Македонија
Тошковски во посета на оперативниот тим „Кафез“ и Регионалниот центар за гранични работи „Север“

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во рамките на дешените работни активности оствари работни средби со оперативниот тим „Кафез“ и со Регионалниот центар за гранични работи „Север“.
Оперативниот тим „Кафез“ е формиран со цел поголема ефикасност на полицијата во делот на лишување лица од слобода, кои се барани по потерници, и бележи значителни резултати и покрај катастрофалните услови во кои работат од аспект на возила, материјално-технички средства и просторни услови. Исто така, беше разговарана потребата од реструктуирање на организациските единици, кои работат во делот на потрагите, и формирање една централизирана единица за потраги за поефикасно постапување.
„Во рамките на Регионалниот центар за гранични работи ‘Север’ функционираат полициските станици за граничен надзор и гранични проверки на северната граница кон Србија и Косово, аеродромот во Скопје и Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија. Од страна на раководството бев запознаен со нивната работа и проблемите со кои се соочени и во тој контекст беше посочено дека има недостиг на кадар и возила, особено во делот на прекуграничниот криминал и странци. Во иднина треба да се изврши анализа на постоењето и ефикасноста на определени организациски единици во делот на граничниот надзор и да се предвиди нов и поефикасен начин на работа, кој ќе се темели на користење на највисоките технолошки достигнувања“, издвои министерот Тошковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Оставката на Папазов помина на владина седница

Владата ја прифати оставката на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.
Советот на општината ќе треба да назначи в.д. градоначалник на Кочани, откога одлуката ќе биде објавена во „Службен весник“.
Инаку, Папазов ја поднесе оставката по пожарот во дискотеката „Пулс“ каде животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени и префрлени низ клиниките во земјава и странство.
Папазов по оставката беше приведен и одреден му беше притвор. Во куќен притвор се и неговите двајца претходници од градоначалничката фотелја.
Според истрагата, тројцата осомничени градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до 16 март кога се запали дискотеката, не ги извршиле своите правни обврски во согласност со Законот за заштитата и спасувањето, со што овозможиле кабарето „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење угостителска дејност. За целиот овој период, како што беше истакнато, Општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект.
Македонија
„Вреди“: Посакуваме Бектеши да ја докаже невиноста, не сакаме ниту еден Албанец да биде одговорен за Кочани

Коалицијата „Вреди“ посакува ексминистерот за економија од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши да ја докаже својата невиност во случајот со лиценцата за дискотеката „Пулс“ во Кочани, без оглед на ривалството со Интегративците.
„Без разлика што сме лути политички противници, не сакаме ниту еден Албанец да биде одговорен за трагедијата во Кочани. Но, за тоа одлучуваат правосудните органи, а не политичките чинители“, велат од „Вреди“.
Понатаму додаваат дека ДУИ веќе се претвориле во партија чија единствена идеологија е одбрана на своите поранешни функционери. За таа нивна цел, како што додаваат, се подготвени да ги бојкотираат локалните избори и да се обидат да предизвикаат политичка криза.
„Кога ДУИ зборува за систем, треба да одговори на што точно мисли. На системот кој нивниот режим го создаваше 22 години, додека беа дел од сите Влади на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ? На Јавното Обвинителство на Ислам Абази? На бегалците од правдата Артан Груби и Прпарим Бајрами? На системот на владеење кој од голобради функционерчиња на ДУИ направи милионери на грбот на Албанците? На системот во кој имаше селективна одговорност за трагедиите со модуларната болница во Тетово, Ласкарци, Беса транс?“, се додава во соопштението на коалицијата на албанските партии која е дел од владејачката гарнитура.
Понатаму заклучуваат и дека колку и да се препелка ДУИ, колку и лажно да се претставуваат како фактор меѓу Албанците, политичкиот крај на ова нивно корумпирано раководство пристигнува.
Македонија
Обезбедувачот на Мицкоски за 50.000 евра оддавал службени тајни, приведен е

За 50.000 евра откривал полициски службени тајни од истрага. Припадникот на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски е во притвор.
Од Обвинителството објавија дека се гони за Оддавање службена тајна. Вечерта на 30 март, на паркин пред хотел во Велес, се сретнал со сведок во постапка и му покажал службени документи на МВР, што претставуваат службена тајна.
Обезбедувачот му дозволил на сведокот и да ги снима документите, а и му кажувал кој документ на што се однесува.
Обвинителството побара притвор во траење од 30 дена, што беше прифатено од страна на судот.
За ова кривично дело предвидена е затворска казна од најмалку една година.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција укажува дека ниту лицата, ниту документите во овој предмет, не се поврзани со лицата и групата од Грчец, како што во текот на вчерашниот и денешниот ден објавија дел од медиумите.