Свет
Путин го смени долгогодишниот министер за обрана Сергеј Шојгу со малку познат политичар, Андреј Белоусов, чија специјалност се економски прашања

Рускиот претседател Владимир Путин предложи нов министер за одбрана на функцијата која од 2012 година ја извршуваше Сергеј Шојгу. Кремљ објави дека Шојгу ќе биде заменет со поранешниот прв вицепремиер Андреј Белоусов, малку познат политичар, чија специјалност се економски прашања.
Сергеј Шојгу, пак, кој е министер за одбрана од 2012 година и кој ја водеше руската војска низ нејзината инвазија на Украина, сега е именуван за секретар на Советот за безбедност на Русија, во чија надлежност е советување на претседателот на државата за прашања од националната безбедност. Како дел од неговите должности во Советот за безбедност, како што соопшти Кремљ, ќе биде советување за воено-индустриски прашања.
Шојгу ќе го замени Николај Патрушев на местото претседател на Советот за безбедност. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека следната позиција на Патрушев ќе биде објавена во наредните денови.
Песков додаде оти Кремљ сака да назначи економски експерт на чело на Министерството за одбрана во услови на зголемени трошоци поврзани со руските безбедносни мерки.
Инаку, Сергеј Шојгу важи за близок до рускиот претседател и е еден од основачите на партијата Единствена Русија, чиј водач своевремено беше Владимир Путин пред преземањето на претседателската функција во 2012 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Неколку згради во Бангкок се евакуирани како мерка на претпазливост поради последиците од земјотресот

Неколку згради во Бангкок се евакуирани поради извештаи за вибрации и пукнатини кои се појавиле во зградите, објави Бангкок пост.
Bеше објавено и дека во ѕидовите се слушнало пукање, што предизвикало паника кај многу жители, како и кај владините службеници кои живеат во одредени згради во строгиот центар на Бангкок.
Евакуацијата започнала околу 10 часот. Меѓу погодените беа зградите на владиниот комплекс на патот Ченг Ватана, Министерството за труд во областа Дин Даенг и зградите на судот на патот Рачадаписек.
Луѓето беа евакуирани и од седиштето на Државната банка за домување во округот Хуаи Кванг, Кривичниот суд во Рачадафисек и Канцеларијата за социјално осигурување во Дин Даенг.
Свет
Трамп: Зеленски сака да се повлече од договорот за минерали, ќе има проблеми ако го направи тоа

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски сака да се повлече од договорот за минерали, пренесоа американските медиуми.
Трамп го предупредил украинскиот лидер дека ќе се соочи со големи проблеми доколку го стори тоа, наведува Ројтерс.
„Тој се обидува да се повлече од договорот за ретките земји. Но, ако го направи тоа, ќе има проблеми, големи, големи проблеми“, им рече Трамп на новинарите.
Зеленски на 28 март, по добивањето на новиот американски нацр-договор, кој според него е „драматично проширен“, изјави дека Киев нема да прифати никаков договор за ретки минерали, кој би ја загрозил интеграцијата во Европска Унија.
Свет
Жена спасена по 60 часа под урнатините, најмалку 1.700 загинати во земјотресот во Мјанмар

Три дена по силниот земјотрес што го погоди Мјанмар, властите проценуваат дека загинале најмалку 1.700 луѓе.
Спасувачките тимови се обидуваат да пронајдат уште преживеани под урнатините на зградите во Мјанмар и Тајланд, а во заедничка петчасовна спасувачка операција спроведена од кинески, руски и локални тимови, една жена е спасена по 60 часа под урнатините на хотелот Great Wall во градот Мандалеј, јавува Ројтерс.
Во објава на Фејсбук од кинеската амбасада во Мјанмар утринава се вели дека спасената жена е во стабилна состојба.
Во шест региони на Мјанмар е прогласена вонредна состојба по разорниот земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала.
Во исто време, спасувачките тимови во главниот град на Тајланд, Бангкок, продолжуваат со фанатична потрага по луѓе кои се уште се водат како исчезнати во урнатините на урнатата кула од 30 ката, јавува Франс 24.
Во Бангкок, според денешните официјални податоци на градската власт, загинале најмалку 18 лица, 33 се повредени, а 78 се водат како исчезнати.
Светската здравствена организација (СЗО) е на терен во двете земји, обезбедува итна помош и ги координира операциите за спасување, изјави во Женева портпаролот на СЗО Тарик Јашаревиќ.