Спорт
Шаховската сезона продолжува со отворените првенства на Македонија –ИМ Панчевски и ИМ Коскоска се први носители
Откако во текот на април започнаа шаховските активности со одигрувањето на екипните првенства во младинска конкуренција, како и со стартот на квалификациите за Втората лига, викендов во Скопје стартува Отвореното првенство на Македонија во шах, кое, наедно, се смета и за национално државно првенство. Паралелно со него посебно ќе се игра и Првенството во женска конкуренција.
Минатогодишните шампиони ВМ Звонко Станојоски и ФМ Моника Стојковска, обајцата членови на ШК Алкалоид, не се на стартната листа, па ако остане така, ќе биде извесно дека на крајот од турнирот ќе има нови државни прваци.
Предвидено е да се играат 9 кола според швајцарскиот систем, при што секој играч има на располагање 90 минути со додаток од 30 секунди за потег. Просечниот рејтинг според провизорната стартна листа на учесници изнесува 1781 поени.
Вкупно петмина шахисти кои се дел од првите 20 на листата на ФИДЕ како играчи со највисок рејтинг во државава ќе бидат дел од ова отворено првенство. Во согласност со таквиот распоред на силите, тие петмина можат да се прогласат за фаворити, а меѓу нив се и членовите на ШК Алкалоид ИМ Филип Панчевски и ИМ Тони Лазов, како прв и четврти носител.
ИМ Филип Панчевски ја освои титулата во 2022 година, но минатата година токму ИМ Тони Лазов имаше неколку успешни настапи со кои го сврте вниманието на себе. На Екипното првенство на Македонија за екипата на ШК Алкалоид имаше скор од 6 поени од 6 партии, а потоа играјќи за македонската репрезентација на Европското првенство во Црна Гора стигна до 6,5 поени од 7 партии, со што ја освои и првата велемајсторска норма.
На Отвореното првенство се пријавени 60 играчи, меѓу кои десетина се од младинските категории, од кои најголемиот дел настапуваат за новоформираниот ШК Мулти Есенс, кој, исто така, е под закрила на компанијата „Алкалоид“ АД Скопје.
Десет имиња се на списокот на учеснички на женскиот турнир, при што три од нив се дел од таборот на фармацевтите. Женскиот ИМ Габриела Коскоска засега е прв носител на овој турнир со просечен рејтинг од 1694 поени, а покрај неа тука ќе бидат и младите шахистки Леа Ефтовска и Бонита Јакимова. Според официјалниот распис, планирани се 9 кола како и на Отвореното првенство.
Партиите од првото коло стартуваат в сабота, 11 мај, од 17:30 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Јуриќ доби отказ, на неговото место доаѓа Паладино
Италијанските медиуми пред пет дена објавија дека два натпревари ќе ја одредат судбината на Иван Јуриќ на клупата на Аталанта.
Првиот го доби, против Марсеј во Лигата на шампионите, во вториот доживеа дебакл на домашен терен од Сасуоло (0:3).
Италијанскиот инсајдер, новинарот, Николо Скира, тврди дека Иван Јуриќ ќе биде отпуштен. Според овој извор, Аталанта има фаворит за нов тренер.
Тоа е Рафаеле Паладино, кој зад себе има само два тренерски ангажмани. Ја водеше Монца (2022-2024) и Фиорентина минатата сезона. Двете страни треба да потпишат договор со до летото 2027 година.
Јуриќ ја презеде Аталанта ова лето од клупската легенда Џанпјеро Гасперини, а во 15 натпревари постигна само четири победи со осум нерешени резултати и три порази.
Спорт
Хамилтон: Ова е кошмар, го живеам веќе некое време
Луис Хамилтон не можеше да ја скрие својата фрустрација по уште еден тежок викенд во Ферари. Британецот доживеа серија судири, казни и конечно се повлече во Сао Паоло, продлабочувајќи ја кризата во својата дебитантска сезона во црвениот болид. Седумкратниот шампион признава дека веќе некое време се чувствува како да е заглавен во кошмар.
Седумкратниот светски шампион мораше да се откаже по хаотичниот настап обележан со комбинација од судири, казни и технички проблеми.
Хамилтон имаше две „блиски средби“, прво со возачот на Вилијамс, Карлос Саинц, а потоа и со Франко Колапинто од Алпин.
Хамилтон подоцна призна за „Скај Спортс Ф1“, дека тешко се носи со резултатите што ги постигнува оваа сезона.
„Ова е кошмар, го живеам веќе некое време“, рече Хамилтон. „Таа разлика помеѓу сонот да возам за овој неверојатен тим и кошмарот од резултатите што ги имаме, подеми и падови – тоа е предизвикот.“
„Сепак, ќе се издигнам, ќе продолжам да тренирам и да работам со тимот. Навистина сакав да освојам поени овој викенд, но ќе се вратам најсилен што можам на следната трка и ќе се обидам да го поправам тоа.“
Спорт
(Видео) Нестварни сцени во Канада – снег до колена, натпревар на векот и ножичките на Родригез
Фудбалерите на Атлетико Отава ја освоија својата прва титула во Канадската Премиер лига (КПЛ) откако го победија Кавалри ФК со 2:1 во продолжение во неверојатни услови, среде снежна бура. Херој на вечерта беше Давид Родригез, кој ги постигна двата гола за својот тим и им го донесе историскиот трофеј од Купот Норт Стар.
Двата тима во неделата вечерта во Отава се бореа со времето исто колку и едни со други, а битката за шампионската титула се одвиваше во речиси невозможни услови.
Почетокот на натпреварот беше одложен поради обилните снежни врнежи. Персоналот користеше механизација и лопати во текот на целата ноќ за да ги расчисти линиите на стадионот ТД Плејс, а понекогаш и самите играчи им притрчаа на помош.
Навивачите кои се осмелија да дојдат на стадионот и покрај студот беа предупредени да не фрлаат снежни топки на теренот.
Гостите од Калгари први поведоа. Фрејзер Ерд погоди од пенал во 32-та минута, но славењето не траеше долго. Само неколку минути подоцна, Давид Родригез израмни со спектакуларен удар со ножички.
По основните 90 минути, резултатот остана 1:1, а имаше пауза од речиси еден час за повторно да се исчисти теренот од снегот.
Кога играта продолжи, одлучувачкиот момент се случи во 106-та минута. Родригез прими долга топка од Мани Апарицио и го лобуваше голманот Марко Кардучи за водство и, како што се покажа, победа.
За Атлетико, ова е прва титула во нивната историја, откако загубија во финалето од Форџ ФК во 2022 година. Од друга страна, Кавалри ФК, шампионите во 2024 година, не успеаја да ја одбранат титулата.

