Македонија
Левицата: Изборниот систем сите нас нè краде, скратени сме за најмалку два мандата

„Донтовиот изборен модел, поделен во шест изборни единици, заедно со неколкукратно спроведуваниот геримандеринг на нивните граници, уште еднаш ги сруши темелите на демократијата и еднаквоста како уставни категории. Ваквиот изборен модел овозможи легална изборна манипулација со гласачкото тело, што се покажува како најголем непријател за гласот на граѓаните и на штета на Левица“, реагираат од оваа партија.
Појаснуваат дека согласно логиката на овој неправеден изборен модел, 23.725 гласови односно 34.55% од добиените гласови на Левица, не се валоризирани во пратенички мандати.
„Овој изборен модел го поништил секој трет глас за Левица! Па така, за Левица да добие еден пратеник биле потребни околу 11.000 гласови, додека за еден пратеник на ДПМНЕ или ДУИ било потребно нешто над 7000 гласови.
Доколку гласовите беа вреднувани еднакво, Левица во овој пратенички состав ќе имаше најмалку 2 пратеника повеќе во овој парламентарен состав.
Ако се земе предвид и ваквиот дефицит од претходните парламентарни избори, во текот на овие осум години, со овој изборен модел, на партијата ù се скратени најмалку 5 пратеници што е еднакво на парламентарна група“, истакнуваат од партијата.
Додаваат дека ваквиот демократски дефицит кој го создава овој изборен модел не смее да продолжи.
Според нив, гласот на граѓаните мора еднакво да биде вреднуван.
„Заради тоа, услов на Левица, за било каква идна влада, ќе биде промена на изборниот модел, воведување на една изборна единица и императивен мандат на пратениците“, се истакнува во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.