Свет
„Раѓаме бебиња само за да ги изгубиме“: плачот на мајките од Газа чии деца беа убиени во нападите
Раним Хиџази се сеќава дека цврсто го држела својот едногодишен син Азуз пред израелскиот воздушен напад. Дронот што лета над нивната зграда во Појасот Газа беше сѐ погласен и погласен, а таа претчувствуваше дека нешто лошо ќе се случи. „Што и да ми се случи мене, ќе му се случи и нему“, забележува таа. Раним не се сеќава на моментот на ударот, но добро се сеќава на последиците што нападот ги остави врз неа и нејзиното семејство. „Не го чувствувате самиот удар, само ги отворате очите и сфаќате дека сте под урнатините“, вели таа.
Си-ен-ен ја пренесува приказната за мајките од Појасот Газа, кои минале низ страшни моменти поради жестоките израелски напади.
Раним веднаш почнала да го бара Азуз сѐ додека нејзината свекрва не викнала. „Таа го најде над мојот стомак и веднаш го подигна. Таа го држеше телото на Азуз, а неговата глава падна на мојот стомак“, изјави таа за Си-ен-ен. Од тој момент 24 октомври и остана врежан во сеќавањето бидејќи тогаш се прашуваше дали сака да продолжи да живее. Таа првин побарала од семејството да ја остави да умре, но наместо тоа, тие се обиделе да ја извлечат од уништената куќа во Кан Јунис.
„Ногата не ми се гледаше, а раката ми висеше за телото на мало парче месо. Се обидов да го откинам, но не успеав, па само го ставив преку стомакот“, вели таа. Кога пристигнала во болница, мислеле дека е мртва, но бидејќи била во осмиот месец од бременоста, лекарите повторно ја прегледале и ѝ направиле царски рез. Рано ја добила ќерката Маријам, а го изгубила синот Азуз.
„Кога ќерката го зеде првиот здив, јас се вратив во живот. Докторите ми рекоа дека нејзиното раѓање е чудо“, вели таа. Раним ја раскажува својата приказна лежејќи во болнички кревет во Доха. Нејзината лева рака е ампутирана, а двете нозе претрпеле големи оштетувања поради што мора да мине низ многубројни операции.
„Ќерка ми е таа што ме спаси. Кога сфатив што ми се случи, си реков: Не ја сакам. Сакам мојот син да се врати. Немав сила да ја погледнам, а камоли да се грижам за неа“, вели Раним.
Таа е рано евакуирана од Газа на понатамошно лекување еден месец по нејзината повреда, а Маријам е со баба ѝ и дедо ѝ во Египет. Раним не ја држи својата ќерка во рацете повеќе од шест месеци. Лекарите ја уверуваат дека повторно ќе може да оди.
„На ортопедија работам околу 21 година. Видот на повредите, сериозноста на повредите и видот на инфекции со кои се соочивме кај пациентите во Газа се нешто што досега не сум го сретнал“, вели ортопедскиот хирург Хасан Абухејлех. Тој мораше да им каже на многу пациенти дека нивните ампутации, иако неопходни за да се спасат нивните животи, може да се избегнат доколку им се укаже соодветна помош во Газа.
Повеќе од 4.800 луѓе се евакуирани од Газа на лекување откога Израел ја почна својата воена офанзива.
Израел одби 42 отсто од барањата за медицинска евакуација, соопштија Обединетите нации, а затворањето на преминот Рафа нагло ги прекина сите медицински евакуации на тешко болните и на повредените пациенти од Газа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина го осуди притисокот од Унгарија и Словачка
Министерството за надворешни работи на Украина го осуди и отфрли, како што наведува, притисокот и ултиматумите од владите на Унгарија и Словачка поврзани со снабдувањето со енергија. Од Киев велат дека ваквите потези се провокативни и неодговорни, особено во момент кога Русија извршува масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура.
Во соопштението се наведува дека заканите од Будимпешта и Братислава ја загрозуваат енергетската безбедност на целиот регион.
