Македонија
За опожарениот автомобил на директорот на „Идризово“, Обвинителството обезбеди снимки од видеонадзорот од околните објекти

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и вешти лица од Одделот за форензички истраги на МВР извршија увид во Кисела Вода, каде што во текот на ноќта беше опожарен службен автомобил во сопственост на КПУ „Идризово“ – Скопје, кој го користел директорот на установата.
„Прибрани се траги од самото место, кои ќе бидат предмет на вештачење, со цел да се утврдат причините за опожарувањето. Обезбедени се снимки од видеонадзорот на околните објекти и се преземаат други дејства“, соопшти Обвинителството.
МВР извести дека ноќеска во 3.35 часот, во полициската станица во Кисела Вода било пријавено дека изгорел службениот „пасат“ на директорот на затворот „Идризово“, Зоран Јовановски.
Во пожарот нема повредени, но огнот зафатил и фасада на зградата покај која бил паркиран, а изгореле и предмети на балконите на подолните катови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собранието да се консолидира и да почне да ја врши својата функција, бара Хелсиншкиот комитет за човекови права

„Се навршија речиси две недели од трагедијата во Кочани, а Собранието уште ги одложува своите седници, меѓу кои и седницата за пратенички прашања. Неприфатливо и неодговорно е пратениците да не одржуваат седници во време на ваква трагедија кога граѓаните очекуваат одговори, кога треба да се анализира системот и да се договараат следните чекори што би можеле да ги преземе Собранието во рамките на своите надлежности“, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Од таму потсетуваат дека законодавната функција на Собранието е само една од основните уставни функции кои ги има тоа.
„Собранието има и претставничка и надзорна функција, а пратеничките прашања се една од основните форми на надзор над работењето на Владата и другите носители на јавни функции.
Собранието има механизми преку кои може да дејствува како што е формирање на постојани и привремени работни тела за секое прашање од јавен интерес. Во конкретниот случај, според член 76 од Уставот, Собранието може да се формира анкетна комисија за сите области и за секое прашање од јавен интерес и нејзините наоди можат да претставуваат основа за утврдување на одговорност за носителите на јавни функции.
Оттука несфатливо е што Собранието имајќи ги овие механизми на располагање наместо да ги искористи, одлучи да не одржува седници. Логично е да се постави прашањето каква е потребата од постоењето на највисокиот претставнички орган на граѓаните, кога народните избраници коишто го сочинуваат, одлучија да останат неми пред граѓаните што ги избраа во моменти кога им се најпотребни.
Ако ништо друго, закажувањето на седница за пратенички прашања исто така, можеби ќе го отвореше просторот за посуштествена дебата и на некој начин ќе ги артикулиураше насоките по кои што треба да се движат работите понатаму. Воедно седницата ќе дадеше можност пратеници и Собранието јавно да искажат сочувство до семејствата на жртвите и жалење за страшната трагедија.
Граѓаните очекуваат дека по трагедијата што се случи во Кочани, целокупниот систем, вклучително и нивните избраници ќе придонесат кон борбата против корупцијата и за исправање на неправилностите и големата поделеност во општеството и притоа ќе бидат ефикасни и бескомпромисни.
Очекуваме Собранието да се консолидира и да ги употреби сите механизми со кои располага и пратениците да се обединат во напорите за зголемување на функционалноста на системот и против општествените девијации.
Граѓаните од своите избраници, како и од другите носители на јавни функции, бараат системот да функционира без привилегии за никого и законите да важат за сите подеднакво“, соопштува Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, утринава, во 05 часот и 04 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од пограничното епицентрално подрачје Битола-Лерин, во соседна Република Грција, на 125 км јужно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда ML3.4.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола и блиската околина со интензитет од
III-IV степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
Без струја денеска дел од Карпош, Сарај и Бутел

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од село Горно Нерези и Горни Крушопек, општина Карпош и општина Сарај;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од ул. Призренска бр. 1, 2, 3, 6, 8, 9, 18, 22 и 53, општина Бутел.