Култура
Поетски портрет на Веле Смилевски во Битола
Во Културно-информативниот центар, во свечената сала на Офицерскиот дом во Битола, утре (14 мај) во 12 часот ќе се одржи портрет на поетот Веле Смилевски.
За творештвото на Веле Смилевски ќе зборуваат Милица Радевска и Симона Ристевска, а музичката придружба е на Влатко Симоновски и Тамара Василевска. Стихови од творештвото на поетот ќе читаат гиманзиски ученици од средното училиште „Таки Даскало“, кое утре го одбележува својот патронен празник.
Веле Смилевски основно и средно образование заврши во Битола. Годинава се одбележува неговиот јубилеј, 75 години живот и 50 години творештво. По тој повод неодамна, во рамките на годишната програма на министерството за култура, излезе од печат избор од неговото творештво под наслов „Кула Вавилонска“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа
Фото: Арбнора Мемети
Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.
Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.
Фото: Иво Велчевски
Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.
Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.
Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.
Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.
Култура
Солистички рецитал „Звуци на срцето и душата“ – Есенски музички свечености 2025
Дирекцијата за култура и уметност на Скопје известува дека во рамки на 25. издание на „Есенски музички свечености“ ќе се одржи солистички рецитал за баритон и пијано насловен „Звуци на срцето и душата“ утревечер, 6 ноември, четврток, со почеток во 20:00 часот во Салон 19 19 (Културно информативен центар).
На рециталот ќе настапат Берислав Јерковиќ (баритон) и Ана Дадиќ (пијано) од Хрватска.
Берислав Јерковиќ – баритон
Берислав Јерковиќ е дипломец по Пеење, Диригирање и Музичка педагогија, со докторски студии на Универзитетот во Загреб. Има изведено бројни солистички улоги во опери низ Европа, Африка и Америка, а настапувал со врвни оркестри и ансамбли. Добитник е на повеќе награди за вокални и диригентски настапи и активен е како професор на Академијата за уметност во Осиек, каде е и раководител на Одделот за музичка уметност.
Ана Дадиќ – пијано
Ана Дадиќ е пијанистка и флаутистка со дипломи од Музичката академија во Загреб и Академијата за музика во Љубљана. Добитничка е на над 35 први награди на национални и меѓународни натпревари и астапувала во повеќе европски земји. Соработувала со истакнати оркестри и ансамбли, меѓу кои Загрепската н филхармонија и Квартет Руцнер. Моментално работи како корепетитор во Уметничкото училиште за танц „Силвија Херцигонја“ во Загреб.
Култура
Уметноста и индустрискиот дизајн на „Југопорцелан“ во фокусот на изложба во Велес
На 10 Ноември во 19 часот во Ликовниот салон при Народниот музеј Велес, ќе биде претставена изложбата насловена „Порцеланови луѓе-Развој на индустрискиот дизајн во фабриката за порцелан „Борис Кидрич“ Титов Велес-1954-2003“.
Изложбата е резултат од истоимениот истражувачки проект спроведен во текот на изминатата година од авторите Јасминка Намичева, Филип Фидановски, Јасмина Дамјановска, Екатерина Намичева Тодоровска, соработник Ангел Коруновски. Автор на фотографии е Александра Костадиновска. Проектот е во организација на Здружението за архитектура, дизајн и култура-Архифакт-Скопје во соработка со ЛУ Народен музеј Велес и Државен Архив на РСМ-подрачна единица Велес. Проектот е подржан од Министерството за култура и туризам на РСМ. Благодарност и до Дејан Атанасовски, директорот на Комерцијална банка – филијала Велес, за поддршката и разбирањето кон значењето на културното наследство како темел на општествената меморија.
На изложбата преку претставувањето на повеќе од 300 порцелански предмети, дизајнерски скици и цртежи, гипсени модели, калапи , фотографии и мноштво интервјуа со уметниците дизајнери, се обидуваме да рехабилитираме мал дел од огромната производствена продукција на фабриката Југопорцелан од Титов Велес, бидејки таа претставува не само индустриски, туку и културно-уметнички феномен, сведоштво за применетата уметност и за творештвото на дизајнерите-уметници што дејствувале во рамките на овој производствен капацитет. Ги претставуваме уметничките биографии на дизајнерите уметници -Милан Терзовски, Војко Јаневски, Тодор Јорданов, Гавро Петрушевски, Сузана Зафировска, Сута Даева Тодоровска, Благородна Николова и др. кои во периодот од 1955 год. до крајот на 1990тите биле дел од декорното односно покасно од 1971 год.дизајнерско одделение на фабриката.
Отсуството на потпис, на авторско име и поединечна биографија во архивите на индустрискиот дизајн не е само документарна празнина, туку симптом на една поширока културна состојба – на „невидливоста“ што ги следела дизајнерите во индустрискиот систем на социјалистичката епоха, особено во раните педесетти и шеесетти години кога идеологијата на индустрискиот труд ја славела колективната продукција. Идеологијата на индустрискиот труд, која ја афирмираше колективната продукција, зад себе остави скромна документација, а токму тој недостиг денес ја нагласува вредноста на секој пронајден предмет и секое зачувано сведоштво што ја оправдува уште повеќе идејата на авторите на проектот за истражувања врз основа на кои е создадена релевантна колекција на дизајнерски порцелански предмети од продукцијата на Југипорцелан.
Постоењето на „луѓе кои паметат“ нам ни овозможи да ја реализираме целта – да се погрижиме да го зачуваме името и меморијата за фабриката и луѓето кои го оставија забележано своето име меѓу страниците на нејзината историја, кои некогаш функционираа, мечтаеja, се радуваа, тагуваа, да ги направиме бесмртни, да не паднат во заборав. Патот на континуираното пронаоѓање, зачувување и заштитување на меморијата не е лесен, но најважно од сè е да се сеќаваме за да не заборавме. Без сеќавање не постои целосна човечка личност.

