Свет
Захарова ги предупреди ЕУ, САД и Киев за украинските напади врз Русија: Си играте со оган
Русија ги предупредува САД и ЕУ, како и Киев, кој го контролираат, дека си играат со оган во врска со терористичките напади на украинската армија и дека Русија ќе одговори, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Таа рече дека режимот во Киев изврши уште еден масовен напад со беспилотни летала и поморски дронови на Крим, Краснодарскиот крај и другите руски региони и дека Русија уште еднаш го предупредува Западот за овие напади дека си игра со оган и дека Русија ќе одговори.
Захарова посочува дека е очигледно дека зад овие „варварски напади“ со западно оружје стојат САД и Велика Британија, кои, како што наведе, го контролираат украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Тие не само што ја снабдуваат со ракети и тешко оружје со зголемен дострел, туку даваат зелено светло за нивна употреба против Русија, со што придонесуваат за натамошна ескалација на конфликтот“, рече Захарова.
По повод одлуката на естонскиот парламент да ја поддржи иницијативата за конфискација на рускиот имот, кој Талин го замрзна во корист на Украина, таа рече дека Русија ќе ги класифицира сите незаконски акти на конфискација на нејзиниот имот како директен грабеж и кршење на одредбите на меѓународното право.
„Непријателските дејствија на балтичките држави кон нашата земја не се нешто ново и едвај сме изненадени. Балтичките држави по правило се користат како полигон за некакви антируски идеи. Во однос на иницијативата на естонскиот парламент , го потврдуваме ставот дека сите незаконски дејствија на одземање на руски имот ги квалификуваме како директен грабеж, кршење на одредбите на меѓународното право“, посочи Захарова.
Како што наведе таа, доколку оваа законска иницијатива стапи во сила, Естонците, всушност, ќе создадат историски преседан: ќе уништат еден од вековните основи на постоењето на западното општество, принципот на неповредливост на приватната сопственост.
„Покрај тоа, во изјавата на првиот заменик генерален директор на ММФ, Гита Гопинат, од 7 мај, се наведува дека плановите на Западот да ги искористи средствата на Руската Федерација може да го поткопа глобалниот монетарен и финансиски систем“, изјави Захарова.
Во исто време, таа го привлече вниманието на фактот дека за време на актуелната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Кина, двете земји во заедничка изјава остро ги осудија „иницијативите за запленување имот и имот на странски земји“ и укажаа на правото на таквите земји да преземат одмазднички мерки во согласност со нормите на меѓународното право.
„Русија неизбежно ќе се води од ова неотуѓиво право“, рече Захарова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

