Култура
Заокружена серијата мурали што го отворија 19. издание на АКТО-фестивалот за современи уметности
Серијата мурали во државата – акцијата со која и официјално се отвори најновото 19-то издание на АКТО-фестивалот за современи уметности, во организација на здружението Факултет на работи што не се учат – ФРУ од Скопје, е заокружена со последните два мурала во Кичево и Скопје.
Во центарот на кичевската чаршија, на Националната установа Центар за култура „Кочо Рацин“, на надворешната и на предната фасада е реализиран мурал од уметницата Ивана Самандова, во соработка со уметниците Александар Џинго и Методиј Исков. Идејата зад муралот е да поттикне размислување за потребата за соработување меѓу луѓето, особено во полето на уметничките и креативните контексти/дејности.
Во соработка со ФРУ – Скопје идејата за овој мурал е делумно инспирирана од релјефот на Јордан Грабулоски, македонски академски вајар и уметник, кој го има изработено на спомен-костурницата во Кичево. Од истиот тој релјеф композициски се презема инспирацијата да се преобрази во еден поинаков контекст преку кој се нагласува хармонична соработка помеѓу луѓето (во сооднос со самата порака), но и ја доловува функцијата на домот на култура – како простор каде што се негуваат културата и уметноста иницирани од индивидуалци и групи. Кога заедно би создавале и негувале услови во кои сите би се чувствувале поддржани едни меѓу други, преку заедничката соработка би се развила и здрава потреба за творештво во заедница во која едни со други, меѓугенерациски, си помагаме и го потхрануваме нашиот заеднички и индивидуален развој.
Муралот, кој се реализира во март во Скопје, на зградата што се наоѓа на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, побуди позитивни чувства и кај соседните згради, така што резултира со уште една иницијатива за реализација на мурал како вид завршно заокружување на целиот проект и подарок кон станарите. Поткрепени со ентузијазмот на станарите во зградата и поддршка од ФРУ, уметницата Ивана Самандова во соработка со Ана Трајковска и Доротеј Нешовски реализира мурал на зградата бр. 37. На овој мурал е поставен цитат од Бертхолт Брехт, кој вели: „Наместо само да бидете слободни, создадете услови што ги ослободуваат сите!“ Со овој мурал фокусот е пренасочен на визуелни елементи со деца како симболика на реална слобода, особено во аспекти на однесување, изразување и размислување.
Преземајќи го извадокот од песната за солидарност од авторот Бертхолт Брехт, идејата е да се воспостави траен повик дека со поддршката, разбирањето и постапките на заедницата може да се создадат иницијативи и услови што ја ослободуваат истата заедница од повеќето форми на опресија и рестрикција водејќи кон поздрава и поволна состојба на живеење критикувајќи го строгиот и наметнат индивидуализам.
Серијата мурали (во Скопје, Прилеп и во Кичево), од кои два се во соработка со две јавни културни институции и уште два со две заедници по нивно барање, се темелат на концептите за солидарност, правдина, соработка и слобода, со надеж дека долго време ќе останат визуелен потсетник за неопходноста на борбата за да дојдеме до нив – со силата на заедништвото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.

