Регион
САД: Реториката на Додик е страшна

Соединетите Американски Држави го сметаат лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, за закана за стабилноста и се подготвени да реагираат на секоја закана за опстанокот на Босна и Херцеговина како држава, изјави американскиот амбасадор во Сараево, Мајкл Марфи.
Во интервју за телевизијата N1, чии делови беа објавени на веб-страницата во текот на денот, Марфи ја оцени како целосно неприфатлива „страшната реторика“ што Додик ја употребува во своите изјави, особено неговите закани за отцепување на Република Српска од државата Босна и Херцеговина.
Тој потсети на изјавите на Додик, како онаа дека „не сака да го дише истиот воздух како и Бошњаците“ нагласувајќи дека тоа мора да ги загрижи сите, вклучително и меѓународната заедница.
Разузнавачките процени на американската влада, рече Марфи, укажуваат колку Додик претставува закана за Босна и Херцеговина и за нејзината иднина поради што од 2017 година е цел на санкции, кои му забранија да патува во САД и ги замрзна неговите средства.
„Ние ќе продолжиме да го правиме тоа. Користевме санкции за да ги повикаме поединците одговорни за ова однесување и ќе продолжиме да го правиме тоа. Бевме јасни и останува нашата политика дека нема да се воздржуваме кога станува збор за Додик и кој било политичар, кој ја турка земјата кон конфликт, тоа не е во интерес на САД и нема да дозволиме тоа да се случи“, рече американскиот амбасадор.
Тој објасни дека тоа значи оти САД нема мирно да ја набљудуваат можноста за избувнување нов конфликт на почвата на Босна и Херцеговина и затоа силно го поддржуваат продолжувањето на воената мисија на Европската Унија (ЕУФОР), но и решеноста на НАТО да не дозволи секаков безбедносен вакуум во таа земја.
„Нашата политика е цврста и јасна и тоа е случај во последните 30 години. Ние ги поддржуваме територијалниот интегритет, суверенитет и мултиетничкиот карактер на БиХ, тоа е наш интерес и нашата намера е да го браниме“, рече амбасадорот Марфи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Тројца загинати и седум лица во тешка состојба по превртување на автобус кај Сремска Митровица

Состојбата на повредените во тешката сообраќајна несреќа што се случи кај Сремска Митровица, во која животот го загубија три лица, и понатаму е сериозна, изјави денеска директорот на Општата болница во Сремска Митровица, д-р Војислав Мирниќ.
„Хоспитализирани се 39 пациенти. Од нив, седум се со потешки повреди и се наоѓаат на одделенијата за интензивна нега, додека 15 пациенти се подготвени за отпуст,“ рече Мирниќ.
Тој прецизираше дека 13 пациенти од Одделението за општа хирургија и двајца од Одделението за ортопедија се во стабилна состојба и наскоро ќе бидат пуштени дома.
„Се врши дополнителна дијагностика за сите пациенти, а во наредните 48 часа очекуваме уште дел од нив да бидат подготвени за отпуст. Посетите во болницата се дозволени од 14 до 16 часот,“ додаде Мирниќ.
Во несреќата, која се случила на патот меѓу Сремска Митровица и селото Јарак, загинале три лица – две на самото место и едно во болница, од последици на тешките повреди.
Вкупно 61 патник бил прегледан во митровачката болница, а 39 лица биле задржани на лекување. Осуммина се на интензивна нега, дваесетмина на општа хирургија, а единаесетмина на ортопедија.
Еден пациент е префрлен во Ургентниот центар во Нови Сад, а друг во Белград на понатамошно лекување.
Автобусот на превозникот „Сирмиум бус“, кој превезувал работници, под засега непознати околности излетал од патот и се превртел. Возачот на автобусот, Д. К. (1955), е уапсен поради сомнение дека ја предизвикал несреќата во која загинаа три лица. Нему му е одредено задржување до 48 часа, по што ќе биде изведен пред надлежното обвинителство со кривична пријава.
Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.