Македонија
Таравари: Ветувам дека кога ќе ја формираме Владата ќе трчаме уште посилно отколку во кампањата

„Со верба ветувам дека јас и сите челници на ВЛЕН кога ќе ја формираме Владата ќе трчаме уште посилно отколку во кампањата“, ова беше првото јавно ветување што Арбен Таравари го даде на големиот митинг во Тетово, додавајќи дека по 8ми мај нема да им биде удобно во кожните фотелји, туку ќе работат уште повеќе за сите.
Таравари нагласи дека иако имал многу понуди од Али Ахмети, тој избрал да биде со народот.
„Не сакам да се задржам многу. Оваа кампања беше незаборавно искуство за мене! Најдов пријатели и тим како ВЛЕН, видов и предавство од некои, кај кои како и кај секој предавник останува само сенка, но во повеќето најдов многу верба и храброст! Имав многу понуди од Али Ахмети, понуди на кои некои мои сопартијци не можеа да одолеат… но јас избрав да бидам ти. Горд сум што го направив овој избор и нека ни е Среќна Победата!“ – истакна Таравари.
Убеден во победата, Таравари рече дека Историската промена ќе остане запаметена како Револуција на светлата.
„Сега сè започна со некои светла од мобилни телефони, кои се палеа дури и кога режимот викаше дека ги гаси светилките на народот… овие светилки се спротивставија… се зголемија и денес тие се светлината на слободата што ја дигнаа земјата на нозе! Сега ги поканувам моите колеги од ВЛЕН на сцената и сакам сите да се фотографираат со вашите светла и да знаат сите дека оваа Историска промена ќе биде запаметена како Револуција на светлата. Господ да ве благослови!” рече Таравари во своите завршни зборови пред илјадници граѓани во Тетово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Детали за случајот со Геријатрија: Директорот знаел дека пациентот е богат, барал 100.000 евра за да го смести во болницата

Директорот на болницата за Геријатрија, Мухсин Арифи, кој е осомничен за поткуп, знаел дека пациентот кој требало да се смести во установата бил богат и барал 100.000 евра поткуп. Кога роднината на пациентот кажал дека тоа се многу пари, директорот предложил до сумата да се дојде преку продажба на стан кој го поседувал пациентот. По неколку средби, сепак, било договорено роднината да даде 20.000 евра за да смести болното лице во болницата.
Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција објави детали за случајот. Од таму соопштија дека е побаран притвор за две лица, односно за директорот Арифи и за уште едно лице што му помагало.
Првоосомничениот, односнот директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, во периодот од 19.03.2025 до 08.04.2025 година, во неколку прилики директно побарал значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морал да го изврши.
Поткупот го побарал од сведок во постапката – давател на доживотна издршка за лице кое боледувало од повеќе состојби и на кое по лекарски препораки и упатување му било потребно болничко згрижување во наведената установа. Кога сведокот се обратил во установата бидејќи состојбата на пациентот се влошувала, била известена дека пациентот е ставен на листа за чекање за прием.
По неколку дена добила повик од второосомничениот, кој и закажал средба со директорот на Установата на 19.03.2025 година во вечерните часови во еден угостителски објект во Скопје.
На средбата, првоосомничениот лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран, за што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува, па ветил помош за сместување ако биде награден со 100.000 евра. Жената-сведок реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувал пациентот, што не било опција бидејќи станот бил опфатен со договор за доживотна издршка.
На 03.04.2025 година била реализирана средба меѓу сведокот и помагачот, како лице во кое директорот имал целосна доверба, а на 04.04.2025 година повторно сведокот се сретнал со двајцата осомничени. Конечно било договорено сведокот да даде 20.000 евра како гаранција за да го смести пациентот во болницата, а доколку првоосомничениот „со проверки“ утврди дека пациентот има и дополнителен недвижен имот тој имот да се продаде за да се обезбеди вкупно побараниот износ од 100.000 евра.
Согласно овој договор, на 08.04.2025 година жената-сведок се сретнала со второосомничениот, кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра, по што на лице место бил фатен од страна на полициските службеници.
Македонија
895 сообраќајни прекршоци вчера на територијата на целат држава, 273 за брзо возење

На подрачјата на осумте Сектори за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден полициските службеници во рамки на интензивните сообраќајни контроли издадоа вкупно 895 платни налози, по преземени мерки по основ на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и по основ на Законот за возила, извести МВР.
„По однос на изречените прекршочни санкции и натаму најголемиот број изречени прекршоци против возачи се однесуваат на непрописно паркирање 299, а 273 се однесуваат на непочитување на брзината на движење. Потоа следат прекршоците по основ на непоседување на возачка дозвола 67, па прекршоците за некористење на сигурносен појас 54, за користење на мобилен телефон при возење 21, како и 11 прекшоци што ги сториле пешаци.
Во рамки на контролите, во девет случаи евидентирано е минување на возило на црвено светло, 12 возачи управувале возило под дејство на алкохол, а евидентирани се и 17 нерегистирани возила како и седум возила кои што биле технички неисправни согласно ЗВ“, соопштуваат од МВР и додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Крајна фаза од реконструкцијата на улицата Радушка во Ѓорче Петров

Реконструкцијата на улицата „Радушка“ во Ѓорче Петров која сега изгледа модерно и безбедно за сите корисници е во завршна фаза, известува општината.
„Станува збор за поставување ново асфалтно-бетонско покритие на 1.110 од вкупно 2.200 метри од улицата, поточно од гробиштата до ул.„Црногорска“ во вредност од 25 милиони денари (со вклучен ДДВ), средства од општина Ѓорче Петров.
На оваа улица, досега, изградена е нова фекална и атмосферска канализација, што значително ја подобрува инфраструктурата, направен е нов тротоар од една страна од улицата за поголема безбедност на пешаците, додека онаму каде што немаше осветлување, поставени се нови светла, кои ја зголемуваат безбедноста во вечерните часови“, соопшти општината.
„Во оваа фаза на проектот вложени се значајни средства од општина Ѓорче Петров, и покрај сите предизвици, резултатите се очигледни – една поинаква, модерна и безбедна улица за сите нас.
Со завршувањето на овие 1.110 метри, целосно ќе се заврши реконструкцијата на улицата. Ова е само дел од напорите за подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во нашиот град. Работиме напоредно на сите сфери кои се исклучиво од интерес на граѓаните и јавното добро“, додаваат од општина Ѓорче Петров.