Македонија
Ковачевски: Имаме задача да не се откажеме од европскиот сон за подобра и просперитетна држава за идните генерации

„Нашата генерација има задача да не се откаже од европскиот сон на земјата и да направи сè за Македонија да стане рамноправна членка на Европската Унија“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на митингот на Коалицијата за европска иднина во Кичево.
Ковачевски истакна дека денеска кога чествуваме 121 година од смртта на македонскиот револуционер, идеолог и учител, Гоце Делчев, важно е да се потсетиме дека низ историјата нашиот народ не се откажувал дури ни пред најтешките предизвици. Порача дека 8 мај е нов историски крстопат, денот кога сите прогресивни и демократски сили во државата треба да одлучат државата одлучно да продолжи на патот кон Европската Унија.
„Само така ќе изградиме подобра и просперитетна држава за идните генерации. Држава со европски животен стандард, европски вредности, европски правила на игра“, рече Ковачевски.
Ако ВМРО ДПМНЕ и Силјановска се дограбат до власта, ќе стават рампа на патот на Македонија кон Брисел и ќе можеме да се збогуваме од ЕУ, истакна Ковачевски.
„Не смееме да ја повториме грешката од минатото и да дадеме преголема моќ во рацете на десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ. Уште се свежи раните што ѝ ги нанесоа на државата за време на нивното 11-годишно владеење на Македонија. Сетете се на заробените медиуми, замолчените вработени во јавниот сектор, натепаните студенти во библиотеките и плоштадите. Сетете се на милионите потрошени за жални врби, лажен барок, евтин стиропор само за да се богатат поединци од ВМРО – ДПМНЕ“, истакна Ковачевски.
Лидерот на СДСМ пред граѓаните на Кичево најави повисоки плати и пензии, пакети за поддршка на учениците и студентите, одговорна социјална политика и одлучна борба против криминалот и корупцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Коцевски: Издадена наредба за приведување на седум полицајци, истрагата за Кочани се проширува

Издадена е наредба за приведување на седум полицајци со што практично се проширува истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загина 61 лице, а над 100 беа повредени.
„Во однос кои се тие полициски службеници и што се дел од истрагата, јавното обвинителство за дел веќе има отворено истрага, меѓутоа еве ќе кажам во моментов, ми јавуваат, дека има издадено наредба за приведување на уште седум полициски службеници и утре ќе бидат изведени пред јавниот обвинител, а потоа и пред судија на претходна постапка“, рече државниот обвинител Љупчо Коцевски во емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“.
Коцевски рече дека објектот „Пулс“ не бил познат само на полицијата туку бил познат на целиот град, на локалната самоуправа и на сите надлежни институции кои што требало да функционираат.
Тој, исто така, истакна дека 13 години во Кочани не е извршен никаков инспекциски надзор на објектот.
Од обвинителството кусо соопштија дека во рамки на предистражна постапка МВР постапува на терен во врска со обезбедување на полициски службеници.
Повеќе информации се очекуваат во текот на утрешниот ден.
Македонија
Сончево и топло време за Велигден

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има врнежи од дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 23 степени.
До петок ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа поројни, проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, сончево и топло.
Македонија
Антикорупциска со низа замерки за Законот за угостителска дејност

Државната комисија за спречување на корупцијата утврди низа пропусти во законите за угостителска дејност,инспекциски надзор и законот за заштита и спасување. Од таму бараат измена и ревизија, а ова доаѓа по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Меѓу слабостите е уписот на физички лица во Регистарот за вршење угостителска дејност без претходна проверка од надлежен орган за исполнетоста на минимално техничките услови и постапката и условите за давање лиценца
ДКСК утврди слабости и кај казнивоста односно висината на казните не е сразмерна со тежината на можните последици особено кога прекршувањата се однесуваат на заштитата на животот, здравјето и безбедноста на луѓето.
Според антикорупционерите, исто така, неопходно е прецизирање на законските членови со кои се уредува издавањето лиценци за угостителските објекти, бидејќи според нив има недоречености, нејасни правила, судир меѓу законите и недозволени дискрециони овластувања.