„Во услови кога Москва се обидува да им ги скрати струјата, греењето и гасот на Украинците оваа реторика му помага на агресорот и истовремено им штети на енергетските компании од Унгарија и Словачка“, се вели во соопштението.
Алтернативни начини на снабдување
Украина соопшти дека е во постојан контакт со Европската комисија за последиците од руските напади и дека им доставила информации на Унгарија и Словачка за оштетувањата на нафтоводот Дружба. Работите за стабилизирање на инфраструктурата продолжуваат и покрај постојаната закана од нови ракетни удари.
Киев, исто така, понудил алтернативни начини за снабдување со неруска нафта за Унгарија и Словачка.
„Украина секогаш била, е и ќе остане доверлив енергетски партнер на Европската унија и транзитна земја за енергенси“, се вели во соопштението.
Украина најави дека може да активира Механизам за рано предупредување предвиден со Договорот за асоцијација со ЕУ, поради како што велат, неоснованите закани.
Киев ги повика владите на Унгарија и Словачка на конструктивна соработка, истакнувајќи дека ултиматумите треба да се испраќаат до Кремљ, а не до Украина.
Закани од Словачка и Унгарија
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, порача дека ќе ја прекине итната испорака на електрична енергија за Украина ако Киев во рок од два дена не продолжи со испорака на руска нафта кон Словачка. Словачка, заедно со Унгарија, е една од ретките земји на ЕУ што сè уште зависи од руска нафта преку нафтоводот Дружба.
И унгарскиот премиер, Виктор Орбан, се закани дека Унгарија може да ја запре испораката на електрична енергија за Украина ако не се обнови транзитот на нафтата. „Ако тоа го запреме, може да се случат сериозни последици“, рече Орбан.
Прекин на испораката на нафта
Испораката на руска нафта преку нафтоводот Дружба е прекината од 27 јануари, откако според Украина, руски дрон нападнал опрема во западна Украина. Словачка и Унгарија во последните денови ја заострија својата реторика за продолжување на снабдувањето.
Од октомври минатата година, Русија го засилила нападите врз украинскиот енергетски систем, уништувајќи снабдување со струја и топлина. И покрај војната, Украина продолжува да дозволува користење на својот територија за извоз на руска енергија во Европа, иако таа е значително намалена.
Свет
Американски професор по право: Трамп ризикува нови тужби за најновите царини
Американскиот професор по право, Алан Б. Морисон, изјави дека би бил „шокиран“ ако не следуваат нови тужби против Доналд Трамп поради најновите глобални царини што американскиот претседател ги воведе за увоз во САД.
Морисон, професор на Правниот факултет на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, за Sky News изјави дека Трамп „се обидува да направи многу работи што според законот не може“.
„Вчера рече дека ќе воведе давачка од 10 отсто, денес е 15 отсто, утре може да биде 25 отсто“, истакна професорот.
Претходно Трамп порача дека новата глобална царина од 15 отсто за увоз стапува на сила веднаш и дека станува збор за максималната стапка што може да ја наметне според постојното законодавство.
Морисон предупреди дека претседателот има „страшна буџетска нерамнотежа“ и дека би можел да мора да врати околу 150 милијарди долари на увозниците, што би претставувало „голем проблем за него“. Парите се од претходно воведените царини кои Врховниот суд ги прогласил за незаконски, но Трамп инсистира дека нема да бидат вратени.
Професорот објасни дека Трамп можел да воведе нови царини преку други закони кои во одредени околности тоа дозволуваат, со цел да се обиде да надомести дел од загубите од претходните царини.
Свет
Трамп ги зголемува новите царини од 10 на 15%
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе воведе глобални царини од 15%, продолжувајќи да се спротивставува на одлуката на Врховниот суд со која се укинати неговите претходни царини за увоз.
Трамп во петокот изјави дека ќе ги замени царините што ги укина судот со данок од 10% на сите стоки што влегуваат во САД.
Но, сега на „Truth Social“ тој објави дека ова ќе се зголеми на 15%.
Новите царини ќе стапат на сила во вторник, 24 февруари, и можат да останат на сила само околу пет месеци пред администрацијата да мора да побара одобрение од Конгресот.

