Македонија
Ковачевски: Демократијата е како кислород – кога е тука, не ја забележуваме, кога ќе ја снема, се чувствуваме задушено
Да не си играме со нашите демократски вредности и да осигураме силен СДСМ во Собранието за да може да бидеме чувари на демократските институции. Да осигураме дека нема да ја вратиме државата во „дивите“ времиња на ВМРО ДПМНЕ и Груевски“, порача лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски од завршниот митинг во Скопје.
„ Демократијата е како кислород. Кога е тука, не ја забележуваме. Кога ќе ја снема, почнуваме да се чувствуваме задушено. Кога нема демократија, настапува смрт. Смрт за слободни медиуми, за слободна мисла, за слобода на изразување за слобода на протест. Едноставно шепотите седите дома, се криете и немате каде да го кажете вашето мислење. Да не си играме со нашите демократски вредности и да осигураме силен СДСМ во Собранието за да може да бидеме чувари на демократските институции. Да осигураме дека нема да ја вратиме државата во „дивите“ времиња на ВМРО – ДПМНЕ и Груевски“, рече Ковачевски.
Лидерот на СДСМ потенцираше дека мора да продолжиме да се бориме и да ја менуваме Македонија ако сакаме да направиме европска држава со ред и поредок, повисок стандард, високо ниво на безбедност и стабилност.
„Затоа и ја креиравме нашата Програма за европска иднина. За повисоки плати и пензии! За поголема поддршка за младите, за студентите, учениците, за ранливите. За поголема поддршка за стопанството и земјоделството. За енергетски независна држава. За конечна и одлучна борба против криминалот и корупцијта. За подобро образование и здравство. За повеќе и подобро за сите!“
Ковачевски ги повика граѓаните на изборите в среда да гласаат совесно и одговорно и да ги поддржат пратеничките листи на СДСМ и Коалицијата за европска иднина и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски како единствена опција која има сила и знаење да ја внесе државата во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.
Македонија
Силните дождови поплавија подруми и гаражи во Охрид
Локални дождови вчера и во текот на ноќта имаше на повеќе места во државата. Регионалниот Центар за управување со кризи (ЦУК) Охрид, известува дека се добиени пријави на граѓани за поплавување на подруми и гаража на две куќи на ул. „Стив Наумов“, во Охрид. Од страна на Општина Охрид е контактирано со ЈП „Нискоградба“ и ЈП „Колекторски систем“ дека колекторскиот систем не можел да ја прими во целост количината на вода која поради обилните врнежи од дожд, бидејќи во тој период на пороен дожд количината вода била голема. За кратко време состојбата е санирана.
Од ЦУК потсетуваат за голема внимателност при појава на локалните нагли метео промени и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења. Препораките се да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Потсетување има и за внимателно возење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на помали одрони при вакви променливи метео услови. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.