Спорт
Спорт Италија: Се подготвуваат револуционерни промени во Наполи
Наполи, минатата сезона ја освои Серија А. Тоа беше трета титула во клупската историја и прва од 1990 година. Сезоната по освојувањето на титулата е вистински кошмар за Наполитанците. Во финишот на сезоната, Наполи се наоѓа на осмото место со 49 бодови, дури 37 помалку од новиот шампион Интер.
„Спорт Италија“, пишува дека Наполи оваа сезона доживеа „огромно разочарување“ поради што во летниот преоден рок ќе „има ревилуционерни промени“. Претседателот на клубот Аурелио Де Лаурентис изјави дека ниту еден играч не е недопирлив, што значи дека сите би можеле да бидат продадени.
„Постои сериозна опасност од револуција која може да ги вклучи дури и клучните играчи кои го освоија Скудетото, како Џовани Ди Лоренцо (30) и Франк Ангуиса (28)“, пишува „Спорт Италија“.
Ди Лоренцо е репрезентативец на Италија и капитен на Наполи, со кого има договор до летото 2028 година. „Трансфермаркт“ неговата вредност ја проценува на 18 милиони евра. Во Наполи е од 2019 година, а претходно во кариерата играше за Кунео, Калабрија, Матера и Емполи.
Ангуиса е камерунски централен играч за врска чиј договор е до 2025 година, но постои опција да се продолжи за уште две сезони. Во кариерата играше во Марсеј, Фулам и Виљареал. Според „Трансфермаркт“ тој е проценет на 30 милиони евра.
„Спорт Италија“, тврди дека главната ѕвезда на Наполи, Виктор Осимхен (25) се поврзува со клубови како ПСЖ и Баерн, а Де Лаурентис неколку пати изјави дека за него ќе бара повеќе од 100 милиони евра. Тој има договор до летото 2026 година, „Трансфермаркт“ го проценува на 110 милиони евра.
Познато е веќе дека Пјотр Зјелински како слободен играч ќе се пресели во Интер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Поранешен играч на Јунајтед го тужи клубот за небрежност при лекување повреда
Поранешниот играч на Манчестер Јунајтед, Аксел Туанзебе, го тужи клубот за 1 милион фунти (1.300.000 евра) поради наводна „клиничка небрежност“ во третманот на повреда на грбот, тврдејќи дека таа му предизвикала „сериозни“ и долгорочни проблеми.
Туанзебе, кој поминал низ познатата фудбалска академија на клубот, ја поднесе тужбата во Високиот суд уште во јули, а сега се откриени клучни детали од случајот.
Главната поента на тужбата се однесува на стрес фрактура на долниот дел од ‘рбетот (фрактура на pars interarticularis) што ја претрпел во јануари 2020 година. Судските документи наведуваат дека повредата му предизвикала на играчот „значителна болка и непријатност од нејзиниот развој и влошување“.
Проблемот, се тврди, станал хроничен во јули 2022 година, кога Туанзебе ја претрпел истата повреда, но на десната страна од долниот дел од ‘рбетот. Во тужбата се наведува дека соодветен третман веројатно би спречил подоцнежни компликации.
„Соодветните планови за лекување веројатно би резултирале со тоа што тужителот би ја избегнал болката и непријатноста наведени подолу и би му овозможиле да игра професионален фудбал на елитно ниво без ограничувања или пречки“, се наведува во документите.
„Како што стојат работите сега, иако тој продолжува да игра на елитно ниво, тоа влијаело на неговата кариера и неговата заработка.“
Туанзебе и неговиот правен тим тврдат дека Манчестер Јунајтед не му дал доволно време да се опорави од повредата, ниту го упатиле кај специјалист за спортска хирургија на ‘рбетот откако се случила фрактурата.
Дефанзивецот, кој денес игра за Барнли, верува дека проблемот немало да стане хроничен доколку клубот постапел поинаку.
