Македонија
ДИК: До 13 часот за претседател гласале 302.158, на парламентарните 312.070 граѓани
До 13 часот пристигнати се податоци за одѕивот на гласачите за претседателските избори од 2.472 избирачки места. Од вкупно запишани 1.261.526 гласачи на овие избирачки места, гласале 302.158, односно 23,95 %.
Најголем одѕив во моментот за претседателските избори има во Крива Паланка – 46,44 %. Најмал одѕив за претседателските избори има во Липково – 3,28 %.
Во споредба со вториот куг од претседателските избори во 2019 година имаме зголемување на одѕивот од 3,49 % на овие избори, А во споредба со првиот круг од претседателските избори во 2024 имаме намалување од 0,7 %.
До 13 часот пристигнати се податоци за одѕивот на гласачите за парламентарните избори од 2.348 избирачки места. Од вкупно запишани 1.207.922 гласачи на овие избирачки места, гласале 312.070, односно 25,84 %.
Најголем одѕив во моментот за парламентарните избори има во Кривогаштани – 48,65 %. Најмал одѕив за парламентарните избори има во Маврово и Ростуше – 11,91 %.
Во споредба со парламентарните избори во 2020 година имаме зголемување на одѕивот од 2,03 % на овие избори.
Одѕивот по изборни единици за парламентарните избори е следен:
Изборна единица 1 – 31,18 %
Изборна единица 2 – 23,91 %
Изборна единица 3 – 29,18 %
Изборна единица 4 – 26,40 %
Изборна единица 5 – 25,04 %
Изборна единица 6 – 16,71 %
До овој момент до ДИК се доставени вкупно 313 приговори за заштита на личното избирачко право. Од нив, 105 приговори се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат своето право на глас, 9 приговори се отфрлени како неуредни, а 40 приговори се одбиени. Другите приговори се во обработка.
Овој изборен ден го набљудуваат 1.303 домашни набљудувачи, 860 меѓународни набљудувачи и 83 странски новинари.
Активен е и бесплатниот телефонски број 0800 555 44, на кој заинтересираните граѓани може да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија.
Исто така, активна е и видеолинијата на бројот 076 488 360, преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе може во текот на изборниот ден преку видеоповик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Финансиска поддршка за квалитетни проекти и активности“: Герасимовски упати јавен повик за граѓанските организации
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, упати повик до сите зруженија и фондации кои дејствуваат на територијата на општина Центар да се пријават за финансиска поддршка за 2026 година.
Средствата се наменети за поддршка на локалната заедница, со фокус на развојот на микро-бизнисите, програмите и проектите за млади, социјалните услуги, родовата еднаквост, заштитата на животната средина и образованието за возрасни.
Герасимовски посочи дека невладините организации се докажани партнери на општината, промотори на позитивни вредности и нови идеи.
„Ги повикувам сите здруженија и фондации што имаат добра идеја и квалитетен проект да се пријават на јавниот повик и да ја искористат можноста за финансиска поддршка“, порача градоначалникот Герасимовски.
Рокот за поднесување пријави и документација е 10 дена од денот на објавувањето на веб-страницата на Општина Центар.
Пријавите може да се достават преку пошта на адресата Општина Центар – Скопје, улица „Михаил Цоков“ бр. 1, или во Архивата на Општина Центар (барака 6) од 9 до 15 часот.
Повеќе информации за јавниот повик на: Јавни повици | Општина Центар
Македонија
„Кога Венко на нареден прес ќе ја менува Богданка, добро е да одговори зошто би го рушеле преку Шилегов“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Околу внатрешните проблеми на СДС, кланот Дубаи, Венко и Заев, ВМРО-ДПМНЕ нема да се меша. Но, бидејќи СДС и Венко по секоја цена сакаат со сила да го вмешаат ВМРО-ДПМНЕ би поставиле неколку логични прашања“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Прво, Венко на наредната прес-конференција кога ќе ја заменува портпаролката Богданка Кузевска треба да одговори како Шилегов е на ВМРО ДПМНЕ, а Филипче беше советник на министер од ВМРО ДПМНЕ.
Второ, како за кус период сите кои не мислат како Филипче, за Филипче станаа ВМРО-ДПМНЕ преку ноќ?
Трето, зошто воопшто ВМРО-ДПМНЕ би го рушела Филипче, преку Шилегов, кој СДС како најголем конкурент на ВМРО-ДПМНЕ ја направи трета партија во земјава, а петта во Скопје?
Четврто, дали има некој поистакнат член на СДС, освен Жерновски од ЛДП, кој денес не бара оставка на Венко Филипче?
Додека Филипче се кара за темата кој бил повеќе на ВМРО-ДПМНЕ, добро е да одговори на овие прашања. Се друго е бегање од реалноста и од сопствената одговорност“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Снег со слаб интензитет провејува во Струмица, Крушево и Ѓавато кој не се задржува на коловозот
АМСМ информира дека сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај. Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, велат од АМСМ.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Снег со слаб интензитет провејува во Струмица, Крушево и Ѓавато кој во мометов не се задржува на коловозот. Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози.
На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

