Македонија
Честитки од ЕУ и САД до Силјановска-Давкова за победата на претседателските избори
Пристигнуваат честитки од Европа и САД за големата изборна победа на Гордана Силјановска-Давкова.
Вчера, со своја честитка за професорката Гордана Силјановска-Давкова се огласи и амбасадорката на Швајцарија во Македонија, Вероник Улман. Во нејзината честитка стои:
„Искрено и честитам на Македонија за фер и демократските избори. Честитки за госпоѓата Гордана Сиљановска-Давкова на изборот за првата жена претседателка. Швајцарија со нетрпение очекува да ја продолжиме блиската соработка помеѓу нашите две земји.“
Професорката Давкова упати благодарност за честитките. Во нејзиниот одговор е наведено:
„Почитувана амбасадорке Улман, Ви благодарам на Вашите честитки. Женската солидарност особено ми значи. Нашите две земји имаат одлична соработка и со задоволство очекувам да работиме на зацврстување на македонско-швајцарските односи.“
Честитки до професорката Гордана Сиљановска-Давкова за историскиот избор за прва жена претседателка на Македонија, денеска, на социјалната мрежа Х упати сенаторката од Њу Хемпшир, Џин Шахин. Во нејзината честитка стои:
„Честитки за Гордана Сиљановска-Давкова, првата избрана жена за претседателка на Македонија. Како силен НАТО сојузник, со нетрпение очекувам да работам со Вас, особено за поддршка на вашите напори за членство во ЕУ.“
Професорката Гордана Сиљановска-Давкова се заблагодари на честитките, истакнувајќи го следново:
„Почитувана сенаторке Шахин, Ви упатувам благодарност за Вашите честитки. Секогаш ја потенцирам важноста на женската солидарност. На тој начин ние инспирираме! Со особено задоволство очекувам да ја прошириме нашата соработка и нашето стратешко сојузништво во НАТО, како и да ги продлабочиме пријателските македонско-американски односи.“
Честитки по повод победата на професорката Гордана Сиљановска-Давкова стигнаа и од Европската Унија. Професорката Сиљановска-Давкова упати јавна благодарност преку следното соопштение:
Денеска, како избрана претседателка, добив официјално соопштение од Европската Унија со кое ми се честита победата на изборите.
Темелот на мојата на кампања беше градењето на КОНСЕНЗУС помеѓу сите политички партии во Собранието, како од власта, така и од опозицијата, граѓанското општество и македонските граѓани, независно од нивните разлики.
Нашиот клучен стратешки проект е Европската интеграција и истата останува да биде темел за градењето на консензус помеѓу различните чинители во општеството.
Потенцирам дека под мое водство нашата надворешна политика ќе продолжи да биде целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
Проширувањето останува најголемото надворешно политичко достигнување на Унијата и во овој клучен час за Европа, повикувам на продолжување на пристапниот процес базиран на најважните европски вредности и основните принципи на основачките договори на Европската Унија, меѓу кои се владеењето на правото, демократијата и почитувањето на идентитетот на сите европски граѓани и народи.
Како еден од основачите на Европското движење во Македонија (и поранешна Југославија), повеќе од 30 години работам посветено на процесот на евроинтеграција преку афирмација на европските вредности во нашето општество, како и на конкретни граѓански иницијативи за реформи во повеќе сектори, како правосудството, здравството, образованието, безбедноста итн. Особено потенцирам дека секогаш сум се залагала за активно вклучување на граѓаните како клучни чинители во пристапниот процес кон ЕУ.
Вчера, на 9 мај го прославивме Денот на Европа, потсетувајќи се на големата идеја на Шуман, за европско обединување базирано на мир и солидарност, јадрото на денешната Европска Унија. Таквата силна симболика е мојот прв и основен принцип по кој ќе се водам како претседателка.
Со нетпрение очекувам да ја продолжам соработка со Европската Унија за конечно заокружување на европската интеграција на целиот регион.
Честитки на македонски јазик за победата на проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, завчера, 9 мај 2024 година на социјалната мрежа фејсбук, упати претседателот на Република Франција, Емануел Макрон. Во честитка се потенцира француската поддршка за Македонија кон целосна евроинтеграција при што е наведено следново:
„Се отвора нова страница кај нашите македонски пријатели. Ја поздравувам храбрата посветеност на Стево Пендаровски, а на Гордана Сиљановска-Давкова ѝ ги упатувам моите срдечни честитки за изборот за Претседател. Франција остнува на страната на Македонија за да ја придружува во реформите и нејзината европска иднина.“
Професорката Гордана Сиљановска-Давкова упати благодарност за честитиката на македонски и на француски јазик, истакнувајќи ја улогата на Франција како една од основачите на ЕУ и потенцирајќи дека како претседателка ќе се залага за градење на консензус кој ќе овозможи македонските граѓани да живеат европски. А исто така, ја потенцира и билатералната соработка за зајакнување македонско-француските односи. Во одговорот на професорката Гордана Сиљановска-Давкова стои:
„ Претседателе Макрон, Ви благодарам за честитките! Франција, како една од земјите основачи на ЕУ има најважна улога и одговорност за успех на европскиот проект. Вашата поддршка се надевам ќе го отвори патот на Македонија кон Европа, а она што можам да се заложам е дека ќе градам консензус за реформи кои ќе им овозможат на македонските граѓани да живеат европски. Воедно, како две пријателски земји во мојот мандат ќе работам на зајакнување на билатералните односи, особено економската, културната и научната размена.“
Пријателска честитка на изборот за претседателка на проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова упати претседателот на Република Унгарија, Тамаш Суљок . Во честитката на унгарскиот претседател стои:
„Честитки за Гордана Сиљановска-Давкова на изборот за нова претседателка на Македонија. Со задоволство очекувам да соработуваме и да ги зајакнеме нашите билатерални односи.“
Благодарност за честитката изрази професорката Гордана Сиљановска-Давкова потенцирајќи ја важноста на европската интеграција. Во нејзиниот одговор на унгарски и на англиски јазик, наведено е следново:
„Почитуван претседателе Суљок, Ви благодарам на Вашите честитки. Да ја продолжиме нашата соработка во насока на зацврстување и продлабочување на нашите одлични македонско-унгарски односи и да работиме заедно на заокружување на проектот за европска интеграција.“
Целосната кореспонедција по повод честитките до проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова може да ја проследите на нејзините профили на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

