Свет
Лавров: Следната средба меѓу Путин и Шји во јули
Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески колега, Шји Џјинпинг, планираат да се сретнат за време на самитот на Шангајската организација за соработка (ШСО) во јули, кој е дел од претстојниот дипломатски календар меѓу двете земји, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Ова го изјави на денешната средба со кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Џи.
„Ве чекаме, драг министере, драг пријателе, на состанокот на министрите за надворешни работи на БРИКС, во Нижни Новгород, за помалку од еден месец. Нашите лидери ќе се сретнат и за време на самитот на SCO во јули во Астана. Подготвуваме настани за одбележување на 75-годишнината од воспоставувањето на нашите дипломатски односи“, му рекол Лавров на Ванг.
На средбата тој изразил благодарност до Пекинг за неговата „урамнотежена позиција“ за решавање на конфликтот во Украина, соопшти денеска руската МСП, пренесува „РИА новости“.
Шефот на руската дипломатија го поздрави предлогот на кинескиот претседател Џјинпинг за организирање мировна конференција со рамноправно учество на Москва и Киев, што ги зема предвид интересите на Русија, додаваат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Хорор во Америка, регистрирани неколку напади на ајкули
Три лица се повредени во напади на ајкула во Тексас и Флорида, соопштија денеска официјални лица.
Ајкула каснала за стапало, млад човек недалеку од плажата на Флорида и тој бил пренесен во болница, јави Си-ен-ен.
Во Тексас, група од четири лица наишла на ајкула додека пливала во океанот веднаш до брегот на островот Јужен Падре.
Ајкулата каснала двајца од нив, а уште едно лице од групата било повредено додека се обидувало да им помогне. Две лица кои биле каснати од ајкула биле пренесени во болница во Браунсвил.
„Појавата на ајкули не е вообичаено во Тексас“, велат локалните власти.
Според податоците на Меѓународната организација за следење напади на ајкули, Тексас имал само 10 напади на ајкули од 2012 година. Најмногу имало на Флорида, дури 259, потоа на Хаваи – 76, Јужна Каролина – 45, додека 31 напад на ајкула е забележан во Северна Каролина и 29 во Калифорнија.
Европа
Столтенберг: НАТО беше однапред информиран за одењето на Орбан во Москва
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека Алијансата била однапред информирана за заминувањето на унгарскиот премиер Виктор Орбан во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин.
Столтенберг на самитот на НАТО истакна дека Орбан патува во својство на премиер на Унгарија и дека нема да го претставува НАТО, чиј член е Унгарија, во Москва, пренесува Ројтерс. Орбан рано денеска пристигна во Москва и по пристигнувањето рече дека со оваа посета ја продолжува мировната мисија, откако неодамна го посети Киев каде разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Столтенберг рече и дека НАТО работи на подготовка на Украина за приклучување кон алијансата.
„Се што правиме, правиме за да ја направиме Украина посилна и поподготвена да се приклучи на нашиот сојуз“, рече тој, додавајќи дека очекува земјите-членки да обезбедат повеќе воздушна одбрана и муниција на Украина.
Столтенберг додаде дека Украина треба да одлучи кои се прифатливите услови за мировни преговори. Од друга страна, според него, нема индиции дека Путин е подготвен за мир.
Европа
Кир Стармер официјално назначен за нов премиер на Обединетото Кралство
Британскиот крал Чарлс денеска му го довери мандатот за формирање на новата влада на Велика Британија на лидерот на Лабуристичката партија, Кир Стармер, по убедливата победа на неговата партија на парламентарните избори.
Назначувањето на Стармер за премиер беше потврдено од Бакингемската палата.
„Кралот го прими уважениот Кир Стармер и побара од него да формира нова влада. Стармер ја прифати понудата“, соопшти Бакингемската палата, пренесува „Гардијан“.
По Бакингемската палата, Стармер се упати кон Даунинг стрит, каде што се наоѓа седиштето на британската влада. На општите избори во ОК, Лабуристичката партија освои 410 од 650 места во долниот дом, со што стави крај на 14-годишната влада предводена од конзервативците.
Претходно денеска, сега веќе поранешниот премиер Риши Сунак му поднесе оставка на кралот Чарлс.