Туанзебе мина низ во младинската академија на Манчестер Јунајтед. Тој го имаше своето деби за првиот тим во 2017 година и одигра 37 натпревари.
Спорт
Милевски: Против Летонија имаме шанса да ја видиме и пошироката слика
Фудбалската репрезентација на Македонија утре (18 часот) игра пријателски натпревар против Летонија, во пресрет на завршницата од овој квалификациски циклус, гостувањето против Велс во Кардиф.
Селекторот Благоја Милевски вели дека нема да има калкулации, кога се игра за националниот тим секогаш се дава најдоброто.
„Нема потреба да калкулираме или да се штедиме, затоа што имаме доволно време за одмор пред натпреварот против Велс во Кардиф. Ќе се обидеме да испробаме некои поинакви опции, како на тактички план, а и да видиме физички во каква состојба се сите фудбалери. Летонија е квалитетна селекција, а победа секогаш е во нашите мисли. Секој натпревар е важен. На овој меч сакам да ја видам и пошироката слика на Македонија, мораме да размислуваме и за иднината. Акцентот секогаш го ставаме на тимот и така ќе биде и на овие натпревари”, изјави селекторот Благоја Милевски.
Фудбалската федерација на Македонија за утрешниот пријателски натпревар со Летонија донесе одлука за бесплатен влез на трибините на Националната Арена, како еден знак на благодарност до навивачите за поддршката која ја дадоа во овој квалификациски циклус.
Izvor/ ffm.mk
Спорт
Ѓоковиќ откри што сака да му пишува на надгробната плоча
Новак Ѓоковиќ, најуспешниот тенисер на сите времињај беше гостин во интервју со познатиот англиски новинар Пирс Морган.
Едно од најпаметните прашања што му ги постави Морган беше што би сакал да му биде напишано на надгробната плоча.
„Човек кој ги допре срцата на луѓето“, одговори Ѓоковиќ, потоа објасни и зошто.
„Еден од луѓето кои многу ми помогнаа со менталната сила и еден од најголемите спортски психолози кои некогаш живееле, д-р Џим Лоер, кој работел со многу шампиони и играчи број еден во светот, и во машкиот и во женскиот тенис. Едно од неговите главни прашања е: Што би сакале да ви биде напишано на надгробната плоча?
Тоа е одлично прашање. И ве тера да размислите, ве тера да се прашувате, знаете, како сакате да бидете запаметени.
Јас, би сакал, мислам, очигледно, достигнувањата и резултатите и круните и титулите – тоа е нешто на што сум многу горд. Не можам тоа да го игнорирам. Многу сум горд на тоа. Цел живот работев напорно за да стигнам до местото каде што сум сега и да бидам во оваа дискусија. Затоа го прифаќам со голема гордост“, рече српскиот тенисер.
„Но, навистина верувам дека мојот тениски татко, како што го нарекувам, почина пред нешто повеќе од еден месец, а јас бев на неговиот погреб. И тоа беше првиот погреб на кој некогаш сум бил. И мојот најголем впечаток од тоа, покрај неверојатната тага и емоции што ги почувствував, е човечката врска, врските што ги остави зад себе и ги воспостави за време на својот живот и кариера.
Како ги допре срцата на луѓето кои беа не само на тој погреб, туку и во тенискиот клуб, што беше мал настан по погребот одржан во негова чест. Начинот на кој луѓето зборуваа за него не беше за тенисот и она што го постигна како играч или како тренер, или кого тренираше итн.
Се работеше за тоа кој беше тој како личност. Како се однесуваше кон луѓето. Како ги промени животите на младите луѓе или на секој што му беше близок. И така сакам да бидам запаметен“, заклучи Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ ја освои својата 101-ва АТП титула во кариерата на крајот од минатата недела. Тој победи во Атина во финалето против Италијанецот Лоренцо Мусети. Тој стана најстариот победник на АТП турнир откако беше воспоставена АТП турнејата во 1990 годинa.
Foto/ EPA

