Економија
ЦЕФТА и заедничкиот регионален пазар како инструмент за забрзана интеграција кон ЕУ-пазарот

Денес, во Котор, се одржа регионалната средба на лидерите од Западен Балкан со слоганот „Еден регион, заедничка визија“. Овој настан ги собра лидерите од Западен Балкан, како и претставниците на многубројни организации и клучни актери во процесите на пристапување кон Европската Унија. Средбата беше фокусирана на разговори и имплементација на двата главни столба од планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. На средбата домаќин беше претседателот на владата на Црна Гора, Милојко Спаиќ, а ја посети и Даниела Гачевиќ, вршителка на должноста директорка на Секретаријатот на ЦЕФТА.
Ширењето на заедничкиот регионален пазар и раниот пристап до единствениот пазар на ЕУ се од суштинско значење за забрзување на економскиот напредок на регионот, како и на процесите на пристапување кон ЕУ, смета Гачевиќ.
„За време на денешниот разговор ги истраживме стратешките начини на кои би можеле да ги искористиме ЦЕФТА и заедничкиот регионален пазар за унапредување на амбицијата на регионот да се приближи до единствениот пазар на ЕУ. Ова вклучува решавање на проблемите со големите редови на камионите на премините со ЕУ со проширување на зелените коридори ЦЕФТА – TCT. Покрај тоа, разговаравме и за договорите за оценка на усогласеноста, кои се сметаат за делотворен механизам за отстранување на визите за извоз на нашите индустриски производи. ЦЕФТА исто така ги поддржува напорите релевантни за овозможување на регионалната употреба на алатки за е-идентификација, како што се е-потписите, како и олеснување на движењето на критичните лекови“, наведе Гачевиќ.
По успешните самити во Скопје и Тирана, лидерите на Западен Балкан усвоија декларација со која ја зацврстуваат својата посветеност за целосна имплементација на акцискиот план за заедничкиот регионален пазар и ги означуваат приоритетните области за претстојниот план. Оваа нова агенда ќе се концентрира на унапредување на трговијата преку овозможување неограничено движење стоки и услуги внатре во ЦЕФТА. Покрај тоа, ќе се фокусира на развој на човечкиот капитал, подобрување на деловното опкружување и конкурентноста, како и унапредување на дигиталната трансформација.
Преку декларацијата исто така е пофален напредокот постигнат во врска со зелените коридори ЦЕФТА – TCT, а истовремено се повикуваат страните на ЦЕФТА да ги завршат преговорите за дополнителниот протокол 7 за решавање спорови (AP7). За време на состанокот Гачевиќ ја потврди посветеноста на ЦЕФТА за зајакнување на економиите во регионот, застапување на економската интеграција, зајакнување на трговијата, унапредување на дигитализацијата и регионалната соработка. Таа заклучи дека ЦЕФТА на патот на регионот кон Европската Унија ќе продолжи да служи како катализатор за напредокот и услугите на регионот на патот кон Европската Унија. Како потсетување, неодамна усвоениот нов план за раст на Европската комисија за Западен Балкан ја препознава ЦЕФТА како централен механизам за управување со заедничкиот регионален пазар, еден од клучните столбови на планот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.
Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.
Економија
Владата работи на зголемување на просечната плата, најави Мицкоски

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со растот на платите во државата, со оглед на најновите статистички податоци, според кои просечната нето плата бележи раст и изнесува 45.800 денари, изјави:
„Прво што сакам да кажам е дека и тоа не е доволно. Дека треба да биде уште поголема просечната плата, и во таа насока продолжуваме, како Влада, да работиме. Но и самиот факт и бруто и нето, од просечната плата растат повеќе од 11% е демант за сите оние, би рекол, некрофили во рамките на опозицијата, кои што изминатиов период континуирано конструираа и лиферуваа лаги во јавноста, дека платите не растеле, дека платите стагнирале итн. Но овие податоци коишто пристигнуваат се само доволен доказ дека тие, освен тоа што не говорат вистина, шпекулираат, конструираат и креираат невистини. Друго ништо не можат да сработат и токму затоа таква е состојбата во опозицијата, и токму затоа народот ја изгуби довербата во нив.“
Владата продолжува да работи, рече премиерот, за граѓаните да имаат уште повисоки примања.
„И нормално, ние како Влада продолжуваме и понатаму да работиме за уште повисоки примања на работниците, затоа што тоа е наша цел, да испорачаме тоа што граѓаните од нас очекуваат.“, објасни Мицкоски.