете наведе дека политиката на САД, вклучително и, како што тврди, „незаконското киднапирање на претседателот на Венецуела“ Николас Мадуро, заканите кон Гренланд, санкциите кон европски функционери и наметнувањето трговски договори, покажуваат дека САД „ефективно ѝ доделуваат на ЕУ статус на вазална држава“.
Според Гете, членството на Франција во НАТО ја изложува земјата на стратешки ризик и би можело да ја вовлече во конфликти кои не се во согласност со нејзините национални интереси.
Таа смета дека излегувањето од НАТО би ѝ овозможило на Франција да ја врати воената и дипломатската независност, да стане неврзана сила и, благодарение на нуклеарното одвраќање, самостојно да ја брани својата територија.
Истовремено, раскинот со алијансата, според неа, не би значел изолација. Франција би можела да го зголеми меѓународното влијание и да промовира мировни иницијативи во франкофонијата, во Обединетите нации, ОБСЕ и други меѓународни форуми.
Политичкиот контекст покажува дека ваков потег не е невозможен: левичарскиот сојуз LFI ја има најсилната пратеничка група во Народното собрание, додека десничарското Национално собрание на Марин Ле Пен исто така е критично кон НАТО.
Францускиот претседател Емануел Макрон во повеќе наврати изразуваше сомнежи околу насоката на алијансата, предупредувајќи на закани од Вашингтон, особено во врска со Гренланд. Во 2019 година, Макрон дури го опиша НАТО како „мозочно мртов“.
Свет
Минхенската безбедносна конференција ги поништи поканите за Иран поради репресијата врз демонстрантите
Организаторите на Минхенската безбедносна конференција соопштија дека ги поништиле поканите испратени до претставници на иранската влада за годинашното издание, кое ќе се одржи од 13 до 15 февруари, поради репресијата врз демонстрантите во Иран, пренесува АФП.
Од конференцијата наведоа дека поканите биле испратени пред неколку недели, но поради актуелните настани одлучиле да не ги почитуваат. Протестите поради високите трошоци за живот избувнаа на 28 декември и прераснаа во едни од најголемите антирежимски демонстрации од прогласувањето на Исламската Република во 1979 година.
Невладината организација Iran Human Rights соопшти дека најмалку 3.428 лица загинале, според потврдени случаи, додека други проценки зборуваат за над 5.000, па дури и до 20.000 жртви. Недостигот од интернет, како што се наведува, ја отежнува независната проверка на бројките.
Германското Министерство за надворешни работи претходно изјави дека не смета оти учеството на иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи би било соодветно.
Минатогодишната конференција беше одбележана и со контроверзните изјави на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кој ги обвини европските земји за поткопување на демократијата и слободата на изразување.
Свет
Првичен извештај: Пиротехниката во затворен простор причина за пожарот во барот во Кран-Монтана во кој загинаа 40 луѓе
Почетниот извештај за разорниот пожар во бар во Кран-Монтана, во кантонот Вале, во кој загинаа 40 лица, а повеќе од 100 беа повредени, укажува дека причина за трагедијата била употреба на огномет во затворен простор.
Според наодите на истражителите, во урнатините на барот е пронајдена голема количина пиротехнички средства. Во извештајот се наведува дека биле откриени 25 огнени фонтани, а при дополнителна претрага биле пронајдени уште околу 100 неактивирани фонтани, како и нелегални петарди.
„Овие фонтани содржат пиротехничка смеса која создава искри и пламен и се дизајнирани да произведуваат искри и пламен со акустичен ефект“, се наведува во извештајот, кој го пренесе Билд.
Истражителите се убедени дека пожарот избувнал кога огномет поставен врз шишиња шампањ бил активиран внатре во објектот. Пиротехничкиот експерт Ерих Фрај предупредува дека комбинацијата од огномет и стара, кршлива изолациска пена е исклучително опасна, бидејќи материјалот лесно се пали и овозможува брзо ширење на огнот и густ чад.
Извештајот содржи и потресни сведоштва на преживеани. Еден 19-годишен гостин изјавил дека, обидувајќи се да се пробие низ гужвата кон скалите, бил принуден да ползи преку телата на други повредени за да се спаси.
Истрагата за одговорноста за трагедијата во Кран-Монтана е во тек, а надлежните служби најавуваат дополнителна анализа на безбедносните пропусти и употребата на пиротехника во угостителски објекти.

