Свет
Амбасадорите на ЕУ и САД во Москва нема да присуствуваат на инаугурацијата на Путин
Амбасадорите на Европската Унија и Соединетите Американски Држави во Москва нема да присуствуваат на церемонијата на инаугурација на рускиот претседател Владимир Путин.
Портпаролот на ЕУ Петер Стано рече дека оваа одлука е во согласност со ставот на мнозинството земји-членки на блокот.
„Нашиот амбасадор нема да присуствува, повеќето земји-членки нема да присуствуваат“, рече Стано, а пренесе Ројтерс.
Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер изјави дека американскиот амбасадор во Москва нема да присуствува на инаугурацијата на рускиот претседател.
Ројтерс вчера објави дека францускиот амбасадор во Русија ќе присуствува на инаугурацијата, за разлика од Германија која нема да испрати свој претставник.
Неименуван извор за агенцијата изјавил дека Париз претходно го осудил „контекстот на репресијата во кој се одржаа изборите, лишувајќи ги гласачите од вистински избор“, како и организирањето избори на украинските територии „окупирани“ од Русија, за кои Франција смета дека има прекршување на меѓународното право и повелбата на Обединетите нации.
Германија најави дека нема да испрати свој претставник на инаугурацијата на Путин.
Балтичките земји, кои веќе немаат дипломатски претставници во Москва, исто така категорично ја отфрлија можноста да присуствуваат на инаугурацијата на Путин.
Денеска ќе се одржи инаугурацијата на рускиот претседател Владимир Путин, со што и официјално ќе започне неговиот петти шестгодишен мандат.
Путин на претседателските избори во март освои 87,28 отсто од гласовите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Политико“: Сојузниците сè повеќе ја губат довербата во САД поради Трамп
Клучните сојузници на САД, меѓу кои Германија, Франција и Канада, сè почесто ја доживуваат Америка како непредвидлива и проблематична сила на светската сцена поради политиките на претседателот Доналд Трамп, покажува ново меѓународно истражување, објави Политико.
Анкетата на POLITICO–Public First покажува дека значителен дел од испитаниците во Германија и Франција, како и мнозинството во Канада, сметаат дека САД се негативна глобална сила. Во Обединетото Кралство ставовите се поделени, но повеќе од една третина имаат негативна перцепција.
Речиси мнозинство во сите четири земји верува дека САД почесто создаваат проблеми отколку што ги решаваат. Повеќето Канаѓани и речиси половина од испитаниците во Германија и Франција сметаат дека САД ги предизвикуваат своите сојузници, додека значаен дел од Британците велат дека на Америка не може да се смета во време на криза.
Свет
Полска поставува противдронски систем на границата со Белорусија
Полска постави прв противдронски одбранбен систем на новa набљудувачкa кула во близина на границата со Белорусија, како дел од зајакнатите безбедносни мерки, објави Еуроњуз.
Системот е инсталиран во местото Ожерани и ќе биде оперативен од јануари, потврди министерот за внатрешни работи, Марчин Кервински.
За време на божиќните празници, повеќе од 6.000 припадници на армијата, граничната полиција и полицијата ќе бидат распоредени на границата. Полските власти соопштија дека годинава спречиле речиси 30.000 обиди за нелегален премин.
И покрај засиленото обезбедување, хуманитарната состојба на границата останува тешка, при што активистите предупредуваат дека и натаму има жртви меѓу мигрантите. Во исто време, опозициската група БЕЛПОЛ тврди дека во близина на Минск се гради фабрика за оружје, која наводно ќе произведува артилериска и ракетна муниција за Русија.
Свет
Зеленски: Подготвени нацрти за завршување на војната со Русија
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека Украина и САД подготвиле неколку нацрти на документи поврзани со безбедносни гаранции, обнова и рамка за завршување на војната со Русија, по неколку рунди разговори одржани за време на викендот во Мајами, објави „Кијив Пост“.
Зеленски наведе дека работата била продуктивна и дека документите се структуирани со цел да обезбедат „вистински крај на војната и да спречат трета руска инвазија“, но додаде дека и понатаму постојат разлики меѓу договореното на хартија и состојбата на бојното поле.
Разговорите уследија по дипломатски тензии предизвикани од протекување на американски мировен план од 28 точки, кој предвидувал откажување од членство во НАТО и територијални отстапки од страна на Украина. По реакцијата на Украина и европските партнери, бил подготвен алтернативен план од 20 точки, кој бил детално разгледан со американската страна.
Иако нацртот од 20 точки е речиси завршен, Зеленски призна дека некои одредби остануваат неприфатливи и за Киев и за Москва, а траен прекин на огнот сè уште е далеку.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека преговорите продолжуваат и дека „одат добро“, без да открие конкретни чекори или рокови. Украинските власти предупредуваат дека без јасни и применливи безбедносни гаранции, секој договор може брзо да пропадне.

