Европа
(Видео) Украинците објавија снимка: „Ова се руски агенти, сакаа да го убијат Зеленски“

Украинските разузнавачи соопштија дека спречиле руски заговор за атентат на претседателот Володимир Зеленски. Украинската служба за државна безбедност СБУ објави дека фатила руски агенти, кои биле вработени во украинската државна гарда. Разузнавачките претставници велат дека руски агенти планирале да ги убијат претседателот и други високи владини функционери.
Шефот на СБУ, Васил Маљук, изјави дека неуспешниот атентат требало да биде подарок за Владимир Путин пред неговата денешна инаугурација.
СБУ на својот канал на „Телеграм“ објави тврдење дека руски таен агент ги пренел координатите на безбедната куќа пред планираниот воздушен напад. Претставници на разузнавањето додадоа дека Русија планирала да ги уништи сите траги од дронот што би се користел за гаѓање на претседателот со друг проектил.
„Непријателот активно развиваше планови за да го тргне претседателот Володимир Зеленски. Една од задачите на руската разузнавачка мрежа ФСБ беше да бара џелати меѓу војниците блиски до службата што го штити претседателот, кои би можеле да го убијат шефот на државата“, соопштија од СБУ.
„Покрај Володимир Зеленски, непријателот планира да ги елиминира и шефот на Службата за безбедност на Украина, Васил Маљук, шефот на Воената разузнавачка служба на Украина, Кирил Буданов, и други високи функционери“, се вели во соопштението.
„Ограничен број луѓе знаеја за нашата специјална операција и јас лично го следев нејзиниот напредок. Терористичкиот напад, кој требаше да биде подарок за Путин пред инаугурацијата, всушност беше неуспех на руските специјални служби“, рече Маљук.
„Но, не смееме да заборавиме – непријателот е силен и искусен, не може да се потцени. Ќе продолжиме да планираме однапред и да си ја работиме работата секој предавник да ги добие заслужените судски казни“, заклучи тој.
СБУ наведува дека при претресот на просториите на уапсените руски агенти биле пронајдени „релевантни средства за уништување“ и други докази за криминални активности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Идниот германски канцелар за падот на берзите: Драматично е, а може да биде и полошо

Фридрих Мерц, шефот на германската ЦДУ, кој се очекува да ја преземе функцијата германски канцелар, предупреди дека ситуацијата на светските пазари на акции и обврзници може дополнително да се влоши.
„Пазарите се во драматична состојба, што се заканува со понатамошна дестабилизација“, рече Мерц во изјава за „Ројтерс“.
Тој нагласи дека сега „е поважно од кога било Германија што побргу да ја врати меѓународната конкурентност“, а ова прашање треба да биде во центарот на коалициските преговори на неговата конзервативна опција со социјалдемократите.
Мерц се залага за пониски даноци, намалување на бирократијата и пониски цени на енергијата.
Утрово продолжи насилниот пад на светските берзи. Кон средината на минатата недела американскиот претседател Доналд Трамп ги потресе објавувајќи повисоки царини на увозот од очекуваното.
Додека Кина возврати со контрамерки, инвеститорите стравуваат од ескалација на царинската војна, нарушувања во меѓународната трговија, зголемување на инфлацијата и забавување на растот на најголемите економии, па дури и рецесија.
Поради тоа, цените на акциите утринава остро паднаа на азиските берзи, но и на европските.
Европа
Тинејџер избоден до смрт во Лондон, уапсени двајца 16-годишници

Двајца тинејџери се уапсени кога 17-годишник беше избоден до смрт во саботата во западен Лондон.
Полицијата била повикана околу 13.10 часот по пријава за напад со нож на улицата Ерконвалд во Шепердс Буш. На местото на настанот биле пронајдени две млади момчиња со убодни рани.
Еден од нив, 17-годишниот Кеирон Чарлс, починал на самото место, потврди лондонската полиција.
Уште едно 16-годишно момче е пренесено во болница со повреди што не се опасни за животот. По лекувањето, тој бил отпуштен и уапсен поради сомнение за убиство. Тој моментно е во притвор.
Третиот осомничен, исто така 16-годишен, го напуштил местото на настанот, но бил уапсен вчера рано наутро и исто така е во притвор, соопшти лондонската полиција. Истрагата за убиството е во тек.
Европа
Шефот на НАТО за мировниот договор: Топката е јасно на теренот на Русија

Русија веројатно нема да може да им диктира услови на САД за прекин на огнот во војната во Украина, но руското раководство навистина треба да стори повеќе за „да стави крај на оваа војна“, рече генералниот секретар на НАТО Марк Руте во интервју за „Си-би-ес Њуз“.
Според него, по неодамнешните преговори во Вашингтон, на кои учествуваше пратеникот на Кремљ, Дмитриев, „топката очигледно е на теренот на Русија“.
„Тие не се движат доволно брзо. Мојот впечаток, вклучително и впечатокот што го добивам од моите американски соговорници, е дека Русија навистина треба да направи повеќе за да стави крај на оваа војна“, рече Руте.
Во исто време, тој истакна дека поради американскиот претседател Доналд Трамп „се преселивме од мртва точка“ во однос на војната во Украина.
„И јас сум му благодарен за тоа. Морам да кажам дека сојузниците овде, во последните неколку дена на средби со министрите за надворешни работи, целосно ги поддржуваат напорите на САД да ја доведат оваа војна до праведен и траен крај“, нагласи генералниот секретар на НАТО.
Сепак, Руте не е сигурен дека рускиот претседател Владимир Путин сериозно размислува да стави крај на неговата голема воена агресија против Украина. „Мислам дека ова сега е тест“, заклучи Руте.